Милчо Јованоски:  ЗОШТО ГО САКАМ КОНЕСКИ?

Милчо Јованоски:  ЗОШТО ГО САКАМ КОНЕСКИ?

Posted by Milco Jovanoski in Околу нас 30 Dec 2021

По повод јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески 

На 22 декември, 1967 година,  пред 54 години, советот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на предлог на Републичката комисија за културни врски со странство, го усвојува актот за основање на новата институција: Славистичкиот семинар. Неговите почетни цели и задачи биле да се запознае светската јавност со научните достигања во областа на македонскиот јазик, литературата и историјата, да се зближат научниците-слависти и да се даде поттик за развој на славистичката наука. Идејата за семинарот потекнала од академик Блаже Конески, ја поддржале повеќе професори од Филолошкиот факултет, а прв негов директор бил д-р Александар Спасов.

Првиот Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура се одржал следната 1968 година во Охрид во хотелот „Палас“. За скоро пет и пол децении низ Летната школа поминале над 4.000 учесници од над 50 земји од сите континенти.

Цели 36 години како љубов на прв поглед трае и мојата врска со Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Како новинар и дописник вистината за македонистиката нашиот прозорец кон светот ја ширев и сѐ уште ја ширам преку интервјуата и извештаите преку мојата некогашна матична куќа Радио Охрид, за Радио Скопје, но и како долгогодишен дописник на престижните Дојче веле и австралиското државно радио СБС и порталот Публицитет.мк

Предизвик за мене летово беше  да бидам пак меѓу организаторите и семинаристите и предавачите на 54. Летна школа на Семинарот за македонски јазик литература и култура, воден од фактот што програмски сѐ беше во знакот на големиот Блаже Конески.

Вљубениците во македонскиот јазик и култура ниту пандемијата од Ковид -19 не можеше да ги спречи да дојдат во Охрид и очи во очи наместо на зум да се видат и да го збогатат или да го обноват македонскиот јазик.  Моето основно прашање овој пат беше едноставно и истовремено комплексно: Зошто го сакате Конески?

Разбирливо, првата средба ја имав со домаќинката – директорката на семинарот проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која ми рече: – Оваа година не знам колку пати, ама по разни поводи сум го препрочитувала Конески. Дали е тоа неговата поезија, дали се неговите прозни записи или раскази. За ангажманот за оваа Летна македонистичка школа заедно со напреднатата група семинаристи коишто одлично  го владеат македонскиот јазик и коишто работат во областа на литературата и преведувањето работиме на разговорите со Конески. На часовите ги читаме тие разговори и се обидуваме да ги пренесеме на неколку јазици. Сакаме на семинаристите да им го доловиме и гласот на Конески. Кадифен глас, тополо, искрено и убаво да зборува. Еве сега најмногу го сакам Конески во тие разговори. Најмногу го сакам во таа негова едноставност и скромност и повлеченост. Тој не бил човек којшто сакал да се експонира. Препознавам една голема човечка душа. Гледам дека зад таа скромност се крие извонреден ум, поет и човек значаен на полето на лингвистиката на полето на стандардизацијата на македонскиот јазик. Ние не сме свесни колку многу ни дал Конески. Колку успеал да го издигне македонскиот јазик и да го направи рамноправен со сите други поголеми јазици кои многу пред македонскиот се стандардизирале,рече д-р Чепишеска.

Според неа Конески не треба да го читаме само по повод 100 години од неговото раѓање. Ние сме среќни што живееме во ова време и да можеме да му се поклониме на Конески, ми вели таа:   -И да не биде откако ќе помине годишнината да го заборавиме. Тој треба да се чита и препрочитува постојано. Тој е како некоја библија. Знаев дека Конески има циклус езерски песни и меѓу нив ја најдов песната за Охрид. Сега мене таа ми е така да речеме фаворит. И преку неа од таа негова најрана фаза ја дофатив неговата поетска перспектива за Охрид, додаде Чепишевска.

Со директорката на Институтот за македонска литература д-р Наташа Аврамовска, разговаравме под една од дебелите сенки во опкружувањето на Конгресниот центар каде последнава деценија се одржуваат семинарот и научните конференции потоа.  – И оваа Научна конференција посветена на животот и делото на Блаже Конески се одвива во пандемиски услови. Првиот дел се одвиваше многу успешно со живо ( дирекно ) присуство на учесниците во двете секции а вториот ден помина со онлајн вклучување на наши странски македонисти. Јас доаѓам од Институтот за македонска литература и ние правевме посебен собир на тема Конески. Сепак морам да признам дека оваа конференција и секоја нова средба  во Охрид отвора нови аспекти од тоа негово богато творештво кое што е реализирано навистина и во книжевен и во книжевно – научен аспект во речиси сите сегменти од нашиот македонски јазик.

На прашањето: Зошто го сака Конески, д-р Аврамоска ми рече: – Личен контакт со Конески немав. Меѓутоа, се разбира тој е дел од моето образование. Почнувајќи од учење на јазик, граматика, книжевна историја и неговото книжевно творештво, просто на секој филолог во земјава од еден или друг аспект го проучувал и растел и се образувал со она што тој ни го има оставено. Мене, посебно како книжевен научник и лингвист прво ме фасцинира неговата поезија. Секогаш одново, Конески во неговиот повеќе децениски развој како поет остава различни типови на иманентни поетички книжевни писма и така преку нив и денес комуницираме со него. Често знам да си отворам некоја од неговите лирски, поетски медитации и да си прочитам, за да ми почне денот. Има и нешто друго што кај Конески го сакам. Многу ги сакам неговите студии за македонските преродбеници. Има многу луцидни, проникливи негови читања на нивните дела. Толкување на периодот, особено кога работев еден период и во одделението за литературата од XIX век често се задлабочував во нив.   Посебно сум се воодушевувала  од неговите коментари. На пример, како го толкува Пејчиновиќ.  Во делото „Огледало“ од Пејчиновиќ сврзано со празниците, како треба да ги празнуваме, еве малку анегдотски,како  во тој миг го толкува Конески.  Пејчиновиќ запишал ( вели) : – Не мора да има свештеници, двајца да се тука можат заедно да прослават. А потоа веднаш се поправа или ќе се уплаши да не ја загрози црквата, ќе напише Конески, Пејчиновиќ додава: – Ама секогаш е порано да викнете поп.  Или онаа на Пејчиновиќ:  – Кога детето ќе почне да учи, прво треба да му се отпее молитва. Конески, толку добро ги коментира , така што е вистинско уживање да се читаат неговите книжевно – историски есеи.

Прашувам: Сторивме ли сè Конески. Ќе помине оваа година. Што потоа?

– Мислам дека многу достојно се одбележува оваа годишнина од сите академски и образовни кругови. Се разбира дека секое ново време, препрочитувајќи ја книжевната историја внесува нови моменти.  Овде во Охрид се истакнаа, велам под наводници неговите житија на жени од секојдневниот живот  коишто бараат на друг начин  да се преиспита одреден родов или женски аспект во македонската книжена историја. И во овој дел од историјата на нашиот јазик и литература, како родоначлник пак се истакнува Блаже Конески. Од друга страна можам да речам дека јазикот се популаризира на пример и преку една музичка група Фолтин од Битола. Тие на поетските текстови како  „Везилка“ и други од Конески  прават една музика, современа што ја слушаат младите и на тој начин се популаризира и поезијата. На пример лани беше направен стрип – новела во чест на 70 години од издавањето на романот „Улица“ од Јаневски. Тоа е доказ дека секое време има нови можности и нуди нови форми преку кои ќе се вреднува не само Конески туку и севкупната македонска литературна историја.

На септемвриската Научна конференција се сретнав и со проф. д-р Станислава Сташа Тофовиќ  од катедрата за македонски јазик при филолошкиот факултет „Блаже Конески“, таа во Охрид ја водеше лингвистичката секција.

-Навистина Конески е неверојатна фигура  особено значајна за целосниот подем на нашиот јазик, литература и култура. Има направено толку клучни работи во процесот на стандардизација и негово зацврстување и афирмација на македонскиот јазик и ги поставил темелите на проучувањата од лингвистички аспект на јазикот. Но со секое негово препрочитување откриваме нешто ново. Овде во делот на лингвистичката секција на конференцијата имаше и такви реферати кои фрлија нов зрак светлина врз некои други времиња кои се одамна зад нас. Така, јапонскиот славист Мотоки Номачи се осврна на македонската граматика што ја напишал рускиот филолог Самуил Борисович Бернштајн. Таа долго се сметала за исчезната, но Номачи пред неколку години ја пронашол во Градскиот архив  во Москва. Се знае дека професорот Бернштајн почнал да ја пишува во далечната 1946 година ама до нејзино објавување не дошло поради влошувањата на југословенско – руските односи во времето на Информбирото. За мене а и за сите учесници беше интересно и предавањето на колешката Елена Петровска од УКИМ која сега живее и работи во Аризона – САД која заедно со една нејзина американска колешка ја открија преписка помеѓу Конески и бугарскиот лингвист  и граматичар Леков. Тој уште во шесетите години од минатиот век го признал постоењето на македонскиот јазик како посебен. Таа негова книга во Бугарија подоцна е забранета. Испечатена е добила одобрение за печат, но била повлечена откако политиката замешала прсти. Колешките трагајќи по архиви и лични контакти стигнале до еден примерок од книгата кој е скениран и ќе сведочи за тој период и тој тогашен бугарски поглед на македонскиот јазик.

Ова лето ме израдува и средбата со нашата добра познаничка од семинарските кругови која не испушта ниту речиси едно лето да дојде во Охрид. Академик Ала Шешкен од Универзитетот „Ломоносов“ од Москва.

-Среќна сум што и за време на Ковид пандемијата можам да дојдам во Македонија и да се сретнам со моите колеги и по неброен пат и да заборавам на тој насобран замор, ограничувања и зум случувања. Радосна сум што можам пак да го видам прекрасното Охридско Езеро и да ја почувствувам „божевата хубавина“  таа од „Т’га за југ“. Навистина тагувам по езерото имал право Миладинов. Еве славиме сто години од раѓањето на Конески еден од стожерните личности на македонската култура, на македонскиот јазик и еден од втемелувачите на македонската литература и посебно сум радосна што сум тука.

Зошто го сакате Конески ѝ велам ?

-За жал немав среќа да го запознаам. Доаѓам во Македонија од кога тој веќе не беше жив. Но го чувствувам преку песните и поезијата. Секоја вистинска поезија е тајна. Колку и да бидете стручњак за литература, за поезија, вистинската поезија не може до крај да се објасни. Верувајте во неговата има нешто помеѓу редовите и буквите. Конески, како секој голем поет изнедрил некои зборови и песни практично за секоја ситуација во животот. Специјално преку него можете да го разберете Македонецот и можете да ја почувстувавте Македонија. Едноставно е – затоа го сакам.  Конески оставил исклучително богато творештво. Богат е со теми и жанровски.  За секој Македонец и за секој кој ја познава Македонија, еве  колку можат да значат само зборовите: – Ете кафето стаса, тамам на време се свари и од порцеланскиот филџан пареа ко ехо се крева. Просто човек да се разнежи. Или една повеќе машка песна: – Ах тоа чавче домашна ракија/ бистра е итроста/ што фаќа синџир по крајот и така натаму.  Ете, гледам како се насмеавте,ми вели д-р Шешкен,  како ве погоди ѝ додава: – Блаже е едноставен  и длабок во исто време. Со обични зборови за обични ситуации. Блаже навистина е Македонец со секој свој збор. Затоа го сакам. Македонец од една страна а од друга тој ѝ припаѓа на светската култура. Така е со секој голем поет на конкретен народ. Тоа е комплицирано да се објасни а всушност и можеби не треба да се објаснува, се пдразбира.

-Со кого можеме компаративно да го споредиме Конески од светските литерати или еве можеби од руските?

Конески е национален симбол и како таков може да се споредува со Пушкин во руската литература а Конески има преведено од Пушкин неколку песни.  Според мене на Конески од руските поети верувам би му бил близок Блок  ама и Мајаковски. Во една од последните збирки или во последната Конески има песна насловена „Мајаковски“. Песната зборува за самоубиството на Мајковски и Конески смета дека главна причина за тоа фатално решение била самотијата. „Така се случи, тој остана сосема сам“. Ова е цитат од самиот Конески, кој и самиот имал слична судбина. Но, тој може да спореди на пример со Мицкијевич од Полска,со Шекспир и со Гете и Хајне.  Кога овде го промовирав зборникот „Конески на 11 јазици“ кажав дека тој е личност од епохата и истовремено и личност од ренесансен тип.

Што содржи Зборникот, прашувам?

Зборникот е продукт од годинашната прва Зимска школа на семинарот одржана на далечина и во него има лични искажувања сврзани со Конески од одредени големи светски имиња како што се: Зузана Тополињска, Иван Доровски, Горан Калоѓера и Виктор Фридман кој многу подробно со детали напишале за средбите со Конески. Голема е и улогата на сите преведувачи за афирмација на делото на Конески како што се: Намита Субиото и Соња Должан од Словенија, Валентина Тодорчева од Бугарија. Секако и јас не се изземат од тој ред ама ќе кажам дека и сите оние помлади кои се застапени таму со своите први преводи се доказ дека веќе има кој да го продолжи тој наш пат за македонистиката.

И да се вратам назад на основната тема. И затоа Конески е поет и научник и организатор на науката, втемелувачот на Филолошкиот факултет во Скопје и прв претседател и еден од основачите на МАНУ. Тој е една личност сестрано надарена, тоа е реткост, но секој народ има такви личности. И фала му на Бога што со таква љубов и енергија се одбележува оваа 2021 година во негова чест, ни рече на разделба д-р Шешкен и побрза во пресрет на своите колеги, за со нив да сподели драги моменти.

Меѓу предавачите на годинашниот Семинар во Охрид беше и д-р Људмил Спасов. Подоцна се уверив и самиот во неговата мисла и желбата со јавноста да сподели детали од животот на Конески кои малку или воопшто не се знаат а тој ги доживеал во сите фази од својот контакт со него.

-Конески го познавам од своите најмлади години од некои пет- шест  години од кога паметам за себе. Такви беа околностите. Ние бевме соседи пред земјотресот во 1963 година и потоа станавме соседи по земјотресот. Контактот меѓу татко ми Александар Спасов којшто  беше негов студент беше многу голем и татко ми имаше некој таков однос кон него и за сè го консултираше, а и Конески доаѓаше кај нас за различни разговори. Во меѓу време се запишав на Филолошкиот факултет, иако не беше желба на моите родители да студирам македонски јазик, туку требаше некоја техника да студирам. Конески беше еден од оние ретките кои ми рече дека е тоа многу паметно и дека такви кадри ни се потребни. Сето тоа беа едни неврзани разговори одвивани во нашата куќа и нешто помалку во дворот на неговата куќа.  Откако станав асистент по завршувањето на студиите, Конески ми предаваше на постдипломските студии и тука имав една многу непријатна ситуација да го доживеам настанот кога тој го доби вториот мозочен удар. Лесен удар. Тоа го занесе и го прекина предавањето. Искрено на сите нам ни стана многу жал. Меѓутоа тој брзо се снајде предавањето го заокружи и ни даде материјал за натаму. Конески ми беше ментор и за мојата магистерска теза. Магистерската се потпираше на неговата книга: „Јазикот на македонската народна поезија“ која остави голем впечаток врз мене и ме фасцинира. Потоа беше ко – ментор на мојот докторат „Соодносот на глаголите во македонскиот јазик“.

Има еден друг момент кога Конески не беше веќе активен на факултетот туку стана член на Советот на федерацијата на тогашната СФРЈ. Очигледно тогашната власт сакаше и општествено да го ангажира и да му даде значење. Во тој период тој пишуваше поезија и кратки прозни форми, па така знаеше често да ме повика и да ми прочита некој од нив. Конески никогаш не пишуваше на машина туку на рака и секогаш некој друг му ги пречукуваше и неколку  во тие години јас ја  имав честа да ги пренесам на хартија пречукани на машина од неговиот ракопис. Чувам многу материјали од тоа време. Дојде време кога тој конечно прекина со факултетот  а јас во меѓувреме докторирав. Ме викна на еден состанок во МАНУ  и ми рече наложувам, тоа беше ретко да го каже,  да ги земеш предметите од областа Историја на македонскиот јазик.  Јас му реков дека во моментот тоа не ме интересира толку, туку дека ме интересираат семантиките и јазичните теории. Тој ми рече: – Сето тоа е убаво но ние Македонците сме во фаза кога треба да ја завршиме основната обработка на македонскиот јазик, а потоа ќе дојде она што ти го сакаш. За мене тоа беше некој прездивик и почнав да ги предавам тие предмети. На почетокот несмасно, а потоа се снајдов. Тој ми даваше материјали и почнав да се интересирам за неговиот стручен, ама и за оној дел од неговиот уметнички живот. Во тоа време тој објавуваше по една до две книги а во меѓувреме прочитав речиси сè негово. Потоа, дојде 1986 година кога почнаа првите напади во јавноста преку дневните весници а беа само два Нова Македонија и Вечер во кои се велеше дека многу претеруваме со Конески. Бидејќи секоја година објавува книги, но не сосема нови туку ги дополнува и редактира ги  преобјавува. Тоа беше новото непријатно чувство. Сепак продолжив да го проучувам неговото дело и од него да се инспирирам за своите работи. Тој период го  заокружив делото Кониконското евангелие од јужна Македонија, денеска во Република Грција, селото Кониково. За него зборуваше Конески а за  делото  добив светска слава и тоа зад себе има околу 20 рецензии во светски списанија изработени заедно со колегите од Финска.

Може ли да бидете поконкретен, зошто го сакате Конески?

Прашањето е што е тоа сакање?   Последните години од животот  ги живееше многу осамено. Исклучително осамено, бидејќи во меѓувреме почина и мајка му, а тој имаше сериозни здравствени проблеми со дијабетесот и неколку пати лежеше во болницата на Водно. Одеше со едно најлонче до самопослуга  купуваше конзерви риба и четвртина лепче и ми делуваше многу окапано и многу лошо. Шеќерот си го направи своето, не гледаше одблизу. Морав да го потчукнувам по рамо па да го прашувам – како сте професоре? Таков, губеше желба за комуникација со луѓето.

Го сакам и затоа што тој е една инспиративна личност. Ние денеска можеме да зборуваме дека Конески бил еден од кодификаторите на македонскиот јазик. За мене тој е единствениот. Зборувам за почетоците од педесеттите години. Кој ја направи граматика? – Конески. Ние го имаме граматичарот Круме Кепески, неговото прво издание кое не е лошо ама рамништето е за основно или средно училиште. Конески навлезе во проблемите и зачудувачки од сегашна гледна точка иако сето тоа било не созреано, тој направил огромен потфат. Ако се потсетиме дека Конески е роден 1921 година, тогаш тој бил исклучително многу млад. Денес ретко некој би се нафатил на тоа што тој тогаш го создал. Но, задачата на денот му го наложувала тоа.

Како Конески  ја работел Историјата на македонскиот јазик кое е едно исклучително важно дело тој кажува во разговорите со Цане Андреевски. Има една книга којашто јас и еден колега  благодарение на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ја преобјавивме минатата година „По повод најновиот напад на нашиот јазик “ од 1948 година од страна на Централниот комитет на тогашна Бугарија. Јасно е дека тоа е политичка студија а следи Инфорбирото. Кога ја објавував книгата на моменти си помислував: Дали Конески можел ова сам да го создаде или имал консултанти? Можеби и имал. Но тогаш тој ги поставил основните тези за развојот на македонскиот писмен јазик , кои потоа ги употребува во граматиката а потоа и на други места.  Имал само 27 години. Е тоа може да го направи само исклучително генијален човек. Затоа  го сакам и го почитувам, но и поради неговите песни  во кои има една голема филозофска нотка,тие не се само прераскажување на приказните и легендите, во нив има една развиена сеопфатна  – човечка филозофија. Го сакам бидејќи во неговите минијатури создадени во последните негови творечки години дава извонредни филозофски мисли кои и ден денеска важат. И за крај го сакам поради тезите коишто ги постави за историскиот развој на македонскиот јазик дека тој има длабоки корени и ги објасни настаните што се случувале во  XIX век, рече д-р Спасов.

Ако во нашата научна и книжевна јавност се бара личност која добро го познава и одблиску Блаже Конески без сомнеж тоа е професор д-р Вера Стојчевска – Антиќ. Таа  припаѓа на онаа генерација која го прослави Меѓународниот семинар и македонистиката низ светот. Секоја средба со мојата професорка за мене е посебно инспиративна а оваа последната во Охрид со себе го донесе и прашањето: Антиќ и Конески од кога, каде и како?

-Без да го сретнам физички професорот уште во основното училиште и подоцна во гимназиските денови во Битола бев вљубена во неговата поезија. Вистински ја чувствував и го замислував поетот како најнадарен поет во нашата средина и воопшто во поезијата.  Таквото чувство постепено прерасна и во познанство, бидејќи станав студент на филолошкиот факултет професорот ми предаваше Историја на македонскиот јазик а потоа кога бев избрана за асистент на тој ист факултет станавме и колеги. Најголемото мое задоволство беше кога професорот ми предложи да ја издадеме заеднички книгата која што се појави во 1987 година „Тивешкиот зборник“. Но за да не зборувам јас постојано колку го познавам Конески, колку работи знам за неговото семејство и неговиот живот и за неговото дело, прво ќе почнам да ви предочам некои изјави од еминентни светски научници кои исто како мене биле воодушевени од делото на Блаже Конески. Во својата рецензија на мојата книга која што се појави под наслов „Мојот професор пророк“ од 2017 година, од рецензијата д-р Виктор Фридман вели: -Со оглед на тоа што добро ги познавам и двајцата посочени колеги Вера Стојчевска – Антиќ и Блаже Конески чест ми е да ја поднесам мојата позитивна рецензија. Ракописот ми стана познат зашто и јас се препознавам во него и на местата каде што сум споменуван, но и таму каде што не сум бил. Нашите службени и приватни средби се одвиваа најчесто во Скопје и на Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид, како и низ градовите во Македонија: Битола, Струмица, Делчево и други. Ги продлабочував своите познавања за ред научни и стручни дисциплини во Македонија. Така и на семинарите покрај проникнувањата и преку длабоките понирања во лингвистиката и во македонскиот фолклор познат во светот. Исто така, мојот однос кон академик Блаже Конески заземаше се подлабоко почитување и респект кон неговото делото. Рецензентот Димитар Пандев којшто е исто така студент на Блаже Конески а и мој студент, вели д-р Антиќ,  ќе рече: – Читајќи го Конески сега преку Антиќ , читаме вмрежени делови од историјата на македонската култура и особено на македонското образование која не е ништо друго, туку историја на јазикот. Некои прашања сепак остануваат нерзјаснети или пак со авторката немаме исти податоци и размислувања. Но, тоа не е причина да спориме околу Конески и нашата историја, особено  нашата современа што поминува покрај нас а ја забораваме поради смената на парадигмите кои независно од нивната фреквенција сепак знаат да се доловат на вистинската и засведочена нивна синтагмизација. Така пишуваат другите за моето дело, ми вели професорката и додава:  Она што јас го напишав во книгата и што доживеа над 20 промоции што беше и изненадување и за мене, сакајќи во мотото да истакнам нешто што е многу битно и значајно за Конески додека пишував ме доведе до една голема дилема. Пред мене стоеја стотици песни од нив требаше да изберам една како мото. Не можев тоа да го направам и затоа мотото е составено од четири песни на Конески. Не можеше сето негово дело и знање да се слее во една  песна. Првата е „Нож“ / За ова срце сегде острат нож,/ а ножот веќе забоден е внатре./ И стига само да се засмеам / Ќе сетам веднаш колку длабоко/ Ме пронижил, со колку танки жилки / На остра болка в гради  ‘ртил тој. / И тогаш реско усетува дека / Сум избран – сета невола и тага / И сета ропска потиштеност грда / На еден народ да ја истрадам /Молчеливо и тврдо да ја носам.  Потоа „Молитва“  Спаси ме Боже, од болните луѓе / што се накажани, / та не се криви, /  нивната злоба умерено суди ја,/ самите од неа одвај се живи./ Тие се мислат повикани да водат / како Мојсија и другите пророци /  а самите не можат да се ослободат /  и влечат по себе ситни пороци./  Дај Господе, што помалку очите да /  им ги бодам – /штом тие лево ќе фатат, / јас десно да одам.  Во овој избор е и песната „Лажни пророци“  Ќе дојде време на лажни пророци / што божем во мое име / ќе ве збираат по плоштадите, /  ќе креваат врева до небеса, / ќе се бувтаат во градите./ Немојте да им верувате! /  Тие мислат само на себеси.  И на крајот „Отпор“ Поради силниот збор/ Макар на непризнат јазик / сè уште одбирам звуци на македонска лира / Тоа е мојот штит/  Рамен на нашата сила / Силници зошто гробот со сите и вас ве збира.

Конески уште за време на својот живот добиваше многу комплименти и награди. Вие сте една од оние кои грижливо ги собиравте пораките кои сведочат за неговата големина.

Во право сте ми вели д-р Антиќ. Имам многу искажувања од разни пера, еве неколку  што сигурно ќе ве воодушеват. Александар Алексиев:  Човекот што умееше толку слатко да се смее.  Петре М. Андреевски: Оживување на пресеченото стебло. Цане Андреевски: Зрнца на сеќавања.  Томе Арсовски: Харизмата на Блаже Конески. Петар Бошковски: Опсегот на кусата песна. Атанас Вангелов: Откровение. Косара Гочкова: Наречен споменик што оди. Васил Дрвошанов: Образец во лингвистиката и во литературата. Лилјана Минова – Ѓуркова: Вникнување. Јагода Михајловска – Георгиева: Професорот. Коста Пеев: За перфекционизмот на Блаже Конески. Трајко Стаматоски: Аманетот на Конески. Вера Стојческа – Антиќ : Џентлеменот од Небрегово. Има уште многу искажувања кои не се случајни и ги собирав повремено во одредени моменти. Но  јас ги запишував и разговорите што ги водев со Конески и денес можам да заклучам дека сум среќна што толку многу време, месеци и години поминував со професорот од кого секогаш имав што да научам, што да разговараме и што да заклучиме.

Каков беше Конески надвор од факултетските предавални? Според Вашите издвоени песни Конески мора да се признае бил човек пред времето.

Можам да кажам дека кога ќе завршеа нашите службени разговори кои беа подолги и кога во 1985 кога го подготвуваме излегувањето на „Тиквешкиот зборник“ разговаравме и тогаш беше многу интересен и инспиративен соговорник. Го прашав и ми призна: – Вера јас пред секоја средба дали со еден човек или со поголемо друштво размислувам за што треба да разговараме.  Разговарам со секого според заедничките интереси, зошто  не сме сите исти и треба многу да размислуваме со кого, како ќе разговараме . Или ако треба да одржам говор, краток макар две-три минути, целиот ден пред тоа го посветувам на тоа каков ќе биде изборот на тие мои неколку реченици што треба да ги кажам. Беше многу мудар, многу ги предвидуваше работите и често пати кога јас ќе кажев нешто дека вака мислам, професорот Конески, ќе се спротивставеше и ќе ми речеше: – Не Вера, нема тоа така да биде, ситуацијата е поинаква. Често не го прифаќав, таквото мислење, додека бев помлада. Мислев дека ќе се реализира тоа што јас го мислев. Но, со години сфатив дека сè што кажал професорот – неговиот заклучок секогаш беше точен. Тоа го сметам за едно негово големо искуство. Имал многу контакти во разни средини со многу луѓе , но бил многу умен, остроумен, размислувал каде што постигнал и рекол и какви се ефектите на тие зборови и зборот го упатувал токму со личностите кои говорел, рече проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ .

Трудот е дел од деновиве промовираниот Зборник на трудови под наслов:Уште едно навраќање кон Конески“, кој го приредија проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, универзитетски професор и истакнат македонски историчар на книжевност, книжевен теоретичар и славист и Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и еден од најплодните македонски публицисти.    

НУ Библиотека