Вчера во „Прличевата одаја“ на НУ Библиотека „Григор Прличев“ беше промовирана книгата „На иста адреса“ од aвторите Христина Деолска и Миле Ѓорѓијоски од Македонска Каменица. Во книгата на спонтан начин се запишани грст стихови и афоризми кои се нивна определба.
Во предговорот на книгата авторот Миле Ѓорѓијоски ќе запише: На секоја песна од Христина Деолска на следната страница, јас одговарам со афоризми. Книгата може да се доживее како разговор помеѓу поет и сатиричар, каде секој разговара на својот јазик. Во книгата има 39 песни и 195 афоризми.

Христина на темата време ѝ приоѓа емотивно, тажно, рефлексивно, понекогаш навидум и со чувство на безнадежност. Од другата страна, јас со моите афоризми правам обид читателот да го вратам на земја, во реалниот свет.

Промотори беа новинарот и публицист и познат афористичар Витомир Долински и Милчо Јованоски, виш библиотекар, новинар и публицист.

Долински во својата промотивна колегата Ѓорѓијоски го нарече Итар Пејо на нашето време и додаде:
-Имајќи ги во вид неговите бројни дела во различните сатирични жанрови и добиените признанија на најзначајните домашни и регионални конкурси и фестивали, Ѓорѓијоски е моментно еден од најуспешните, најсестраните и најнаградувани балкански сатиричари од средната генерација.

За поупатените познавачи на македонската книжевна историја, секако, не е никакво изненадување тоа што нашата афористика котира така високо, а оние кои подобро го познаваат творештвото на Миле Ѓорѓијоски сигурно воопшто не ги изненадува неговиот остварен успех, имајќи ја предвид неговата четиридецениска посветеност на сатирата, вложениот труд, но и раскошниот талент поради кој, не случајно, стана толку свој, посебен, препознатлив.

Нашето повеќевековно народно творештво, бројните зборници на народни умотворби во кои мародните поговорки, пословици, гатанки, епиграми и други куси форми се вистински показател и доказ за раскошниот народен дух, како и веќе легендарниот Итар Пејо, на крајот на краиштата, секако, се онаа плодотворна база, темелот врз кој, во текот на дваесеттиот век, израсна модерната македонска афористика, заклучи Долински.

Промовирајќи ги стиховите на Христина Деолска кои се дел од книгата „На исто место“ Милчо Јованоски нејзината поезија ја оцени како несекојдневна спој на реалното и имагинацијата со куси но суштински длабоки мисли и пораки кои после читањето ќе ве прогонуваат.

Според него, Христина напати во песните е кротка, нежна а напати бунтовна и подготвена да се соочи со предизвиците на животот кој знае често да шиба и да боли, но и да има убави страници со стихови кои бликаат од радост и енергија која покрева и жубори како најчистите потоци.

Дијалогот помеѓу поезијата на Христина и афоризмите на Миле во оваа книга ме потсетуваат на делото „Дон Кихот“од Сервантес и на истоимената симфониска поема на Рихард Штраус. Тоа е спојот на двата светогледа – оној на Дон Кихот и оној на Санчо Панса. Првиот возвишен и мудар и вториот , животно мудар и духовит, ќе рече рецензентот на книгата Слободан Мартиновиќ.

Додека траеше промоцијата младата илустраторка Софија Ситновска го покажа својот талент за цртање и уметничко изразување.

Стихови од книгата „На исто место“ пред присутните читаше библиотекарот Бети Лазеска – Симоноска.
НУ Библиотека












