Промовирана „Мисловно патешествие“ од Наде Ќосеска

Промовирана „Мисловно патешествие“ од Наде Ќосеска

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 23 Dec 2022

23. 12. 2022 г. 

Вчера во присуство на голем број љубители на пишуваната реч во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше промовирана првата  збирка раскази од охридската писателка Наде Ќосеска  насловена „Мисловно патешествие“.

Промотор на книгата беше Томе Скендероски нејзиниот пријател и еден од личностите кои ја поттикна да ја создаде збирката по низата успешни претставувања на дел од нејзините раскази преку социјалните мрежи. Скендероски со доза на одгoворност пред јавноста рече:  -Книгата содржи петнаесет бисерни умствени прикази кои опфаќаат еден концепт на донесување ликови и настани. Среќен сум што Наде на голема врата со оваа збирка влегува на писателската сцена. Сигурен сум дека петнаесетте приказни се дел од нас , сите ние на еден или друг начин ги живееме и доживуваме и оттука слободно можам да речам дека наде е мајстор на кусиот расказ.

Скендероски пред публиката накусо се задржа на дел од расказите и рече:  – Нашата Наде пишува, дава и бара одговори и не тера да размислуваме на пример за следново:  Дали има втора шанса во љубовта? Дали може да има квалитетен живот без партнерска љубов?  Животот не ги сака слабите по дух, егоистите и сите оние кои се плашат од борба и пораз. За нив нема утеха колку и разум и логика да внесуваат во своите оправдувања.

Според Скендероски, убедливо најемотивната приказна  од збирката е „Писмото пристигна во октомври“  … Го срозува читателот до солзи. Трагична е немоќта на мајката да го изгледа своето чедо. Тешко е замисливо нешто пострашно некому да му се случи. Таткото со неговиот машки принцип е сосема друга прикаска и нема слух за женскиот принцип. А за женскиот инстинкт, уште помалку.

Во збирката на пример е објавен  и расказот „Лик“.  Прекрасен расказ за охридската легенда Владо Паунче – Скитник. Легенда уште за време на животот, легенда во филозофијата затоа што патувањето е еден од начините на спознанието, легенда во занаетот, легенда во уметноста и легенда меѓу самите охриѓани.

Неодамна Ќосеска за оваа  збирка раскази ја доби наградата „ Пелистерски ракувања“ од издавачот Дата ПЕСНОПОЈ од Битола. Таа на крајот од промоцијата заблагодарувајќи се рече:  -Ова е значаен ден за мене. Моето перманентно присуство со моите поединечни раскази на социјалната мрежа Фејсбук денеска е крунисана со оваа збирка на кратки раскази што сметам дека ќе ја краси вашата домашна библиотека. Ако оваа збирка раскази дојде како мелем на вашата душа, ја разгали вашата душа и ве поттикне и втурне во некое ново ваше и само ваше мисловно патешествие ќе се исполни во целост мојот сон дека моето творештво конечно ќе ја најде смислата. Целта ќе е постигната и поттикот да не застанам во мојот творечки поход ќе е загарантирана.

Воведничарот на промоцијата Милчо Јованоски, директор на Библиотеката рече дека  збирката уште утре ќе се најде на полиците за издавање, како и во роднокрајното одделение во кое се застапени сите литературни творци од Охрид и тие кои твореле и творат во него.

Извадоци од расказите читаше Јелена Јованоска.

-Можеби Охрид е мал град, но треба да сме среќни што во него живеат големи луѓе кои во разни области постигнуваат значајни успеси и дела, Наде е една од нив , рече Јованоски.

НУ Библиотека