28 декември, 2021 г.
Годинава на листата донатори на книги во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид е и м-р Маре Ристеска од Охрид. Таа е автор на романот „Безизлез“ и збирката „Драми“ промовирани уште во 2018 година кои оттогаш го пробиваат својот пат и живот меѓу читателите.
Нив можете да ги зајмите од библиотеката и да се нурнете во нејзиниот авторски свет. Ристеска на промоцијата говорејќи за нејзините музи рече: – Тоа што ме мотивираше да го напишам романот се животните приказни на луѓето околу мене, пред сè, мојата животна приказна, а потоа и приказните на сите мои блиски или подалечни луѓе чија приказна некако стигнала до моите уши, доживеана, раскажана или прекажана. Сигурна сум, дека секој од Вас ќе се пронајде барем во некоја карактерна црта на моите извајани ликови и ќе се запраша себеси, ќе продре длабоко во својата душа и ќе ја започне својата потрага по сопственото ЈАС. Верувам, дека ќе ги најдете вашите пријатели, браќа, сестри, роднини во нив, а неминовно е да се најдете себеси и да го сфатите вашето постоење, за еден ден да бидете способни да си ја нахраните вашата душа. Пред вас поставувам седум животи, поточно три приказни анализирани од двете страни, машката и женската. Ги поставувам на тасовите од мојата вага двата спротивни пола што се борат за среќата на својата душа или можеби кукавички тонат во својата немоќ. Тоа е приказната на Дарја, Оливер и Петар, Лола и Давид, Мила и Владимир. Љубовни триаголници, страст, разочарување, прељуба. Јас сум Дарја, јас сум Мила, јас сум Лола, јас сум секоја од нив, затоа што во креирањето на нивните ликови јас дадов дел од себе, секоја од нив носи мој печат и белег. Велам дека јас сум секоја од нив, затоа што сум жена и во многу од ситуациите сум се нашла и самата. Што е она што ги поврзува сите нив повелете прочитајте и одлучете до каде стигнаа со своите постапки, успеаја ли или застанаа на она скалило, онај меѓупростор наречен УГОРЕ ВИСОКО- УДОЛУ ДЛАБОКО.
Целта на ова мое творештво е секој да се пронајде во некој од понудените ликови, за миг да се протне во негова кожа и да ја почувствува неговата судбина.
Во драмата „Суд за морални вредности“ моите ликови се обвинети за љубов без брак, за прељуба, незаинтересираност, дури и за насмевка. Но, нели тоа се реалните обвиненија и судови меѓу луѓето?
Во „Фортуна“ проговорувам за ликот на жената во едно минато општество, онаа повлечената, послушната, робот на мажот која го доживува својот пресврт кога нејзиниот живот е ставен во знак прашање.
Драмите „Деспина ќе ја грабиме никој да не знае“ и „Македонско – турска весела свадба„ се поврзани со Охрид и битот кај нас, како и со животот преплетен со минатото и сегашноста.
Маре Ристеска е роденана 17 октомври 1983 година во Охрид. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје а магистрирала драматургија во класата на проф. Јордан Плевнеш на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје. Таа е еден од основачите на младинскиот театарски фестивал „Вдиши театар“ што се одржува во Охрид каде има поставено неколку драми.
НУ Библиотека