14 март, 2022 г.
На пултот за зајмување во нашата Библиотека од денеска можат да се купат две изданија од нашата издавачка продукција. Се работи за книгите: „За Прличев и неговиот ХIХ век“ од Вера Сточевска – Антиќ и приредувачот Милчо Јованоски и „Прличеви беседи- хроника на еден културен настан ( 1952 – 2022) од авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејковска. Купете ги по цена од 250 и 270 денари по примерок.
Книгата „За Прличев и неговиот ХIХ век“со својата содржина е посебно актуелна денес. Познато е дека доменот на научни истражувања на авторката, проф. д-р Стојчевска – Антиќ се движи од IX до XIX век. Колку што биле силни и значајни тие почетоци во IX век, толку на одреден начин останале недоволно идентификувани во XIX век. Таа и во овој труд ги бара постојните преоди на нашиот јазик од времето на старословенскиот литературен јазик, кој во разните словенски средини преминува од XII век во црковнословенски, за да се дојде до XIX век со потреба од изрзување на сопствен литературен јазик, различен од бугарскиот, од српскиот, а разбирливо тоа е евидентно и со грчкиот јазик.
Покрај 12 трудови од д-р Стојчевска – Антиќ книгата содржи и автографски записи, документи, мислења од охридскиот новинар, м-р Милчо Јованоски. Тој изнесува податоци и слики за куќата и гробот на Григор Прличев, за семејното стебло (прв пат во печатена форма) за најастарите македонски изданија на негови значајни дела, филмови за Прличев, Прличевите визити, добитниците на наградата за најдобра поема…
„Прличеви беседи- хроника на еден културен настан ( 1952 – 2022) беше промовирана на годинашните Прличеви беседи.
Со промоцијата на монографијата НУ Библиотека „Григор Прличев“ го започна одбележувањето на 70 годишнината од почетокот на култната манифестација „Прличеви беседи“.
-Основа, да почнеме и да продолжиме со истражувањето ни беше првата монографија од авторот Маринела Јовановиќ која го опфаќа периодот од 1952 година заклучно со 1996 година. Нејзини издавачи се: Градската библиотека „Григор Прличев“, Радио Охрид и книгоиздателството „Мацедониа Прима“. Ние, како автори продолживме, таму каде што се застанало и преку документи, фотографии и искажувања се надеваме дека како наш залог за идните генерации уште еднаш ги зацврстивме историските и развојните факти, за седумте децении и посебно за последните 25 години сврзани со настаните од „Прличевите беседи“ одржани во нашата матична НУ Библиотека која со гордост го носи името на својот Патрон – Григор Прличев. Концепциски, оваа монографија е збогатена со сеќавања и беседи за Прличев од наши и странски писатели и поети. На површина излегуваат нови факти и нешта кои до денеска не сме ги знаеле или не биле доволно разјаснети. Монографијата не е само гола фактографија на настани и хроника, туку содржи и низа стручни елементи и научни истражувања кои „шетаат“ во длабочина и широчина низ животот и творештвото на преродбеникот Прличев, веалт авторите Јованоски и Змејковска.
НУ Библиотека