19 мај, 2025г.
Во рамките на Програмските активности во делот на меѓународната соработка деновиве вработени во НУ Библиотека „Григор Прличев“ предводени од в.д. директорката на установата Христина Трпеска беа во еднодневна студиска посета на Јавната библиотека „Тими Митко“ од Корча, Албанија.
Библиотеката „Тими Митко“ во Корча е основана пред 104 години и има значајна улога во зачувувањето на албанската културна и научна традиција.
Во својата историја долга еден век таа функционирала на повеќе локации низ градот, но секогаш била дом на книгата и средиште и двигател на културниот живот на жителите на Корча и регионот.
Како што не информираа домаќините, новата библиотека во Корча била пуштена во употреба на 7 февруари 2021 година. Оваа модерна библиотека е прва во соседна Албанија која го комбинира традиционалното библиотечно искуство со напредни дигитални технологии, создавајќи инклузивен простор за учење и креативност.
Восхитувачки делува архитектонскиот проект на новата библиотека изработен од британското студио BOLLES+WILSON. Тие ја претворија поранешната библиотека во современ објект кој се вклопува во новиот градски центар на Корча.
Проектот вклучува и нова зграда на градската општина, создавајќи интегриран јавен простор. Архитектите се потрудиле да ја зачуваат историската вредност на локацијата, која претходно била место на срушена црква, со што се зачувал културниот континуитет на градот.
Библиотеката нуди отворен фонд на книги, скенери и дигитални системи за пребарување, што ја прави првата модернизирана библиотека во Албанија.
Дополнително, внатре е отворен центар за информатичка технологија, каде што младите можат да учат и да се подготвуваат за работа на глобалниот онлајн пазар.
Овој проект има за цел да ги задржи младите во земјата и да им овозможи пристап до нови можности за вработување без да мораат да мигрираат.
Посетата отвори нови видици за сите вработени во охридската библиотека а начелно е договорено да продолжи соработката меѓу двете Библиотеки со заеднички проекти кои би се спроведувале паралелно во двата града, но и со вклученост на читателите од двете Библиотеки.
НУ Библиотека