4 февруари, 2024 г.
Настанот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид во рамките на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ во вторник ( 6 февруари ) од 13 часот ќе биде во знакот на одбележувањето на 130 годишнината од објавувањето на неговата „Автобиографија“.
„Охридската визита“ ќе започне со изведбата на неповторливата „1762 лето“ во инструментална изведба на КУД „Ѓердан од бисери“ а извадоци од Прличевата „Автобиографија“ ќе чита Даријан Ангелоски.
Беседа за Прличев под наслов: Григор Прличев – метонимија на македонската гордост и страдање ќе одржи професор д-р Елизабета Шелева. Во дел од беседата д-р Шелева ќе рече:
-Од една страна, Прличев беше доволно умен, образован, даровит – за да може (повеќе од сите околу себе) во срж да ги согледа и непогрешливо да ги разлачи и докосне нештата во светот и околу себе, а потоа (по налог на својот личен комфор и мир) – пресметано да ги одмолчи и премолчи видените гадости и сторените туѓи неправди. Од друга страна, Прличев беше фрлен во вителот на балканските проклетства, социо-економски и културни асиметрии – кои НЕ му дозволија чесно и заслужено да ужива во плодовите на својот труд и талент, ами до крај да се јадосува и однатре да се премерува со остриот сатар на сопствената заповед (на прочуената негова максима) “Совршенство или смрт”!
Младата студентка Алма Шемо од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје , по потекло од Охрид е годинашна добитничка на ласкавата награда за Најдобра беседа на распишаниот конкурс од страна на охридската Библиотека под наслов: „Како против пизмата?“.
Реч за наградената беседа ќе одржи професор Татјана Дурнева – претседателка на конкурсната комисија а потоа откако ќе и’ биде врачена наградата – авторката Шемо ќе прочита извадок од беседата.
Свое обраќање на визитата во улога на домаќин ќе има и директорот на Библиотеката, м-р Милчо Јованоски кој пред присутните ќе направи кус пресек на достигнувањата на установата меѓу двете одбележувања на патронатот.
„Охридската визита“ во рамките на беседите е финансиски поддржана од Министерство за култура и Општина Охрид.
НУ Библиотека