Денеска Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани престојува во Охрид, Тој беше во прва работна посета на институциите од областа на културата по неговото назначување на функцијата.
Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ беше пречекан од директорката на установата Христина Трпеска и вработените.
Трпеска, накусо го запозна министерот Сулејмани со тековното работење, но и со состојбите и проблемите со кои Библиотеката се соочува во секојдневието. Посебно внимание во разговорот беше посветено на програмите и проектите што институцијата ги подготвува за следната година, а кои се дел од нивните предлог-програми во рамки на Годишната програма на Министерството за култура и туризам.

Директорката Трпеска ги презентираше и своите планови и приоритети, како и потребите за унапредување на условите за работа, реализација на квалитетни програмски содржини, нови проекти и создавање можности за поголема достапност на културните содржини до граѓаните и посетителите.

Сулејмани го истакна значењето на Охрид како еден од најзначајните културни центри во државата, со исклучително богато културно наследство, но и со динамичен и препознатлив современ културен живот. Тој посочи дека воспоставувањето директна и континуирана комуникација со културните институции е една од неговите заложби, со цел преку непосреден увид во работата да се согледаат реалните потреби и заеднички да се утврдат приоритетите за нивен натамошен развој.

„Охрид има посебно место во македонската култура. Тука се среќаваат богатото културно наследство, традицијата и современото творештво. Нашата обврска е да го зачуваме она што го наследивме, но истовремено да создаваме услови културата да живее, да се развива и да биде достапна до сите.

Тоа можеме да го постигнеме само со силни институции и со партнерски однос со луѓето кои секојдневно го создаваат и го чуваат културниот живот“, рече Сулејмани.

Тој нагласи дека Министерството за култура и туризам останува посветено на поддршка на работата на културните установи, особено во делот на квалитетните програмски содржини, заштитата и афирмацијата на културното наследство и создавањето услови за современ културен развој.

Работната посета на Охрид следуваше по синоќешното присуство на министерот Сулејмани на завршниот концерт со кој беше заокружена музичката програма на 66-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.


Министерство за култура и туризам
НУ Библиотека










