11 август, 2023 г.
Мисијата да го шири пишаниот збор Издавачки центар ТРИ ја започна уште во 1999 година, од самото свое основање. Оттогаш, па сè до денес, сè уште ја продолжуваат својата љубов кон книгите.
По повод своето 1000 издание, одбележувајќи го овој јубилеј значаен не само за ТРИ туку и за целата македонска културна сцена, донираа 1000 одлични наслови на три библиотеки од нашата земја: Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола, „Григор Прличев“ во Охрид и „Гоце Делчев“ во Гевгелија. Оваа донација ќе ги збогати бибилиотеките со наслови што заслужуваат да бидат читани и истовремено ќе ја зацврсти и врската меѓу книгите и читателите. Од библиотеките се особено радосни што ќе им овозможат на читателите од своите градови поголема достапност до донираните наслови од домашната и светската литература. Станува збор за книги од истакнати автори кои ја продолжуваат традицијата на македонската квалитетна книжевност, и за темелници во светската класика, како и за современи модерни дела.
За ТРИ, 1000 самостојни изданија значат 1000 квалитетни книги од домашни автори, преводи од многу современи автори и класици, наслови од сите жанрови. Во чекор со времето и оживувајќи го споменот на целокупната литература, секоја од овие книги има посебно место во списокот на нивни објавени книги. Не е случајно што токму оваа издавачка куќа важи за една од најреномираните на овие простори. Читателите ѝ веруваат, а тие не забораваат дека објавените книги не зборуваат само за нивниот вкус, туку и за сензибилитетот на нашето општество.
За ТРИ оваа донација значи продолжување на мисијата книгите да го најдат својот дом. Овој гест заслужува внимание и почит – зашто ние сме книгите што ги читаме.
НУ Библиотека