Денеска, со почеток во 18 часот, на поетската сцена во Скопје Сити Мол, се отвора третото издание на Деновите на поезијата. „Допирот на генерациите“ и „нужниот историски континуитет“ на кои инсистираше Ацо Шопов остануваат идеи водилки на оваа годишна манифестација.
Традиционално, првиот ден на манифестацијата ќе им биде посветен на оние поети, како Блаже Конески и Анте Поповски, кои ги поставија темелите на македонската современа поезија, а во кои спаѓаат Васил Куноски и Волче Наумчески (родени 1916), Видое Видичевски, Илхами Емин, Љупчо Стојменски и Љубен Ташковски (1931), Петар Т. Бошковски и Михаил Ренџов (1936), Светлана Христова-Јоциќ (1941), Атанас Вангелов и Васил Пујовски (1946). Ќе бидат одбележени и јубилејните родендени на Јован Стрезовски (95) и Иван Чаповски (90).

Истовремено ќе биде отворен и Поетскиот саем на книгата, кој за првпат се организира кај нас и претставува нов исчекор во афирмацијата на поезијата во македонскиот културен простор.
Отворањето ќе го води првенецот на МНТ, Никола Ристановски. Софија Гогова-Врчаковска ќе чита стихови од Анте Поповски, во придружба на Сергеј Настески и Антонио Трајковски, студенти од Факултетот за музичка уметност. Петар Ренџов ќе ги придружува на гитара стиховите на македонските поети во интерпретација на Дамјан Атовски и Теона Крстевска, студенти од Факултетот за драмски уметности.

Вториот дел на свеченоста е посветен на Дорис Карева, од Естонија, која се смета за еден од најсилните поетски гласови во Европа денес. На отворањето со неа ќе разговара нејзината препејувачка на македонски, Јулијана Величковска, која ќе ја претстави збирката „Денови на милост“ во издание на ПНВ Публикации.
На отворањете ќе настапи и ПОЕТРОНИКА со краток извадок од концертот „Кон Ацо Шопов“, кој ќе го одржи утредента, во петок 15 мај, ден посветен на современите македонски поети.
Програмата се реализира во соработка со бројни партнери: Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Факултетот за драмски уметности, Факултетот за музичка уметност, Македонскиот ПЕН центар, Сојузот на здруженијата за македонски јазик и литература, како и ПНВ Публикации, Култура Бета, Литература.мк, издавачката куќа Чудна шума и киното Cineplex во Скопје Сити Мол.
Воедно, годинава манифестацијата бележи и значаен меѓународен исчекор, станувајќи прва македонска поетска манифестација вклучена во програмата на „Поетската пролет“ – реномирана француска иницијатива која прерасна во важна меѓународна платформа за поетска и културна размена.
„Поезијата е свртена кон човекот, се создава за него и ги дели неговите соништа“, напиша некогаш Ацо Шопов. Соништата на нашите поети – оние што се со нас, и оние што веќе ги нема – се во срцевината на Деновите на поезијата, со која фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ продолжува да гради мостови меѓу генерациите и нациите.
Фондација „Ацо Шопов – Поезија“
НУ Библиотека












