„Неодоливо сино“ нова книга на Академик Миќуновиќ

„Неодоливо сино“ нова книга на Академик Миќуновиќ

Posted by Milco Jovanoski in Нови книги 14 Dec 2021

14 декември, 2021 г. 

Излезе од печат 113 книга од Академик д-р Миле Миќуновиќ под наслов „Неодоливо сино“. Издавач е НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид. За што всушност се работи?

Неодоливото сино e Охридското Езеро. Toa  е набљудувано од 30 места редоследно како што е прикажано на карта во почетокот на книгата, почнувајќи од Охрид кон Пештани, Св. Наум, продолжувајќи во Албанија во Тушемиште, Поградец… до Лин, па преку Струга повторно до Охрид

Прикажаните 375 фотографии се дело на авторот д-р Миќуновиќ.

Кога се набљудува Охридското Езеро, во кое било годишно време, неговото неодоливо сино укажува дека тоа тукушто се родило, а родено е уште пред појавата на човекот. Tоа е старо околу четири милиони години. Во светот има неколку езера чија старост би можела да се споредува со Охридското Езеро, Тангањика во Африка и Титикака во Јужна Америка. Настанало со вертикално пропаѓање на почвата како и најдлабокото Бајкалско Езеро во Сибир, во Русија, кое е стотина пати поголемо од Охридското Езеро.

Поради неодоливата сина топла боја, која е поинтензивна и од небесното синило, а и поради големината која зафаќа површина од 358,2 км2, Охридското Езеро со право заслужува назив – македонско слатководно море. Се добива впечаток дека пред нас се наоѓа голем морски залив меѓу високи планини на надморска височина од 693,17 метри. Над езерото, на неговиот северен брег се издигнува древниот Охрид, чија највисока точка, Самуиловата тврдина, се наоѓа на околу 800 метри надморска височина.

Елипсовидната форма на езерото овозможува од безброј места, со поглед да се опфати целата негова живописна темносина површина. Од манастирскиот комплекс Свети Наум па сé до селото Радожда на спротивниот брег по водата се протега невидлива гранична меѓа, којашто езерото го дели на два дела. Две третини од неговата површина и припаѓаат на Република Северна Македонија, а една третина на Република Албанија (вкупна површина 358,2 км2, од која на РСМ ѝ припаѓаат 249 км2.)

За бистрата вода чија провидност изнесува до 22 метри што претставува вистинска реткост, помагаат бројните подводни врутоци и изворите кои се наоѓаат во должината на источниот и јужниот брег. Најголемиот број на извори се подземни притоци од соседното Преспанско Езеро, коешто се наоѓа на поголема надморска височина и е исто така создадено со тектонско поместување на почвата.

Најпознати извори се охридските Студенчишта или попознати како Билјанини извори, коишто се наоѓаат во непосредна близина на градот. Силни извори има околу манастирскиот комплекс Свети Наум (29 км јужно од Охрид). Овие извори излегуваат од подножјето на планината Галичица, се собираат во едно живописно езерце кое формирало и две мали островчиња. Кристално бистрата вода од езерцето преку една куса и брза рекичка се влева во Охридското Езеро. Мора да се потенцира дека изворите кај „Св. Наум“, односно 56 отсто, според испитувањата со природни изотопи, потекнуваат од Преспанското Езеро. Најголемиот број површински извори се наоѓаат околу манастирот „Св. Наум“, потоа во околината на Тушемиште и Старово и градот Поградец, Албанија.

На 14 км од Охрид, кај Струга, водата на Охридското Езеро истекува низ реката Црн Дрим, која во Албанија се влева во Јадранското Море.

Релативно нискиот атмосферски притисок, големиот број сончеви денови и многу други климатски погодности на охридското крајбрежие, благотворно влијаат врз човечкото здравје.

НУ Библиотека