18 јули 2022 г.
Во петокот во посета на НУ Библиотека „Григор Прличев“ беа група жени претставнички на Центарот за управување со промени и Националната Платформа за женско претприемништво во југозападниот плански регион предводени од Неда Малеска – Сачмароска, извршна директорка на ЦУП и Сузана Наумовска, координаторка на Националната платформа за женско претприемништво во Југозападниот плански регион.
Милчо Јованоски, директор на Библиотеката накусо ги информираше гостинките со историјата на установата, делокругот на работа, набавната политика на библиотеката на книги и нејзиното функционирање. Тој го потенцираше придонесот на жените во Библиотеката, потенцирајќи дека од 17 вработени дури 12 се жени и во духот на женското претпримеништво ги обелодени нивните креативни преземања, иновации и севкупната нивна вклученост во развојот на Библиотеката особено за време и пост Ковид -19 кризата.
На средбата присутните разменија корисни искуства а беа покренати и иницијативи за идна соработка и можноста жените – вработени во Библиотеката да се вклучат во идни проекти на ЦУП и Националната Платформа за женско претприемништво во југозападниот регион.
Неда Малеска-Сачмароска, порача дека секаде во светот па и кај нас, женското претприемништво значително ќе порасне со примената на новите дигитални технологии. Жените претприемачки веќе се препознаени како клучни придонесувачки за раст на националните економии и подобрување на условите на локално ниво.
Во присуство на Сузана Наумовска, координаторката Националната платформа за женско претприемништво во Југозападниот плански регион директорот Јованоски потпиша декларација за унапредување, поддршка и промоција на женското претпиремништво на национално и меѓународно ниво.
По обиколката на Библиотеката и нивното воодушевување дека таа е од отворен тип, гостинките го пофалија и функционирање на отворената и бесплатна 24 часа летна библиотека наменета за странските туристи.
Тие го посетија и Летниот саем во ладовина и купија книги кои наскоро ќе ги донираат.
Попладнето учествуваа на завршната конференција на проектот „Мерки за зајкнување на женски бизниси по Ковид -19“ кој се одржа во Охрид.
НУ Библиотека