29 август, 2024 г.
Од денеска 29 август до 20 септември на пултот за зајмување книги во нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“ читателите над 18 годишна возраст ќе можат да ја погледнат и доколку сакаат да ја потпишат Декларацијата за мир во светот и против војните и употреба на нуклеарното оружје.
Носителот на оваа идеја македонскиот уметник и хуманист, Живко Поповски – Цветин, кандидат за Нобеловата награда за мир, заедно со членовите на Цветиновиот комитет за мир неодамна во Скопје ја подготвија и потпишаа Декларација за мир во светот и против војните и употреба на нуклеарното оружје по повод одбележување на 79-годишнината од употребата на нуклеарно оружје во Хирошима (06.08.1945) и Нагасаки (09.08.1945).
Како претходница пристигна коверт со разгледница по пошта до НУ Библиотека ,,Григор Прличев” Охрид со текстот од писмото што го добил Живко од Мајка Тереза во април 1984 г.
Поповски – Цветин деновиве беше гостин на Библиотеката и ја донесе Декларацијата и во Охрид а како што кажа неа веќе ја потпишале речиси сите учесници – поети на Струшките вечери на поезијата меѓу кои и добитникот на Златниот венец на поезијата – французинот Жан Пјер – Симеон.
На средбата со директорот на нашата Библиотека м-р Милчо Јованоски договорено е потпишувањето на Декларацијата во Охрид да се случува во нашата установа.
Миротворецот Живко Поповски – Цветин на директорот Јованоски во знак на неговиот четири децениски новинарски, публицистички и општествен ангажман му ја врачи „Цветиновата награда за мир“ за која Цветин кусо рече: скромна награда во вистински раце.
– Почестен сум што почитуваниот миротворец Живко Поповски Цветин со кого се познаваме над 35 години, ме изненади и на моето работно место во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ми ја врачи впечатливата „Цветинова награда за мир“. Сум добивал често награди и признанија, но ова ми една од најдрагите со оглед на тоа што во неа вирее хуманата димензија на идејата за мир дома и во светот. Постојано, кога можам ја поддржувам креативноста и инвентивноста, но и филантропија која е длабоко вгнездена во почитуваниот Живко Поповски Цветин и која тој ја шири при секоја средба со луѓето. Нашето пријателство, како што и сам ми рече се темели на обострано почитување и без калкулации сиве овие децении. Мислам дека така ќе остане и во иднина.
Без двоумење ја потпишав и Декларацијата за мир во светот и борба против нуклеарното оружје во пресрет на 21 септември- Меѓународниот ден на мирот која ќе патува во ООН. Сонот на секој човек е да има мир, топол дом, семејство, работа и храна… Ајде сите заедно да ја продолжиме мисијата на мирот и хуманоста, како што неуморно тоа го прави нашиот пријател Цветин, вели м-р Јованоски.
НУ Библиотека