Донација на ЕМИТЕР за нашата библиотека

Донација на ЕМИТЕР за нашата библиотека

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 06 Apr 2022

7 април, 2022 г. 

Националната установа Библиотека “Григор Прличев“од Охрид е збогатена со вредна донација на списанија и брошури од сферата на стручната литература.  Друштвото за развој на научно-техничката култура ЕМИТЕР д.о.о. од Скопје го збогати фондот на  библиотеката во Охрид донирајќи по еден примерок од сите сите достапни броеви на стручното месечно списание ЕМИТЕР  – 146 броеви и 4 брошури од сопствената издавачка продукција.

ЕМИТЕР е месечник кој редовно излегува од далечната 1995 година и е првото и единствено македонско списание за популаризација на науката и техниката. Содржински може комотно да се смести во ранг на стручна литература. Негува многу области од науката и техниката од кои најзначајни се: електроника, информатика и вештачка интелигенција, електротехника, машинство, енергетика, автомобилска техника, астрономија и астронаутика, историја и археологија, медицина, хемија, физика и астрофизика, математика и т.н.. Сите овие рубрики се застапени во форма на кратки вести и новитети, теоретски текстови, едукативни текстови, научно-истражувачки трудови во додатокот ЕУРЕКА, рецензии и тестови, одговори и толкувања на разни заблуди од техниката и науката.

Но секако, најзначајниот и најбараниот сегмент се комплетните проекти за самостојна  градба на електротехнички и електронски направи и уреди, аудио уреди, автоматски системи, машински склопови и т.н.. Овие проекти се многу значаен извор на теми и знаења за изведување на семинарски, матурски и дипломски трудови за потребите на средношколците и студентите.

Од името на  библиотека посебно му се заблагодаруваме на уредувачкиот тим на  ЕМИТЕР и на нашиот сограѓанин Томе Скендеровски за  вредната донација и сме во очекување на примероци од новите изданија на оваа издавачка куќа, кои секако ќе се вистинско богатство и извор на релевантни информации од сферата на науката и техниката, насушно потребни за нашата читателска публика.Скендеровски е редовен соработник на ЕМИТЕР и негови популарни и стручни статии се објавувани во ова и во другите списанија и весници во земјава.

НУ Библиотека