Со Прличевата визита во Националаната установа што го носи името на поетот и преродбеник од 19 век – Прличев, денеска беше заокружена традиционалната манифестација Прличеви беседи 2026 .
Настанот со поздравна реч го отвори директорката на Библиотеката Христина Трпеска која рече:
– Со особена чест сакам да Ве потсетам на неколку факти сврзани со нашиот ден. Чествувањето на најистакнатиот деец на 19 век, преродбеник и ловороносец Прличев почнува во далечната 1952 година кога на 27 јануари Советот за просвета, наука и култура од Охрид одржал советување со раководителите на претпријатија, установи, просветни работници и граѓани на Охрид, по повод одбележувањето на 59 годишнината од смртта на Григор Прличев. Свечената вечер се одржала на 7 февруари 1952 година во 19 часот, во салата на тогашниот Градскиот народен театар кој се наоѓал во денешниот простор помеѓу НУ Библиотека „Григор Прличев“ и куќата на поранешниот градоначалник на Охрид, Анастас Чорбев.

Следната, јубилејната 1953 г. на 60 годишнина од смртта на патронот на Библиотеката официјално се смета за почеток на традиционалната културна манифестација „Прличеви беседи“.

Трпеска во своето обраќање пред бројните гости од Охрид и Македонија потсети и на реалзираните проекти во минатата година и она што ќе биде приоритет на Установата во 2026 година:

Минатата 2025 беше плодна за НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид. Реалзиравме над 30 проекти како дел од Годишната програма за работа финансирана од страна на Министерството за култура и туризам. Главен проект и настан беше враќањето на Пчињското евангелие кое датира од крајот на 16 век во Библиотеката.

Тоа до октомври 2025 беше на реставрација во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје и близу десет години се чуваше во нивниот трезор. Евангелието сега е во нашиот трезор а веќе е готова и репликата – копијата која наскоро на соодветен начин ќе биде како поставка достапна за јавноста.
По втор пат лани станавме добитници на наградата „Јаков од Камена Река“ за најиздавачи на ниво на Македонија .

Библиотеката за оваа 2026 година во Министерството за култура и туризам конкурираше со рекордни 45 нови проекти во библиотечната, издавачката и меѓународната дејност,фестивалите, секторот за инвестиции и за првпат во секторот за евроинтеграции.

За првпат годинава влегуваме во редот на институциите од културата кои имаат делигиран буџет. Сами ќе треба домаќински да ги распределиме средствата за проектите кои ќе сметаме дека ни се приоритет за реазлиција и ќе донесат ново културно и книжевно раздвижување кај нас.

Наскоро ќе биде готова и реновираната Прличева одаја со нов лик и содржини, подготвена да ги прими пред се’ роднокрајните писатели но и нивните македонски колеги и соработници од регионот, кажа Трпеска.

Во чест на 133 годишнината од смртта на Прличев – Вториот Хомер премиерно беше прикажан документарниот филм „По стапките на Прличев“ по сценарио и режија на м-р Милчо Јованоски, вработен во Библиотеката. Снимањето на филмот го помогна Општина Охрид а за потребите на Библиотеката филмот го продуцираше LOVE & LIFE STUDIO од Охрид. По прокецијата авторот Јованоски рече:

– Одамна во мене тлееше желбата за Прличев да се направи посебен документарен филм токму во рамките на нашата Библиотека. Во филмот со свои искажувања за Прличев и неговиот живот и дело зборуваат 11 еминентни професори, доктори на науки, слависти и македонисти и историчари. Тие фрлаат нова зрак светлина врз неговата преродбенска, книжевна и национална вредност актуелна во неговиот XIX век. Би ги набројал и во оваа пригода посебно им благодарам за инспиративните искажувања на д-р Кристина Николовска, д-р Димитар Пандев, д-р Елизабета Шелева, д-р Лилјана Гушевска, д-р Анастасија Ѓурчинова, д-р Александра Ѓуркова, д-р Искра Тасевска Хаџи Бошкова , странците – македонисти д-р Ала Шешкен и Маќеј Кафка, како и магистер Горан Митрески и Христина Трпеска. Во филмот се поместени и сеќавања на Кирил Прличев, синот на Григор Прличев – поетот.

Документарецот се занимава со духовната врска меѓу Прличев и Свети Климента, неговите славни беседи пред охриѓани кај црквата Богородица Перивлепта, со неговото познавање на италијанскиот јазик и преведувањето.Соговорниците се осврнуваат и на длабочината на неговите дела Сердарот и Автобиографијата, но и на неговото трагање по сопствениот идентитет и конечното осознавање, откако тој ќе биде свесно отфрлен и од Грците и од Бугарите и се враќа во својата таткојна Охрид“, рече Јованоски.

Тој пред присутните ја обзнани и честитката добиена на неговиот мејл од правнуката на Прличев – Олга Прличева од Софија, која упатува честитки за Беседите и сите организатори и искажува подготвеност да соработува со него за да се реалзира одмана планираното интервју.

Во рамките на визитата беше доделена и наградата за најдобра беседа, по распишаниот конкурс од страна на Библиотеката под наслов: „По песната птиците се разликуваат“. Лауреат на четвртиот конкурс е средношколката Софија Стојанова од Струмица. Нејзе и припадна наградата- ваучерот од 9000 денари и признание со ликот на Прличев што и ги врачи директорката Трпеска.

Годинава на Конкурсот пристигнале 17 беседи рече во образложението на жирито претседателката Татјана Дурнева, професор по македонски јазик и литература во пензија:

-„Има мисли што се кажуваат и има мисли што се врежуваат. Има зборови што минуваат низ времето, и зборовги што времето го минуваат.Мислата на Григор Прличев „По песната птиците се разликуваат“ припаѓа на втората категорија. Таа не е само кажана , таа е осмислена, проживеана и оставена како морален аманет.

Во оваа кратка, но длабока реченица, Прличев не ја сместил само својата поетска дарба, туку и својата животна филозофија. Тоа е мисла што не ја мери вредноста по формата, туку по суштината, не по изгледот, туку по содржината, не по гласноста, туку по смислата, стои во наградената беседа , рече Дурнева честитајќи му на организаторот на конкурсот и на сите млади автори кои преку беседите го чуваат споменот за Прличев жив.

Софија Стојанова е ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица таа ја прочита беседата пред присутните и се заблагодари за наградата.

На Прличевата визита по традиција се служат локум и леблебија а поетите дебатираат за своите нови преокупации.
НУ Библиотека












