Вечерва во Струмица ќе биде одржана промоција на Зборникот „ Уште едно навраќање кон Конески“

Вечерва во Струмица ќе биде одржана промоција на Зборникот „ Уште едно навраќање кон Конески“

Posted by Milco Jovanoski in Огледало 24 Dec 2021

24 декември, 2021 г. 

По повод стогодишнината од раѓањето на великанот на современата македонска култура Блаже Конески, како културен настан од Националната програма „2021-Година во чест на Блаже Конески“, која е дел и од календарот на значајни меѓународни јубилеи на УНЕСКО, и како дел од завршните активности во рамките на манифестацијата „Струмица – Град на културата 2021“,  денеска  (петок) во 19 часот во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде одржана промоција на Зборникот „ Уште едно навраќање кон Конески“, кој го приредија проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, универзитетски професор и истакнат македонски историчар на книжевност, книжевен теоретичар и славист и Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и еден од најплодните македонски публицисти.    

Зборникот „Уште едно навраќање кон Конески“, чиј издавач е Општина Струмица, всушност е своевидно продолжение на претходниот „Навраќање кон Конески“ што го приредија Свето Стаменов и проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, со кој Општина Куманово во мај годинава ја одбележа стогодишнината од раѓањето на Конески.

„Уште едно навраќање кон Конески“, чиј уредник е доц. д-р Ана Витанова – Рингачава, содржи 44 трудови на триесетина врвни познавачи на животот и делото на великанот Блаже Конески, кои секој од свој аспект фрлаат нова светлина врз творештвото на Конески, но кои во целина ќе предизвикаат нови проширени сфаќања и оценки за неговото грандиозно дело. Сепак, она што му дава посебен белег на Зборникот е тоа што во него се застапени и поголем број автори од помладата генерација од кои до право се очекува да го продолжат делото на великанот Конески.

Градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов, во името на издавачот – Општина Струмица, за зборникот, меѓу другото, истакнува: „Овој Зборник претставува богат трезор, обемна збирка на лингвистички, книжевно – научни и културолошки проследувања и толкувања на делото на великанот. Конески веруваше во идејата дека длабоко проникнатата мисла и акцијата на поединецот, можат да направат културолошки пресврт, суштински важен за помалите народи, како што е македонскиот. Но, тој силно веруваше во моќта на малиот човек, оној кој живеел во нераскинливо единство со традицијата и од неа ја црпел силата да создава и да остава траги зад себе. Токму тој, Големиот од Небрегово, носејќи на себе товар од мудрост и знаење, црпени од мислата на своите предци, тргна да ги освои висините. Стигна до таму, до каде што неговите претходници сонуваа, до местото од кое тргна да се разгранува и да вишнее силниот збор на македонски јазик. Оттаму ги ископа пораките што ги вгради во својата „проста и строга македонска песна“ и ни ја остави како аманет, да се закрилиме во нејзините пазуви, секогаш кога некој ќе посегне по нашето најсвето.“

Универзитетскиот професор и наш истакнат лингвист, славист и македонист Људмил Спасов, кој е еден од рецензентите на „Навраќање кон Конески“ и на „Уште едно навраќање кон Конески“ во својата рецензија, меѓу другото, истакнува: „Причината за објавување на овие два зборника не е само јубилејот на нашиот Блаже Конески – 100 години од неговото раѓање, туку таа е повеќезначна: да се афирмира делото на Конески; да се покаже како оние што пишувале за Конески го восприемаат неговото дело; да се покаже тематската разновиднот и сето богатство на делото на Конески; да се покаже дека делото на Конески и еден од основните столбови на современата македонска култура. Овој зборник има уште една важна задача: да ги подучува помладите за Конески и да ги воспитува на родољубие за да ја ценат и да ја сакаат македонската култура.“

Вториот рецензент, универзитетскиот професор и наш истакнат лингвист, славист и македонист Димитар Пандов, пак, истакнува: „Конески е еден од првите што во македонската слобода почна да ги чествува своите претходници. И не само да ги слави и прославува туку и да остава бележита и печатена трага низ времето. Конески се впрегна во одбележувањето на годишнините на патроните на македонската земја, ‒ на Климент Охридски, на страдалниците за македонскиот збор, ‒ на Миладиновци и на Прличев,  на опитните преткодификатори на македонскиот јазик, особено на Крсте Петков Мисирков… Наша е сега можноста да го чествуваме Конески, не само пригодно туку и со бележит збор, збор што ќе остане навек во книга многуавторна, налик на оние средновековни кодекси на кои ниту забот на времето ниту прашината не им можат ништо (…) Таков ќе биде и овој зборник, зашто во него блажеконески се поврзуваме и повозрасните и помладите, оние што го знаевме Конески повеќе од жив збор, отколку од печатен, и оние што го знаат од сказните, се разбира, ‒ нашите, и од сторенијата, ‒ Конеските, и можат објективно да се  сообразуваат со неговата лингвистика и поетика. Зашто, ништо не е однапред дадено. И сѐ е макотрпно здобиено и грижливо негувано, ‒ особено развојот на македонскиот јазик“.

На промоцијата со пригодна реч ќе се обрати градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, а промотори на зборникот ќе бидат проф. д-р Људмил Спасов, досегашен претседател на Советот за македонски јазик при Владата на Република Северна Македонија и проф. д-р Димитар Пандев, како и уредникот на изданието доц. д-р Ана Витанова – Рингачева.

Инаку, Зборникот „Уште едно навраќање кон Конески” на проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ и Свето Стаменов, како и претходниот „Навраќање кон Конески“, со сето она што го содржат, несомнено може да се сметаат и за јасен и недвосмилен македонски одговор на сите негирања и посегања, вклучувајќи ги и најновите што во последниве години доаѓаат од соседна Бугарија, по посебноста на македонската нација, на нејзиниот национален идентитет, на нејзината историја и, особено, на македонскиот јазик.

 

„УШТЕ ЕДНО НАВРАЌАЊЕ КОН КОНЕСКИ“

Зборник на трудови посветени на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески

приредувачи: проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ и Свето Стаменов

уредник на изданието: д-р Ана Витанова – Рингачева

рецензенти: проф. д-р Људмил Спасов и проф. д-р Димитар Пандев

издавач: Општина Струмица, 2021.

 

Застапени трудови:

-Ана Витанова – Рингачева: Реч на уредникот

-Свето Стаменов – Атанас Вангелов: Синтеза на македонскиот дух

-Андреј Стојковски: Бескрајноста на едно течење

-Људмил Спасов: Беседа за Блаже Конески во 21 век

-Влада Урошевиќ: Исправен пред походот на злото

-Иван Доровски: Блаже Конески и Јозеф Добровски

-Ана Витанова – Рингачева: За недостигот и недостижното

-Алла Шешкен: Блаже Конеский в диалоге с русской классикой

-Лилјана Макаријоска: Историјата на македонскиот јазик во научниот опус на Блаже Конески

-Вера Стојчевска – Антиќ: Секогаш со самоосознаен одговор

-Димитар Пандев:  Говорењето своја песна како чин на комуникација

-Венко Андоновски: Зошто најубавите песни на Конески се „долги”

-Радомир Ивановић:  О  теорији спонтаности и сложеној једноставности лирских минијатура Блажа Конеског

-Цане Андреевски: Разговори со Конески – XI

-Веле Смилевски: Послание за животот и поезијата

-Владимир Мартиновски: Дијалогот на Блаже Конески со средновековниот фрескопис

-Јасмина Мојсиева – Гушева: За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

-Ана Мартиноска: Конески како собирач и публикувач на народното творештво

-Емилија Црвенковска: Блаже Конески за Добромировото евангелие

-Искра Пановска – Димкова: Фонетско – фонолошки изразни средства во поезијата на Блаже Конески

– Лидија Тантуровска: Песната „Караорман” од Блаже Конески

-Namita Subiotto: Kraljevič Marko v makedonski poeziji: od epskega junaka do lirskega subjekta

-Иван Котев: Во светот на цветот

-Васил Тоциновски: Песните со посвети од Блаже Конески

-Трајан Гоцевски: Блаже Конески до Македонците

-Марија Иванова: „Јазикот е нашата единствена и неподелена татковина”

-Milan Jazbec: Blaže Koneski – trajen in temeljen akademski in državniški pečat

-Стефан Марковски: Науката и поетската еволуција на Конески

-Славчо Ковилоски: Запис за Блаже Конески

-Ана Витанова – Рингачева: Лечебна е моќта на блажената Блажева поезија

-Марија Пандева: Инхоативноста во прозата на Блаже Конески наспроти неговата поезија

-Весна Мојсова – Чепишевска: Архитекстуалноста и интертекстуалноста во дијалогот на П. Зографски, Б. Конески и руската литературно – јазична научна и културна мисла

-Сузана Мицева: Сезона на песната. Времето во поезијата на Блаже Конески

-Људмил Спасов:  Улогата на фреската „Седмочисленици” во афирмирањето на култот на Св. Кирил и Методиј во Југоисточна Европа

-Ольга Панькина: Блаже Конески

-Бобан Карапејовски – Марија Пандева: Директното кажување со минато неопределено време (врз материјали од творештвото на Блаже Конески)

-Жарко Кујунџиски: Блаже Конески како текстовен преведувач и заведувач

-Раде Силјан: Блаже Конески – наша поетска школа

-Марина Мијаковска: Фондот на НУБ – доказ за сестраната личност на Блаже Конески

-Димитар Пандев – Марија Пандева: Навраќањата на Конески

-Људмил Спасов: Блаже Конески за ликот на св. Климент Охридски (тихите кандила)

-Марија Брндевска: Блаже Конески за националното преживување

-Пепи Стамков: Молитвите на Блаже Конески

-Атанас Конески: Анегдотите од и за Блаже Конески

-Милчо Јованоски: Зошто го сакам Конески?

-Љубен Конески: Последната средба 1993 година                    *

-Људмил Спасов:

-Кон „Уште едно навраќање кон Конески”

-Димитар Пандев:

-Навраќања на мислата – навраќања во зборот

НУ Библиотека