23 декември, 2021 г.
Авторката Наташа Алексовска од Куманово позната во јавноста под псевдонимот Малечка неодамна ги донира своите пет книги поезија и проза во нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“.
-Активно почнав да пишувам од јуни 2014 год. За неполни 2 месеци напишав 100 песни, коишто со 2 песни од македонски автори посветени на мене ги објавив во прва книга стихозбирка поезија: Посилна од судбината на крајот на 2014 год. Потоа се редат и останати книги: збирка кратки раскази: Трепетот на душата – 2016 год. Роман: Танц од воздишки – 2018 год. Комбинирана книга од поезија и проза во џебно издание: Гласот – 2018 год. Како и најнова книга збирка кратки раскази во џебно издание: Куфер од желби – 2021 год. Од прва книга се потпишувам под псевдоним – Малечка, поради оригиналноста што сакам да остана препознатлив печат за моите книги.
Имам учествувано на многу конкурси во и надвор од моја држава, за коишто сум добила благодарници, признанија.
Во 2015 год.:
– На конкурсот организиран од Фондацијата „Петров“ насловен „Жена, љубов, човек, вино, надеж“ освоив 1. место за песната „Која сум јас без тебе?“;
– По повод 20 дена од смртта на доајенот на битолското и македонско новинарство Димитар Димитровски-Такец од Фондацијата „Такец“ освоив 1. награда за песната „Прегратка“;
– По повод 1 септември – денот на раѓањето на доајенот на битолското и македонско новинарство Димитар Димитровски-Такец, од Фондацијата „Такец“, на тема „Го љубам животот“, освоив 2. место за есејот „Го љубам мојот живот“;
Во 2016 год.:
– На конкурсот од Фондацијата„Такец“, по повод една година од смртта на доајенот на македонското и битолското новинарство Димитар Димитровски-Такец, освоив награда за расказот „Те сакам“.
Во 2018 год. во организација на тим веб-порталот ХОРСЕ РИДЕР на првиот поетски конкурс на слободна тема, се најде мојата песна „Као једно“ во електронскиот зборник на поезија СЛОБОДА, и затоа добив благодарница.
Во 2018 год. во организација на 6 сезона Мили Дуели – Интренационални ОНЛИНЕ поетски контест за земји од Балкан и дијаспора во БИХ, стигнав до 3. круг со 3 песни на македонски и српски јазик: 1. „Да бидеме едно“/„Као једно“, 2. „Бакнеж“/„Полјубац“, 3. „Кажи да на љубовта“/ „Рецимо да лјубави“, и исто така добив признание.
Во организација на тим веб-порталот ХОРСЕ РИДЕР во август 2018 год. на првиот прозен конкурс на слободна тема, во електронскиот зборник на проза – БЕЗ КОРМИЛА се најде мојот расказ „Звук клавира“ или на македонски јазик „Звукот на клавирот“ и затоа добив благодарница.
Во август 2019 год. на 8. Конкурс књижевног стваралаштва на народном говору – дијалекту „Преображенско појање 2019“ за 3 песни на кумановски дијалект освоив 1. место.
Во декември 2020 год. на страницата „Поезија на Софија“, во проектот „Уметноста никогаш не умира“ во антологијата„Замрзнати поеми“ со главен мотив зима се најде мојата песна „Песна за љубовта“. Добив сертификат, вели Алексовска.
Во интервју за порталот ringeraja.mk Малечка ќе рече:
-Отварајќи си ја душата, пишувам за мојата најголема болка, моето страдање, насликано низ бројни нијанси на воздишки… Откривајќи ги најдлабоки желби, своите вечни надежи.. само ни открива колку е всушност силна! Со верба во себе! Со радост и љубов кон животот! Подготвена да се предаде најискрено на пријател и да даде се’ од себе – сета своја љубов, која од срцето на оваа Малечка жена извира во изобилство!
Гордо ги негува спомените уште од времето кога одела во градинка, доживува симфонија од емоции кон секое годишно време, и иако напати се чувствува како птица во кафез, се гуши од кнедлите кои и стојат во грло, ја носи на грб тежината на својот кревет со кој другарува повеќе од што еден млад човек заслужува, а од желби има само неколку скромни -здравје, топол, скромен дом, семејство во кое владее безрезервна љубов и искрени пријателства.
Книгите се, можеби мали по формат и по страници, но се големи, длабоки, тешки. Зошто најтешко е да си ја отвориш душата, а уште потешко е да го направиш тоа пред други, пишува ringeraja.mk
Книгите ги издава сама. Се продаваат по симболична и пристапна цена и може да ги нарачате на нејзините фејсбук и инстаграм профили, а исто така се достапни и на Македоника a отсега можат да се зајмат и во нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.
НУ Библиотека