Вчера НУ Библиотека „Григор Прличев“ го реализира проектот ,,Калдрмата шепоти за Прличев” по повод овенчувањето на Прличев со Ловоров венец среде Атина во далечната 1860 година.
Учесници во проектот беа учениците од VI одделение од ООУ ,,Григор Прличев” – Охрид заедно со нивниот библиотекар Наташа Митреска.

Учениците проследија наш осврт за творештвото на поетот и преродбеник Григор Прличев. Посебно беа обработени животот и делото раскажани во неговата ,,Автобиографија”, која ја напишал неколку години пред смртта. На учениците им беше потенцирано дека делото е пишувано на охридски дијалект. Јазик на кој се зборувало во Охрид во 19 век.

Во времето кога се уште не бил кодифициран современиот македонски литературен јазик, користењето на охридски дијалект е од суштинско значење и тоа: придонес кон развојот на македонската писменост и доказ дека народниот говор може да биде литературен јазик. Употребата на дијалектот има и подлабоко значење. По своето образование на грчки јазик и престојот во Атина, Прличев свесно се враќа кон јазикот на својот народ. На тој начин, дијалектот станува симбол на неговото национално освестување и духовно враќање кон корените. Тој покажува дека народниот говор може да биде достоен за книжевно изразување.

Разгледана беше и поставката на книги од Григор Прличев, неговото ковчеже за писма, неговиот стол како и едно ретка рачна изработка на чаршавче кои се антиквитети а се чуваат во нашата установа.

Учесниците во проектот ја посетија и родната куќа на Григор Прличев каде од страна на историчар им беше раскажан животниот пат на Прличев, правејќи споредби со напишаното во неговата,, Автобиографија”.

Калдрмата не „однесе“ и до неговото вечно почивалиште, гробот на Григор Прличев.
На сите учесници им беше подарен по еден примерок од ,,Автобиографијата” Овој проект беше дел од Годишната програма за работа на Библиотеката одобрена од Управниот одбор а финансиски помогнат од Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Носител на проектот беше Весна Симоновска, а соработници: Сања Лазареска, Никола Ристовски, Владимир Куциноски и Илија Џајкоски.
НУ Библиотека












