Три актуелни книги сврзани со одржаните „Прличеви беседи 2023“

Три актуелни книги сврзани со одржаните „Прличеви беседи 2023“

Posted by Milco Jovanoski in Нови книги 10 Feb 2023

10 февруари, 2023 г. 

На пултот за издавање во нашата Библиотека може да се позајмат најновите три изданија промовирани на манифестацијата „Прличеви беседи 2023“.

Прво ви ја претставуваме: Монографијата „70 години Библиотека  ‘Григор Прличев’ Охрид“ од авторот Милчо Јованоски која  може да ја позајмите, но и да ја купите по цена од 400 денари примерок.

-Библиотеката лани одбележа 70 година откако го носи името на големиот поет и преродбеник  од 19 век Григор Прличев. Тоа беше убав повод, гордо следејќи ја традицијата на Св. Климент Охридски и нашиот Патрон Прличев како автор да се зафатам со монографско меморирање на еден долг период од цели 25 години и да се надоврзам на основата која несебично срочена во монографија под наслов: Охридската библиотека „Григор Прличев“ издадена во 1998 зад себе ја остави нашата покојна колешка Маринела Јовановиќ.  Тој континиуум изнедрен векови наназад носи со себе датуми кои не смеат да бидат заборавени. Но и настани и луѓе кои оставиле и оставаат трага во живеењето на Библиотеката и на овој наш сакан, убав и мил Охрид, каков што е опеан во безброј песни, вели авторот Јованоски во предговорот на монографијата.

Во рамките на беседите во Прличевата куќа градоначалникот Кирил Пецаков на директорот на нашата Установа, м-р Милчо Јованоски му врачи по еден примерок од двата тома од „Автобиографијата“ од Прличев отпечатена со Брајово писмо. Издавач е Алдебаран од Струга а преводот, адаптацијата, белешките и поговорот се на поетот Славе Ѓорѓо Димоски.

Најновата понуда од Библиотеката ја заокружуваме со печатеното издание на најдобрата поема за 2023 „Коњски житија“ од Зоран Анчевски од Конкурсот „Григор Прличев“ распишан од страна на истоимениот Центар за култура во Охрид.

Мотивот да ја напише поемата,како што рече поетот произлегла спонтано,бидејќи тој е вљубеник во литературата за коњите.Тоа го инспирирало да го напише ова дело во една интересна форма,во кое коњите ќе говорат за човештвото и за оваа цивилизација.

„Тие се еден вид меморија,тивка меморија на нашето постоење на оваа планета кои никогаш во ниедна прилика не ги искажале своите размисли во врска со животот и постоењето.Пеењата внатре се поврзани со драмски монолози на посебни коњи,како што реков низ историјата,митологијата,фолклорот и легендите“, рече лауреатот Анчевски при обраќањето откако му беше доделена наградата во Охрид.

Потсетуваме дека НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид со читатели работи од понеделник до петок од 8:30 до 18:30 часот. Годишната членарина за деца е 200 а за возрасни 300 денари.

Ве потсетуваме дека за информации околу позајмувањето на книги, продолжување на рокот и други прашања сврзани со издавањето користете го телефонот 046 264 838 а комуникацијата со нас може да ја остварите и преку: prlicev_ cobiss3@yahoo.com

НУ Библиотека