Постојана заложба на вработените во нашата установа е комуникацијата со читателите и корисниците на нашите услуги да е на едно високо професионално ниво. Паралелно се трудиме да го збогатуваме книжниот фонд со набавка на популарна и актуелна белетристика и друга стручна литература. Истовремено работиме на тоа амбиентот на Библиотеката да го направиме што попријатен. Во тоа зачестија соработките со низа општествено одговорни фирми од градов. По прекрасно средниот амбиент во Детскиот оддел, најнов пример е деновиве добиената донација од салонот за мебел „Гир – Риг“, со чија помош го уредивме влезниот дел на библиотеката, токму пред пултот за зајмување.

Директорката Христина Трпеска вели: „Сакаме нашите читатели да се чувствуваат топло и пријатно во библиотеката. Да уживаат во амбиентот со чај, кафе и книга во раце.“

Денес директорката Трпеска заедно со колешките Мариче Боздоганова и Елизабета Бојчевска го посетија салонот за мебел Гир – Риг“ и се сретнаа со менаџерот за продажба Павел Герасимовски. Тие на посебен наш начин со книги им заблагодарија за поддршката и придонесот кон создавање поубав простор за сите љубители на книгата во нашата Библиотека.

Герасимовски на средбата откри уште еден интересен податок дека неговиот дедо, професор по занимање бил постојан посетител на старата Градска библиотека и често таму го минувал слободното време. Во негова чест сега Гир – Риг и нашата Библиотека станаа пријатели.

Во меѓувреме се преуредува и еден дел од Прличевата одаја а наскоро ќе започнеме и со преуредување на еден друг простор кој ќе се користи како дневна соба. Неа ќе можат да ја користат редовните членови за читање, дружење и размена на мислења околу литературата која ја читаат.



НУ Библиотека












