НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид денеска заокружува уште еден од проектите од Годишната програма за работа финансирани од Министерството за култура и туризам.
Втора година со ред денес ќе се одржи завршниот дел од проектот BIBLIOTEKA FUTURA – ЦВЕТНА БИБЛИОТЕКА.
Настанот со поздравно обраќање ќе го отвори директорката на НУ Библиотека од Охрид Христина Трпеска, по што ќе следи кусата презентација на дипломираниот шумарски инженер од Паркови и зеленило при ЈП „Охридски Комуналец“ Лидија Иванова. Таа ќе го опише патот на цвеќето од нивниот расадник до градските паркови – „Каде се ‘раѓаат’ охридските цвеќиња“.
На тема: „Говорот на цвеќето“ релации на хортикултурата во библиотеките помеѓу книжевноста, ботаниката, образованието, просторната архитектура и внатрешното уредување“ ќе говори гостинот од Белград, Република Србија Мирко С. Марковиќ, библиотекар советник и експерт за посебни проекти. Марковиќ воедно е идеен творец и претседател на Регионалната хортикултурна мрежа на библиотеки во која од 2022 активно се вклучи и библиотеката од Охрид.

За „Цвеќето како мотив и инспирација во македонската книжевност и народните песни и традиции“ пред присутните ќе зборува м-р Милчо Јованоски, носител на проектот а за „Македонските библиотеки во пресрет на новото време – нови концепти на библиотечни услуги“ предавач ќе биде м-р Јелена Петровска – советник библиотекар и координатор на македонската мрежа на хортикултурни библиотеки.
Практичниот дел од овој проект во два наврати претходно беше реализиран во Расадникот на ЈП „Охридски Комуналец“ со посета на ученици – биолози од ООУ „Св. Климент Охридски“ со нивната предметна наставничка Дивна Стрезоска. Учениците следниот ден подарените цвеќиња грижливо ги засадија во училиштниот двор.
Ученици од подарчното ООУ „Св. Наум Охридски“ од Пештани во Долно Коњско направија цртежи и инсталации на тема цвеќе ,заедно со нивната наставничка Лила Каранфилоска.
На настанот покрај библиотекари и вработени во библиотеката ќе бидат присутни и наставници по македонски јазик и библиотекари од Охрид и Струга.
Дел од активностите на проектот се поддржани и од „Галеб“ Охрид и Почесниот конзулат на Република Србија во Охрид.
НУ Библиотека












