Нови наслови во нашата Библиотека

Нови наслови во нашата Библиотека

Posted by Milco Jovanoski in Нови книги 24 Nov 2021

24 ноември, 2021 г. 

Неделниот преглед на нови книги во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид е микс од автори од домашната и светската книжевна продукција.

 

Тука се двете збирки со раскази од Лилјана Пандева „Заорани“ и второто издание на „Два Божика“, стихозбирката „Почетни координати“ од хрватската поетеса Моника Херцог и книгата составена од критики и рецензии за книги „ 2 Минути и 40 реда“ од Александра Јуруковска .

 

Насловот  ја носи реалната симболика на малиот простор кој  и се отстапува  на културата во медиумите . Издавач на веќе споменатите изданија е ПНВ Публикации од Скопје.

На пултот за зајмување од денеска читателите може да ги побараат и книгите во издание на Матица македонска: „Крв и убавина“ од Сара Дунант, „Последното патување на Валентина“ од Санта Монтефјоре и „Современо семејство“ со поднаслов: „Прирачник за преживување“ од клиничкиот психолог Најџел Лата.

И покрај постојаните набавки и збогатувањето на фондот со нови наслови НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид се соочува со проблемот позајмени а не вратени книги. Од таа причина Библиотеката во јуни одлучи да ги повика сите корисници кои зајмиле книги до 2020  а не успеале да ги вратат, да го сторат тоа најдоцна до 31 декември, годинава. Целта е  книгите повторно да го продолжат својот живот меѓу читателите.

Потсетуваме дека годишната  членарина за деца – ученици е 200  а за возрасни 300 денари. Библиотеката за читателите е отворена од понеделник до петок од 8 и 30 до 18 и 30 часот.

НУ Библиотека