Под наслов: Раширени раце за соработка во 156 број на списанието „Македонски глас“ на Македонците во Република Хрватска објавен е текст за воспоставената соработка меѓу библиотеките од Нашице и Охрид. Во текстот на Јулијана Тешија се вели:
На иницијатива на Драгољуб Сиљаноски, претставникот на македонското национално малцинство за Осиечко-барањската жупанија, ова лето се реализира идејата за воспоставување на соработка на двете библиотеки, од Нашице и од Охрид. Исто така, македонски автори од Нашице и од Осиек беа претставени во Охрид.
На 20 јуни 2025 година, библиотеките „Григор Прличев“ од Охрид и Градската библиотека од Нашице – Република Хрватска потпишаа Протокол за соработка во подобрување на научните, стручните, образовните, издавачките и културните активности во рамките на спроведувањето на работните програми на двете институции.
Како можни форми на соработка во документот се посочени размена на знаења и искуства, на публикации и други материјали, заедничко користење човечки и технички ресурси и заедничка организација на научни и стручни програми, проекти и промотивни активности.

По потпишувањето на Протоколот се одржа промоција на книгата на Драгољуб Сиљаноски „Македонија така далечна, а така блиска“, која беше поддржана од Хрватско-македонската заедница во Охрид, а изданието е печатено со финансиска поддршка на Советот за националните малцинства на Република Хрватска. За книгата на Сиљаноски зборуваа м-р Михаил Патчев, професор по историја и м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар.
Гостите од Хрватска зедоа учество и на манифестацијата „Слушни го езерото“ во чест на Денот на Охридското Езеро, а во организација на Библиотеката „Григор Прличев“, која се одржа на 21 јуни 2025 година. Манифестацијата беше заедничка, на трите града – Струга, Охрид и Поградец – а централниот настан се одржа во Охрид со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам и од Општина Охрид.
Настанот го отвори директорката на Библиотеката, Христина Трпеска, која истакна дека трите езерски града традиционално овој ден го обележуваат со богата културно-уметничка програма, а целта е „да се подигне јавната свест и да се покаже грижата за заштита на Охридското Езеро, кое со својата древност, длабочина и убавина, одамна инспирира поети, уметници и сонувачи.“,
За таа цел Библиотеката од Охрид покани петмина роднокрајни автори да настапат на Второто издание на манифестацијата, „Слушни го езерото“ и тоа поетот и писател Мирко Томовски, како и Митко Ц. Колјушевски, Митре Мангоски – Радождански, Даниела Илијоска и Марина Димоска, а беа прочитани и песни од поетесата од Осиек, Хрватска, Јулијана Младеновска-Тешија…
НУ Библиотека











