5 февруари, 2021
Промотор на монографијата „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан “ беше познатиот охридски новинар и публицист Владо Жура, вљубеникот во Охрид од 19 век.
Пред мене е една книга, поточно монографија – хроника на еден културен настан “Прличевите беседи“, со која охридската библиотека ја одбележува 70.годишнината на оваа сега веќе култна манифестација. Во неа, покрај воведот, поместени се податоци за иницијативата за “Беседите“ во далечната 1952 г., хронологијата на манифестацијата , искажувања на беседниците, секако тука е и Блаже Конески, како еден од првите, па се нижат спомени за “Прличевите визити“ и сеќавања на современици на Прличета, беседи изречени во последните 25 години како и имињата на лауреатите на прличевата награда за најдобра поема напишана на македонски.Тука се и цитати од беседи на домашни и странски автори псветени на делото на Прличета.
Значи вистинска монографија , сведоштво со сите нишани. Да одиме по ред. Идејата за чествување на Прличета тлеела со децении, имало иницијатива за подигање соменик на овој грандиозен лик уште во 1913 г. , но околностите и балканските војни не го овозможиле тоа.
Еден студен ден кон крајот на јануари1952-та,тогашниот Совет за просвета, наука и култура свикал проширена седница на која ја презентирал програмата изготвена од Одборот за просвета и култура за организирање манифестација посветена на Прличета. Се развила дискусија, мошне плодородна од страна на присутните и учители, и чиновници, занаетчии, и директори на претпријатија и установи, и доктори, и претставници од сите слоеви на граѓанството. Се расправало за две теми – организирање прослава и подигање паметник! Писателот Радослав Петкоски ги запознал присутните дека Варош-градското јадро веќе од претходната година почнало организирано да го прославува ликот и делото на Григор Прличе, Борис Бојаџиски сметал дека делото на Прличета е толку грандиозно што треба се се прославува цел месец на територијата на целата република, Славе Хаџишче дал предлог со програмата за прославата да бидат запознаени сите културно-просветни и научни институции,академии и факултети,како и да се издаде весник за таа цел, д-р Вангел Шорко дал предлог да се распише конкурс за најуспешно поетско или прозно остварување посветено на Прличета….
Идеи болук а пари ич!- што би рекле.
Ама ентузијазмот бил преголем, почитта кон ликот и делото од страна на неговите сограѓани била премногу силна за да потклекнат и се развила дискусија како да се дојде до средства – да се отвори посебна сметка за таа намена и во неа да се прибираат средства од доброволни прилози, од специјални маркици за на ревер, од продажба на картички и постери, издавање посебна наменска поштенска марка, процент од билети за театарски и кино претстави, од концерти,ученички приредби… Било како било , времето било кусо до денот на прославата 7 февруари, па бил формиран одбор од 23 души кои забрзано ќе работат на зацртаните цели и подготовките. Академскиот вајар Димо Тодоровски им одговорил дека поставениот рок е невозможен за изработка на спомен биста,па поставувањето на споменикот било поместено за идната година- 60.годишнината од смртта! Свечената академија се одржала во преполната сала на Градскиот народен театар а програмата содржела поздравен говор, реферат за животот и делото на Григор Прличе,читање извадоци од неговите дела, членовите на охридскиот театар ја одиграле драматиза- цијата на „Сердарот“, Садиловци ја отпеале “1762 лето“, па следела пригодна реч за творештвото и на крајот сите присутни во салата простум уште еднаш ја запеале песната за посладниот охридски патрик “1762 лето“
Академијата била оценета како повеќе од успешна и Одборот застанал на стојалиште истата да се организира и идната година и така се зачнал зародишот на традиционалните „Охридски беседи“!
Дадениот збор да му се подигне споменик на Прличета бил реализиран идната 1953 година.Претпладнето на 6 февруари до гробот на поетот, учител и народен будител поставена била биста со неговиот лик а се одржало и литературно читање во кое зеле учество Венко Марковски, Јован Бошковски, Гане Тодоровски и Ѓорѓи Абаџиев , па следела драматизацијата на Борис Бојаџиски на „Сердарот“ а утредента се одржала свечена академија на која свои трудови читале Блаже Консеки,Харалампие Поленаковиќ, Крум Тошев, Димче Маленко прочитал сопствена творба посветена на поетот а Караѓуле на крајот ја отпеал песната „Вардаре“!
И така по ред се нижат „Беседите“ година по година цели седум децении Јубилеј за почит и восхит.Во тие 70 лета, одн.зими изречени се многу беседи, панегирици, лични видувања па и окритија за овој величествен ум. Во1997 г покрената е иницијатива за возобновување на неговата родна куќа и веќе идната година се поставени темелите на истата а во 2000 год по повод беседите беше и отворена спомен куќата како своевиден музеј со експонати – фотографии, генеалошко стебло, документи и предмети што му припаѓале на Григора и на неговото семејство.
Каква улога одиграле, што негувале и колку се значајни во нашиот културен живот во изминатите години од 1977-2021г., збгатено со факти, богато илустрирано ќе најдете токму во оваа монографија. Некој ќе рече книга, книга за на рафт, една од многуте што ќе фаќа прашина, денес чумо ни е книга кога сѐ има на интернет. Простете, за мене не е така! Јас и да седам пред монитор, пред тв приемник или мекамлиски да пијам чаша вино или обично кафе и кога погледот ќе ми падне на книгите во мојата библиотека , тој поглед ми буди спомени од моето детство, од моето момчештво, од мојот живот! И оваа книга ја сфаќам така- читајќи ја ми разбуди топли спомени во душата за најраните мои детски години за докторот Шорко, за Нада Ставриќ од Мискаровци, за учителката Славка од Банџа Балаури, за Хаџишчета, Точко, Бојаџиски па и за Конески ! Во училишните години мојот втор дом беше Библиотеката и прекрасните совети на библиотекарите и кога се наоѓаше во куќата на Ѓурчиновци и кога се пресели во некогашната Митница- пред очи ми се и се уште ми одзвонуваат гласовите на љубезните Вера од Групчевци, Стојан Милошоски, Елена од Цуцуљон, Дика Плевнеш, Софе, Слободан, Марика од Саричка…и сите други со кои сум сорабоувал во изминативе децении!
Да и се вратам на книгава.
Тука има страници во кои има искажувања дури и на современици на Прличета. Старата Санта од Пирузета се сеќава дека Григор често доаѓал во нивната куќа, педесетина чекори ќестрме под Прличевата, водел муабети со Димитрија Пармак, разменувале мисли?! Необично, навистина! Ќе ми дозволите една дигресија, секако не без причина .Знаете кој бил Димитри Пармак- секако ви е познат од песните “Фанче ојде во Калишча “ во придружба на Димитри а и од песната за Деспина – „Голема риџа ти чинам„„“ во која авторот пее „Бог го убил тој Пармага, Димитри чапкунот*, тој је мамит три години и пак не је зеде“. Деспина од Петрета Паунчета, во тоа време најличната мома, со колџии ја грабил Ристаки Грдан и ја одвел Битола,од каде таа успеала да избега дури Анадолија, на Мраморно Море, во градот Бруса/Бурса од каде мајка и Марија испраќа писмо/овластување до маалскиот старешина Стефан Паскали да го продаде сиот движен и недвижен имот што се води на Марија , нејзните деца Деспина, Аристотел и Александар Паунче, преку брат и Никола Минџо да ги исплати сите борџови што ги имаат во Охрид а остатокот да и го испратат нејзе! Речено – сторено!
Каква врска има ова со Прличета?! Има. Токму Прличе Григор е потписник – кефил одн сведок на исполнувањето на договорот од 1868, март 18, заедно со Ангеле Групче, Петар Балашче,…Робе и Ѓорѓи Петруш. Овој и уште многу други новооткриени факти за Прличета беа изнесени и објавени како зборник на трудови и двд-токму од оваа институција библитеката „Григор Прличев“од проектот што беше организиран пред 10 години , насловен како „Прличевата 1762 лето-симбол на непокорот на македонецот“, во кој покрај мене, проф.Димитар Пандев и отец Никола Христоски- како уводничари, зедоа учество и бројни дискутанти со свои прашања, појаснувања и видувања за ликот и делото на преродбеникот.
Авторите на монографијава Милчо Јованоски и Гордана Змејкоска на првите страници ќе запишат- „Свесни сме дека и со собраното и веќе објавеното ни оддалеку не можеме да ги затвориме страниците за Прличев, туку напротив ги оставаме отворени за повторно ние или некој друг после нас да го збогати со нови содржини,мозаикот наречен Прличев“ И навистина, и покрај еве 71 год зад нас ние не сме се потрудиле да дознаеме како се викал дедото на Григора, кој го одгледувал уште како шестмесечно сираче без татко,а за бабата има сознанија дека била од Абрашевци,од која фамилија била и сопругата на Ангеле Групче, одн.мајката на Коче Групче, кому Прличе им бил ем род, ем интимен пријател па дури и кум! Охрид, Варош во времето на преродбата дал грамадни фигури – даскалот Митре Миладин, Јанакиј Стрезо, Кузман (Паскали) Шапкарев… во тоа време дал видни личности и на Грција и на Бугарија па и на Србија – толку мало место, една грста жители и сите меѓусебно роднински поврзани. А Охрид е ризница. Треба само да се дувне прашината од старите хартии, писма, алваџиски тефтери и пожолтени слики , тука кај нас, во Музејот или во Архивот и камче по камче да се пополнува мозаикот и така да се открива, демистифицира и осознава вистинската слика за Прличе и за Охрид. Тоа им го оставаме на младите поколенија, да откриваат и да ги збогатуваат наредните „Прличеви беседи“.
Благодарам за вниманието, моите искрени честитки до авторите на монографијата и до сите неуморни работници во Библиотеката и нека ни е честит јубилејот- вечно да го славиме името и делото на нашиот велик даскал Григор Прличе !
Владо Жура, Охрид
___________________
*чапкун – развратник, уличар, коцкар, никаквец