3 април, 2024 год.
По повод роденденот на славниот дански писател Ханс Кристијан Андерсен (1805-1875), на 2 април се прославува Меѓународниот ден на книгите за деца. Оваа година пораката стигнува од Јапонија, а насловот е „Преку морето на крилјата на фантазијата“, а авторка е Еико Кадоно, познатата јапонска писателка, добитничка на наградата „Х. К. Андресен“ за 2018 година. Ликовното решение на постерот е на популарната јапонска уметница Нана Фурија.
Преку морето на крилјата на фантазијата
Приказните патуваат носени на крилјата,
радосно наслушнувајќи го биењето на твоето срце.
Јас сум патувачка приказна. Летам насекаде.
На крилјата на ветрот, на крилјата на брановите,
или понекогаш на ситните крилја на песокта.
Се разбира, летам и на крилјата на птиците-преселници.
И на крилата на авионот.
Седам покрај тебе. Ги вртам страниците,
ти раскажувам приказна, онаа која сакаш да ја слушнеш.
Сакаш ли да чуеш необична и зачудувачка приказна?
Или тажна, или страшна, или смешна?
Ако во моментов не ти е до слушање, и тоа е в ред.
Но знам дека еден ден ќе посакаш приказна.
Кога тоа ќе се случи, само кажи:
„Патувачка приказно, дојди. Седни покрај мене!“
И јас ќе долетам.
Имам толку многу приказни за раскажување.
Што велиш за приказната за малиот остров на кого му здодеало да биде сам
и научил да плива за да замине и најде пријатели?
Или за приказната за таинствената ноќ во која се појавија две месечини.
Или онаа за загубениот Дедо Мраз.
Ох, слушам како срцето ти бие се’ посилно.
Чук-чук, туп-туп, бум-бум.
Патувачката приказна скокна во тебе и го забрза твоето срце.
И ти набргу ќе станеш приказна, ширејќи ги крилјата в лет.
И така се роди уште една патувачка приказна.
Читајте им на децата уште од најмала возраст. Не дозволувајте да пораснат само пред паметните телефони, таблетите, компјутерите… Ете, можете денес да го почнете заедничкото читање токму со песната на Еико. Тоа е најмалку што можете да направите за поквалитетна иднина на вашето дете
Исклучете ги компјутерите и земете книга – денеска е светски ден на литературата за деца!
Денот на литературата за деца за првпат бил прославен во 1967, а оттогаш секоја година во светот се одбележува на 2 април за да се промовира љубовта кон читањето кај децата и да се нагласи важноста на книгите.
Датумот го означува роденденот на Ханс Кристијан Андерсен, прочуениот дански автор, познат по делата како „Грдото пајче“, „Малата сирена“, „Девојчето со кибритчиња“ и многу други.
Настанот го промовира Меѓународниот одбор за книжевност за деца, кој секоја година има посебна тема и порака. Пораката за 2022 година е „Приказните се крилјата со чија помош секојдневно се вивнувате во светот на фантазијата“. Темата ја прикажува моќта на книгите за деца да ги прошират хоризонтите, да ја развијат имагинацијата и да изградат разбирање.
Вчера не посетија воспитните тимови од ЈОУДГ Јасна Ристеска -објект централна со воспитните тимови од големите групи: 5-6год. Ружица Томоска, Габи Дејкоска; Зорка Димоска,Весе Блажеска, Катарина Довлева.
НУ Библиотека