6 февруари 2025 г.
Духот на Прличев е се’ уште жив преку неговото дело . Охриѓани се посебно горди на поетот и преродбеник кој во многу нешта го наследил Свети Климента а учел и дружел од и со Миладиновци.
По изведбата на култните стихови од поемата „Сердарот“ обраќање имаше в.д. директорката на Библиотеката Христина Трпеска, таа поздравувајќи ги присутните рече:
„ Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ оваа 2025 година одбележува 75 години откако го носи името на големиот поет и преродбеник Григор Прличев. Почетоците на библиотечната дејност во Климентовиот и Прличев град датираат многу одамна уште од 19. век, кога охридскиот терзија Ангел Групчев за кого Прличев рекол дека е “најучениот тогаш маж“, во својот дуќан во охридската чаршија, отворил читалиште кое привлекло големо внимание и предизвикало интерес кај граѓаните.
Патронен празник на Библиотеката, рече Трпеска е токму денешниот 6-ти февруари, денот кога починал познатиот охридски писател Прличев.Годинава се навршуваат 132 години од смртта на патронот. Од 1952 година Библиотеката токму на овој ден ги организира „Прличевите беседи“ и ја одржува традиционалната Прличева визита.
Оваа година минува во знакот на уште два други датуми 195 годишнината од раѓањето на Прличев и 160 годишнината од изборот на поемата „Сердарот“ за најдобра на конкурсот во Атина. Нашето мото оваа 2025 година е ЧУВАЈ СЕ СЕБЕСИ како што одамна рекол Прличев. Итаме кон нови годишнини, јубилеи и успеси,“рече Трпеска.
Присутните со посебно внимание го од одгледаа видео интервјуто со проф. д-р Георги Сталев – Поповски првиот препејувач на поемата „Сердарот“ во форма на стих на македонски. Со д-р Сталев разговараше м-р Милчо Јованоски.
Беседата „Ние и Прличев“ од проф. д-р Александра Ѓуркова ја прочита професор Марија Стрезовска.
Александра е потомок на Прличев по ќерка му Деспина, исто како и нејзината мајка Лилјана Минова – Ѓуркова е македонист, лингвист и искрен продолжувач на делото на својот славен предок Прличев – Вториот Хомер.
Таа во својата беседа специјално напишана за денешниот настан вели:
„Нема сомнение дека да се биде еден од потомците на Григор Прличев, дел од семејството, претставува за мене безмерна чест и радост. А, истовремено ме исполнува и со огромно чувство на долг кон ликот на Григор Прличев и кон целото семејство. Ќерката на Григор Прличев, Деспина Прличева, нашата прабаба (моја и на мојот брат Игор) била исклучително силна жена и е целосно заслужна за сочувувањето на еден значаен дел од оставината на Григор Прличев, која потоа и со помош на нашата баба, Ружа Попсимова Минова, била предадена за обработка и чување во Архивот на МАНУ. Нашата мајка, Лилјана Минова-Ѓуркова преку целиот свој научен опус во македонската лингвистика ѝ се посвети целосно на македонистиката, притоа имајќи ги како главен двигател сите Прличеви стремежи и идеали. Мојата насоченост кон изучувањето на класичните јазици, на старословенскиот и црковнословенскиот јазик ми понуди значајна основа кон изучувањето на делата на Григор Прличев, пред сè на преведените Хомерови епови, на неговата „Кратка словенска граматика“, на неговите беседи и сл. Всушност, со времето се покажува дека истражувањеот на Прличевите дела секогаш изобилуваат со инспирација“, напиша д-р Ѓуркова.
Денеска директорката Трпеска на двајца пријатели на библиотеката д-р Миќуновиќ и д-р Тунтев им врачи пригодни признанија за нивната континуирана соработка и поддршка.
Академик проф. д-р Миле Д. Миќуновиќ има 126 книги најголем дел од областа на медицината, но и популарни во чија срж е човекот, природата преточена и преку фотографии најчесто од нашиот Охрид.
Во издание на нашата библиотека се дури 44 книги а лани кога во Македонска Каменица на фестивалот ЈАКОВ ОД КАМЕНА РЕКА го добивме признанието за Библиотека со најмногу издадени книги од домашни автори за 2024 година на нашата листа беа дури 4 книги од д-р Миќуновиќ . Тој е и почесен член на Библиотеката.
Доктор Зоран Тунтев е редовен професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Тој е познат туристички водич но и хуманитарец. Активен член и двигател е на Лајонс клубот ЛИХНИДОС кој лани одбележа деценија и пол од постоењето.
Благодетта од охридските Лајонс клубовите нашата библиотека во јавна корист ја има почувствувано а д-р Зоран Тунтев во неговата мисија за осветлување на сите важни спомен обележја меѓу кои и споменикот на нашиот Прличев пред библиотеката е упорен наспроти вандалите кои не застануваат и ги уништуваат и крадат рефлекторите.
Настанот продолжи со доделувањето на наградата од третиот по ред Конкурс за најдобра беседа на млад автор до 30 години на тема: „Чувај се себеси“. Жирито за најдобра ја прогласи истоимената поема, дело на младата Ева Ивановска од Делчево. Љубинка Михајловска во името на комисијата рече: „Младата Ева Ивановска зрело размислува за соочувањето на младите со сите притисоци од пријателите , од социјалните мрежи, од очекувањата на другите, притисоци кои не се во согласност со личниот живот и кои наметнуваат да не бидеш она што си. Но, со своја сила и потенцијалот што го носат , таа порачува да не се дозволи негативноста да надвладее“
Директорката на библиотеката Христина Трпеска и’ врачи ваучер од 9000 денари и посебно признанае на добитничката и и’ посака уште успешни творечки денови.
Приустната публика со внимание ја проследи беседата на 18 годишната Ивановска.
Свое обраќање имаше и Олга Прличева од Софија која секоја година не пропушта да е дел од манифестацијата „Прличеви беседи“ која е во чест на нејзиниот славен предок.
Традиционално „Прличевата визита“ заврши со локум , суво грозје, леблебија и охридска староградска песна.
Манифестацијата „Прличеви беседи“ беше финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.
НУ Библиотека Охрид