ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје почна со дигитализација на старите збирки

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје почна со дигитализација на старите збирки

Posted by Milco Jovanoski in Околу нас 25 May 2021
25 мај,2021 г.
Дигитализација на збирката на стари и ретки книги, стари весници и фотографии од фондот на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје е носител и организатор на Проектот „Дигитализација на збирка на стари и ретки книги и фотографии од фондот на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, финансиран од Град Скопје и Градоначалникот, а воедно е дел од Програмата во областа на културата од јавен интерес за Град Скопје за 2020 година.
Според планираните и одобрени средства од Град Скопје – Одделот за дигитализација го направи следниот распоред на одобрените средства:
Се набави софтверска алатка ОМЕКА, што претставува веб-платформа за приказ и промовирање на дигитални колекции со прилагодена функционалност за означување на дигиталните содржини. ОМЕКА е едно од најпопуларните „open-source“ решенија во светот и е наменет за институциите кои сакаат да го дигитализираат и промовираат културното наследство. Со инсталација на оваа алатка се овозможи:
Развој на предниот дел на дигиталната библиотека (оптимизација на html, css и javascript);
Развој на задниот дел од дигиталната библиотека (оптимизација на код за PHP, додавање додатоци) со цел проширување на функционалноста за потребите на библиотекарството;
Внесување на основна содржина: ставки од менито, уредување на насловната страница и до 10 други страници за активирање на дигиталната библиотека и подготвка на библиотеката за дигиталните колекции што треба да ги внесе клиентот.
За успешна имплементација на ОМЕКА, библиотеката обезбеди хостинг и домен со следниве карактеристики: Linux платформа, MySql – дата база, SSD хард диск, C –panel, SSL сертификат;
Веб – алатката ОМЕКА е инсталирана во ноември 2020 година на три компјутери во Одделот за дигитализација.
Започнато е дигитализирање на збирката на стари и ретки книги, сопственост на градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Збирката се состои од старопечатени книги на македонски јазик до 1948 година. Според жанрот преовладуваат дела од областа на: историјата, географијата, литературата, општественото право, психологија, педагогија. Збирката е значајна, бидејќи ги содржи првите изданија на овие дела, исто така содржи „архивска граѓа“ за историјата на македонскиот јазик, литература и култура. Потоа Збирка на старопечатени книги на латиница од 16 до 19 век. Збирката се состои од наслови кои датираат од 1566 година (Басни од Езоп) до 1954 година, на латински, старогрчки, француски, англиски и германски јазик, книги со естетско и техничко обликување од висок квалитет (ex libris, специјална подврска, специфичен формат, оригинални илустрации, гравури и портрети на познати владетели и монарси). Книгите имаат историска и уметничка вредност. Во збирката се содржани: речници, збирки на поеми, есеи, басни, записи од патувања со географски карти, прирачници од областа на природните науки. Збирката има голема важност според својата старост и вредност на податоците, како и според богатството на илуминации. Збирка на старопечатени книги на кирилица и Збирка на старопечатени книги на арапски и турски јазик.
Дигитализирани книги од роднокрајни автори, разгледници, фотографии од земјотресно и постземјотрсно Скопје. Дигитализација на периодични публикации, дневни и неделни весници, ревии, списанија од фондот на одделот Периодика. Дигитализација на весникот „Вардар“ од 1934 година. Обезбедени се авторските права за дигитализација на сатирично-хумористичниот весник „Остен“ од 1966 година.
Обработените дигитални објекти, (книги, фотографии, весници) достапни се за широката јавност на следниот линк https://digitalna.gbsk.mk/index.php поставен во состав на веб –страницата на библиотеката www.gbsk.mk.
Нашата цел е библиотеката „Браќа Миладиновци“, да стане централен систем за сите библиотеки во земјата кои ќе ја обезбедат и користат оваа веб –платформа, со што ќе се добие еден интегриран систем и ќе се има увид што се скенира, по кои параметри и ќе се обезбеди соодветна унификација на дигиталните објекти, како и на метаподатоците, кои во догледна иднина ќе бидат поврзани со COBISS.МК, со што ќе се заокружи една целина во начинот на квалитетно презентирање на сите информации за нашите корисници.
Извор: Веб страница на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје