16 декември, 2022 г.
Романот за деца „Во душата на немиот свет“ од писателката и поетеса Даниела Илијоска, вчера беше промовиран во НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.
Книгата е во издание на Здружението за литература и други уметности „Креативна верига“, а финансирана од Министерството за култура. Водител на настанот беше Јордан Коцевски, додека рецензент и промотор беше Маја Мојсова. Воведен збор имаше директорот на библиотеката, Милчо Јованоски.
Романот за деца „Во душата на немиот свет“ енергично пулсира, канејќи ги на книжевна авантура не само децата, туку и возрасните. Отворени се сите двонасочни патеки, за размена на мислења, но и взаемно учење на едни од други, децата од возрасните, и обратно. Како катализатор во овие односи, се јавува повторно шумата, со сите нејзини жители. Симболично, пораките кои ги оставаат растенијата, животинките, птиците, но и останатите елементи од природата и појавите, се всушност пораки, кои човештвото треба континуирано да ги пренесува и применува кај секои нови и нови генерации. А, случките во романот, дел се предизвикани од природните текови, вообичаени појави, што се случуваат во таква средина, а дел ги носат влијанијата на човекот кон природата. Со подеднакво изразен интерес читателот ги следи и оние позитивните, и оние негативните дејства на децата и возрасните во шумската средина. – се вели, меѓу другото, во рецензијата за книгата.
Романот, покрај своите уметнички вредности, се вбројува и во листата на дела, што ја збогатуваат литературата за деца, која во последно време сѐ повеќе се популаризира.
НУ Библиотека