21 јуни, 2024 г.
Охрид, почнувајќи од Св. Климент, преку Прличев, па се’ до денес е плодна почва и расадник, но и вечна инспирација за роднокрајните автори.
Во трезорот на литературата и во нашата Библиотека постојат стотици песни, раскази, новели, романи, поеми и есеи кои поети и писатели од ова парче македонска земја ама и од белиот свет ги создале инспирирани од убавината на градот и Охридското Езеро.
Минатата , 2023 година, во јуни како Проект од Годишната програма за работа на нашата установа финансирана од Министерството за култура официјално ја одржавме Првата роднокрајна средба на автори. Триесеттината присутни дадоа многу конструктивни предлози од кои еден по еден нашата Библиотека ги реализира.
-Конечно, деновиве пред да ја одржиме Втората роднокрајна средба на автори ( писатели поети ), пак во јуни ( заради континуитет ) реализираме уште еден од предлозите. Отпечативме книга – алманах со творби, како огледало за едногодишното нивно творештво. Средствата го ограничија печатењето, тиражот, бројот на страници а со тоа и просторот да бидат застапени поголем број роднокрајни автори. Во овој прв Алманах се опфатени четириесет и еден автор. Најголемиот дел творат во Охрид а застапени се и тројца роднокрајни автори кои живеат и пишуваат на македонски во Австралија, рече на промоцијата уредникот и автор на обата проекти , м-р Милчо Јованоски, директор на Библиотеката.
Мене ми падна честа денес да кажам неколку зборови за првиот алманах на роднокрајните автори, рече писателот и поет Мирко Томовски:
-Денес, уште еден убав ден, уште еден алманах, овој од 90 страници со 41 роднокрајни охридски автори. Ако за секој абтор се земе само една минута за алманахот може да се зборува 41 минута, по две 82, зависно од говорникот, но јас во корист на времето, ќе бидам краток.
Си реков, ајде да напишам неколку зборови, неколку пофални реченици, ама овде, во овој алманах, сѐ е напишано запишано. Си реков, да се впуштам да кажувам, да раскажувам, да прикажувам за секого по нешто, ама овде веќе сѐ е кажано, раскажано, прикажано. Си реков, да почнам со фалби и пофалби, онака на „повисоко ниво“, со вметнување странски зборови кои ни го запустија јазикот, кои ни ги запустија и ги пустат нашите млади поколенија кои меѓусебно подобро се разбираат, да не речам комуницираат на англиски јазик отколку на својот мајчин. Е токму поради тоа, овде во овој алманах и во сите алманаси на сите наши творци од дамнини до денес и утре, е браната, поточно одбраната, во зачувувањето на мајчиниот – македонски јазик. Си реков, нема да се изразувам фантазирајќи со некакви литературни принови зашто тоа не ми доликува а и некои го прават подобро.
Си реков нема да споменувам имиња, со што не сакам авторите да ги двојам едни од други, бидејќи сите овде застапени и оние не застапените поети и прозаисти, за мене се исти. Ете, редејќи ги зборовите без некаков редослед, се создаде и рима.
За мене сите автори се исти не по своето творештво, туку по она човечкото, земското. Си реков, нема да споменувам имиња иако знам дека читајќи ќе се препознаеме и веќе се знаеме, се препознаваме. Во овој алманах застапени се и авторите кои ја бараат душата, понесена во позајмениот куфер а пак таа не може без татковината.
Каде?
Овде или таму?
„Прости ми татко и јас сум татко“ во едно минато време запише авторот во неговата стихозбирка на Струшките вечери на поезијата.
Каде?
Овде или таму? Таму или овде?
Си реков, нема да споменувам имиња за да не ги двојам авторите едни од други. „Велат не нема ама еве сме“,овде, со надеж и идната година да бидеме тука, овде, се надевам и во поголем број, на купче, заедно со оние кои од различни причини денес не се овде. И на крај, дозволете, од името на сите застапени автори, да му се заблагодариме на директорот на Библиотеката „Григор Прличев“ г-динот Милчо Јованоски и сите други кои овозможија јавноста да го спознае овој алманах, овие автори и нивните творби.
ДВД изданието го промовираше писателката Марина Шикова – Димовска. Таа рече:
-Среќна сум што денес имам чест и можност да зборувам за проектот чиј автор и реализатор е човекот кој е моја постојана поддршка, инспирација и мотивација. Тој е наш домаќин денес, на оваа средба на Роднокрајни автори, како директор на НУ Библиотека Григор Прличев, и поддржувач на културата и уметноста во нашиот град воопшто – м-р Милчо Јованоски.
Милчо Јованоски – новинар, книжевник, виш библиотекар, магистер во насоката Медиуми и комуникации, е незапирлив и неуморлив човек кој поседува богатство идеи и планови, реализатор е на огромен број проекти, а неговиот труд е вреднуван многупати со низа признанија и награди доделени од институции кои го препознаваат вистинскиот квалитет.
Роден во Охрид, 1964 година, дипломира на филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје на катедрата македонски јазик и југословенска книжевност, а подоцна стекнува и звање лектор по македонски јазик.
Во 2013 година магистрира на Правниот факултет Јустинијан Први – Скопје, на студиите по новинарство на насоката Медиуми и комуникации, со одбрана на трудот – Улогата на локалните аудиовизуелни медиуми во демократските процеси во Република Македонија.
Милчо Јованоски е автор на следните книги, монографии и публикации:
– „Времето а во времето – тие“ (1996) книгата со мои наградувани интервјуа и документарни записи на Деновите на македонското радио.
– Монографија „ 50 години ОМУ „Методи Патче“ (2015)
– Монографија „50 г. КУД „Ѓердан“ Охрид. ( 2018 ) Министерство за култура
– Етнолошката ризница на Трпејца ( 2019 )- Публикација, Министерство за култура
– Монографија 60 г Балкански фестивал на народни песни и игри ( 2021)
– „За Прличев и неговиот XIX век“ Вера Стојчевска – Антиќ и Милчо Јованоски – приредувач и автор. ( 2021 ) Министерство за култура
– Монографија „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан“ ко – автор со Гордана Змејковска
– Монографија 70 години Библиотека „Григор Прличев“ Охрид 2022
– Каталог за Депо за редок библиотечен материја во Библиотеката 2023
– Роднокрајни автори – аудио записи 2024 ДВД издание со авторите: Мирко Томовски, Марина Икономова – Шокева, Марина Шикова – Димовска, Јордан Коцевски, Маја Мојсова и Сшо Димоски.
– „Охрид – град галерија“ ДВД (2009) Општина Охрид – Видео прошетка и интервјуа со најзначајните охридски ликовни уметници: Јоне Симонче, Вангел Наумоски, Живко Пејовски, Јордан Манасиески и Славко Упевче.
Проектот Роднокрајни автори – аудио записи 2024 ДВД издание е реализиран во соработка со шестмина автори од Охрид, и има особено значење во збогатување на фонотеката на НУ Библиотека Григор Прличев. Како човек кој голем дел од својот работен век минал во центарот за печат и радио Охрид, работејќи одговорно како главен уредник, но своевремено и директор на Радиото, Милчо Јованоски на свој, оригинален начин ја развива комуникацијата со секој од своите соговорници, водејќи се од фактот за високото значење на овој проект за кој иако можеби сега, во овој миг, не сме доволно свесни, во иднина би развил вредност од многу пошироки размери.
Станува збор за спонтани разговори во кои еден час минува за миг. Додека трепнете и помислите на тоа што се имате да кажете, веќе сте раскажале многу од сопствениот живот вклучувајќи ја вашата приватност но и сите ваши трудови.
Овој проект можам да кажам дека се развива традиционално, со тоа што во 2010 година Милчо Јованоски уште пред да биде вработен во НУ Библиотека, се ангажира и го создава првиот дел од Роднокрајни автори – аудио записи, каде се направени десет интервјуа со десетмина автори од Охрид. Вториот дел од овој т.н. серијал разговори го создава во 2011 година, каде повторно се застапени десет роднокрајни автори. Година подоцна Јованоски го реализира и третиот дел од од овој проект каде се застапени шест едночасовни разговори со шестмина роднокрајни критичари.
Огромно е значењето на еден проект од ваков вид, кој селективно и спонтано создава една фонотека богата со податоци, изобилство на раскажувања и теми кои ги засегаат нашите, роднокрајните автори, но и оние кои први во раце ги имаат нивните книжевни трудови – книжевните критичари, а секако, и без исклучок, и пошироката публика која љубопитно пристапува кон секој аудио исказ.
Оценувајќи го со радост, особено бидејќи посебно ме допира аудио – записот како таков, се надевам дека оваа традиција на овековечување на роднокрајните автори и трудови ќе продолжи и понатаму, за да оставиме на нашите поколенија наследство кое ќе ги охрабри и успешно ќе ги води низ животните предизвици, рече Димовска.
НУ Библиотека