Вчера во Прличевата одаја на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид гостуваше Македонското културно-уметничко друштво „Св. Кирил и Методиј“ од Пула, Хрватска.
На средбата беше претставено севкупното творештво на Милена Златеска, претседателка на Друштвото, која со својата долгогодишна активност придонесува за негувањето и промовирањето на македонската култура и традиција во Хрватска.

Милена Златеска е родена на 3 јануари 1964 година во Македонски Брод. Таму завршила гимназија, а Економскиот факултет го завршила во Прилеп.
До 5 март 1992 година живеела во Македонски Брод со своите родители, а потоа заминала во Република Хрватска. Во Пула ја продолжила својата животна приказна со сопругот Ратко Златески, кој во тоа време веќе живеел и работел во градот. Заедно имаат три ќерки.

Уште од доаѓањето во Пула активно се вклучила во работата на македонските асоцијации. Во повеќе мандати била благајник на МПЦО „Св. Јоаким Осоговски“ – Пула, како и дописник за весникот „Македонски глас“. Неколку години била административен секретар и член на Советот на македонското национално малцинство за Град Пула, како и член на Советот на македонското национално малцинство за Истарска жупанија. Била и секретарка и потпретседателка на Македонското културно друштво на Истарската жупанија „Св. Кирил и Методиј“ – Пула.

Денес е претседателка на МКД ИЖ „Св. Кирил и Методиј“ – Пула, членка на Управниот одбор на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, членка на Советот на македонското национално малцинство за Град Пула и членка на Редакцискиот одбор на „Македонски глас“. Таа е и секретарка на Македонската православна црковна општина „Св. Јоаким Осоговски“ – Пула.

Златеска е членка и на Хрватското книжевно друштво – Риека, „КУЛТура сНОВА“ – Загреб и Книжевно-ликовното друштво „Решетари“, како и државјанка на Поетската Република на Банатскиот културен центар „Ново Милошево“.

Поезија пишува уште од средношколските денови, а нејзини песни се застапени во бројни македонски, хрватски и меѓународни книжевни зборници и антологии. Во 2012 година била застапена со десет песни во стихозбирката „Избор песни на македонски автори од Хрватска“, а досега има објавено шест стихозбирки.

Посебно место во нејзиното творештво има збирката со македонски народни песни „Песна низ вековите“, која има 1.800 страници и е поделена во четири тома. Златеска е нејзин приредувач.
Како и при посетата точно пред две години, и овојпат во Прличевата одаја одекна македонската песна во изведба на пејачката група на Друштвото, во која, покрај Македонци, членуваат и Хрвати.

Дружбата во Библиотеката продолжи со поетско читање на автори од Охрид, Струга и Пула: Мирко Томовски, Ристе Миладин, Теодора Витасовиќ, Митре Мангоски, Бранка Орлиќ, Виолета Ачкоска, Злата Кукуљ, Митко Колјушевски, Стојан Георгиев, Миладин Угреновиќ, Луција Шкариќ и Габриела Давидовска Баниќ. Овој дел од настанот го водеше писателот Мирко Томовски.

Настанот со своето присуство го збогати и Живко Поповски – Цветин, кој ги црташе своите познати „цвеќиња на мирот“. Цветин на Милена Златеска и на охридскиот, светски познат уметник Јордан Манасијевски им подари по една Цветинова награда за мир.

На почетокот на средбата, м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар, во име на директорката на Библиотеката, Христина Трпеска, ги поздрави гостите од Пула и присутните. Во име на установата, на Милена Златеска и на Друштвото им подари колекција од новите изданија на Библиотеката и од други македонски издавачи.

За возврат, Милена Златеска на Библиотеката ѝ подари примероци од својата најнова збирка со македонски народни песни.
Повеќе фотографии од настанот побарајте на нашите ФБ страници: https://www.facebook.com/bibliotekaohrid
НУ Библиотека











