28.10.2021 г.
Деновиве излезе од печат списанието „Библиотекарство”. Во него се објавени и два стручни труда од областа на библиотекарството подготвени од нашите колешки.
М-р Мариче Боздоганова, советник библиотекар пишува на тема: Промени, визии во библиотечното работење а м-р Елена Станкоска – библиотекар се задржува на искуствата од „Почетоците и впечатоците од воведувањето на КОБИСС во НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид“.
Новиот број на „Библиотекарство“ списание на Библиотекарското здружение на Македонија има и други содржини и трудови поврзани со библиотекарската теорија и практика. Издавањето на списанието е помогнато од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Во продолжение, имате можност да ги прочитате стручните трудови од колешките Боздоганова и Станкоска.
Промени, визии во библиотечното работење
027.022 “20”
(стручен труд)
м-р Мариче Боздоганова, советник библиотекар
НУ-Библиотека „Григор Прличев“, Охрид
mbozdoganova@yahoo.com
Апстракт
Во овој труд даден е осврт на новите услови кои ги наметна ковид-19, пандемија која го зафати на глобално ниво човештвото. Давајќи нови напори за прогрес и активност во своето работење библиотеките иако физички затворени, дигитално и виртуелно ги поврзуваа своите корисници до своите сервис услуги. Како доаѓаат промените така и библиотеките ги прифаќаат и се адаптираат кон новите услови за да бидат поадекватни и подостапни до своите корисници.
Клучни зборови: библиотека, дигитализација, мобилни апликации
Под влијание на информациско-технолошкиот развој, но и структурно-организациските општествени преобразби на јавните библиотеки кои како традиционални културни наследства и места за позајмување на книги се воведуваат нови методи и стратегии за развој на библиотечното работење како од информациски, културна, образовна и мултикултурна, мултимедијска и комуникациска средина наменети пред се за корисниците на своите локални средини. Улогата на јавните, народни библиотеки во локалната средина се во корелација со информациското општество и карактеристичните општествени процеси на мрежната глобализација.
Непосредниот пристап до сите релевантни извори и информации се нагласува како најважна улога во јавните (народните) библиотеки во ова информациско општество. Оваа улога на јавните библиотеки е посебно нагласена во УНЕСКО-от Манифест за народните библиотеки.
Во 21 век посебна важност има „…во сѐ посложеното општествено уредување луѓето мораат да усвојуваат нови вештини во различни фази од својот живот. Народната библиотека има многу важна улога во тој процес.“
Мицхаел Горман укажува на некои аспекти за потполна промена на концептот на збирките во современата информациско-технолошка развојна библиотека. Промените доаѓаат од разликите меѓу материјалите на книжевната граѓа (книги, списанија, филмови, и др.) како и електронски документи и извори. Според него нема разлика помеѓу печатена граѓа и електронски извори, нив ги смета за современа книжевна збирка, сложена граѓа.
Во време на виртуелен и дигитален свет, дигитализацијата на печатениот, ликовниот и звучен документ, поточно нивниот пренос од аналоген во дигитален формат, денес е вообичаен начин на копирање на информации на аудиовизуелната и мултимедиска граѓа.
Е-книгата често се дефинира како електронска верзија на печатена книга. Поимите дигитални и електронски се користат како синоними, а се користи и поимот мрежни поточно онлајн извори. Е-книгата е достапна и се дистрибуира со помош на платформа, уреди кои содржат потребен хардвер и софтвер. Е-книгата може да се дефинира како една или повеќе компјутерски датотеки со ограничена содржина која и е достапна на јавноста како онлајн книга или во материјален облик ЦД-РОМ, ДВД и слично.
Иднината на библиотеките во дигиталното време
Со текот на времето задачите на библиотеката не се намалија, напротив станаа сѐ побројни и поразноврсни. За да го оправдаат своето постоење не е доволно само да обезбедат пристап до информациите кои им се потребни на корисниците, тука се со нови задачи меѓу кои да располагаат со доволно материјални средства и соодветна опрема како би одговориле на предизвиците на новото време. Библиотекеите денес стануваат многу важни од кога и да било досега, токму затоа што светот брзо се менува.
Во овие промени влегува и архитектуратата и ентериерот на библиотеките, во главна улога да биде корисникот а не библиотечната граѓа. Сепак библиотеката е јавно добро и во овие временски параметри трпи коренити промени.
Така на пример Јавната библиотека во Сакрменто, Калифорнија, на своите сограѓани им нуди простор за состаноци, организира клуб средби на љубителите на книги, време за приказни за мали деца, филмски вечери, и слично. Понатаму онлјан услугите се шират со брзина на светлината. Со овие извори кои ги нуди интернетот во време на пандемијата која ја зафати целата светска популација книгата стана многу потребна и блиска на човекот.
Иднината на библиотеките во дигиталното време е неизвесна, додека читањето на книгите е најважен начин за стекнување на нови знаења. Во последната декада формирани се повеќе дигитални библиотеки кои се развиени ширум светот. Правени се обиди да се одреди значењето и смислата на услугите, изворите, збирките, каде е увидено дека се запоставува важноста и користа на дигиталните библиотеки во односот кон корисниците и нивниот начин на користење на дигиталните збирки во секојдневниот живот.
Библиотекарите мора да имаат критичко размислување, анализа на податоци, флексибилност, лидерство и управување со технологија. Ова е од голема важност за создавање дигитална инфраструктура што им овозможува на библиотечните услуги да останат на сила за време на изолацијата. За да ги објават овие услуги и да останат поврзани со заедницата, библиотекарите мора да имаат добро запознавање со напредните методологии за комуникација и промоција што се користат и во маркетингот.
Денес, на глобално ниво појавата на пандемијата „ковид-19“ во библиотечното работење го актуелизира поголемото дигитално движење во сервис услугите на поголем број од библиотеките. Физички библиотеките беа затворени но дигитално достапни и отворени за корисниците и на далечина. Примери на добра пракса има во повеќе библиотеке во Македонија: Скопје, Битола, Штип.
Библиотекарството пак, како професија е флексибилна и прилагодлива на новите предизвици што ги носи технологијата.
Така се повеќе библиотеки дел од своите активности, сервис услуги ги дава преку различни видови мобилни апликации. Овој модел на работа овозможува на брз, ефикасен и нов начин да се задоволат различни потреби на многубројни корисници. За да се имплементира било која мобилна апликација потребно е да земат во предвид неколку клучни прашања. Перд сѐ колку библиотеката е спремна да вложи во ваков проект за давање услуги, потоа кој вид апликација е поприкладен за корисниците.
Кога ќе се направи една паралела на традиционалната услуга со мобилната можат да се видат повеќе предности. Библиотекарите можат да опслужат повеќе барања, а на корисниците им се заштедува време да не одат до библиотеките. Можат во било кое време да пребаруваат и да доаѓаат до поголем број на информации.
Без двоумење можеме да кажеме дека во секој аспект на современото живеење вклучена е употребата на мобилните апарати и бројни сервисни услуги од интернетот. Ова е добра прилика денес библиотеките во овие услови да ја искористат оваа можност во своја корист и да го модифицираат традиционалниот начин на работа. Поголем број од библиотеките имаат вредни збирки, спомен соби, легати и посебни колекции каде пристапот е ограничен за корисниците. Токму таа разноликост на услуги кои библиотеката ги нуди на корисниците остава простор за осмислување и дизајнирање на најразлични апликации кои можат да го подобрат и унапредат работењето на библиотеката.
Според Јулија Бергман се разликуваат три вида апликации: 1. Апликација за библиотечни каталози кој овозможува онлајн пристап; 2. Таканаречена апликација за вредните фондови на кои им е овозможен пристап од страна на архивата – како што се вредните ракописи; 3. Апликација за проширување на реалното пребарување во кое се комбинираат информациите за онлајн податоците.
Примери на добра пракса во светот има многу. Тука е Конгресната библиотека во Вашингтон, која на својата АппСторе платформа можат да се преземат апликациите за ајпед, ајфон, ајпод и за андроид апаратите. Прилагодени за различни категории на корисници.
Во Кина како најпопуларна апликација за високошколските и универзитетските библиотеки е апликацијата ЊеЦхат Либрарѕ. Ова е апликација за мобилни телефони со оптимална развиеност за поврзување на библиотечниот систем и можностите на мобилните телефони. Овој начин на поврзување е многу прилагодлив за корисниците за да ги реализираат своите потреби.
Во нашата земја забележана е апликацијата мЦОБИСС, која се користи пратејќи ја платформата на ЦОБИСС системот, осмислена од страна на Институтот за информациски науки од Марибор (ИЗУМ). Основна намена на апликацијата е онлајн пребарување на каталогот. Може да ја користат и андроид телефоните и таблетите.
Корисниците на апликацијата можат да пребаруваат низ каталогот, да завршат активности со сервисот на библиотеката без да ја посетат физички, како на пример да резервираат книга, да откажат резервација, да направат преглед на позајмениот материјал.
Во таа насока и на веб-страниците од библиотеките може да се види што најново им се нуди на корисниците, дали се тоа нови наслови, изложби, промоции, работилници, и слично. Тука се линк контакти со библиотекарите, линк за електронските изданија, линк за корисници, линк за дигитални изданија, звучни изданија.
Како заклучок
Пандемијата на коронавирусот се чини дека ги запре нашите брзи животи и светот, присилувајќи ги луѓето да останат безбедни дома. Иако се работи за невидени и неизвесни времиња, време е да паузираме, да седнеме настрана и да размислиме за нашите предизвици во иднина. Годината 2020 е година со многу промени – било да е тоа во нашиот животен стил, работата, ние самите или општеството. Со можностите за работа од дома и намалените патувања, луѓето сега имаат повеќе време да го изберат читањето како одлична активност, не само за да избегаат од суровата реалност на животот, туку и да растат како личност.
Навистина, луѓето не само што читаат повеќе, туку исто така се приклучуваат на клубовите за дигитални книги или присуствуваат на дигитални настани за да ги запознаат своите омилени автори од удобноста на нивните домови. Во меѓувреме, многу читатели ширум светот ги охрабруваат луѓето да читаат со споделување на нивните списоци за читање, дискутирање книги и идеи, па дури и гласно читање книги на младите читатели.
Ако пандемијата нè натера да размислуваме за нашите животи, тогаш исто така нè натера да сфатиме дека книгите се едни од најважните предмети потребни за да се помине дома. Како што носителот на Нобеловата награда Малала Јусафзаи со право ќе рече: „Едно дете, една наставничка, една книга, едно пенкало може да го смени светот“.
Впрочем, промената започнува од дома!
м-р Елена Станкоска,
библиотекар
ПОЧЕТОЦИТЕ И ВПЕЧАТОЦИТЕ ОД ВОВЕДУВАЊЕТО НА КОБИСС ВО ОХРИДСКАТА БИБЛИОТЕКА “ГРИГОР ПРЛИЧЕВ”
Н.У. Библиотека “Григор Прличев” – Охрид (elenastankoska@hotmail.com)
Апстракт
Денес, во услови на масовно користење на интернетот како средство и алатка за општење и работа меѓу луѓето, се јавува потреба од дигитализација и во библиотеките. Корисниците на услуги во библиотеките имаат најразлична потреба од услугите на библиотеките, па така преку автоматизираното КОБИСС работење, истите во секое време имаат можност да видат со што располага една библиотека, да пребаруваат публикации, имаат евиденција за прочитаните книги, рокот за враќање на позајмените книги, можност за резервација и сл.
Со тоа библиотеките од подзаборавени стануваат повторно актуелни центри на просветата, науката, знаењето, читањето, учењето, што се пак столбовите кои служат како цврст темел при изградбата и оформувањето на човекот, отсекогаш па и сега.
Клучни зборови: Библиотека, библиотечни услуги, КОБИСС, публикации, зајмување, корисници на услуги
Вовед
Денес, во услови на целосна компјутеризација имаме пристап речиси до сите посакувани книги, преводи на книги, видеа и сл. Охридската библиотека во Март месец 2020 година го воведе ЦОБИСС (Кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси).
КОБИСС претставува организациски модел на поврзување на библиотеките во национален библиотечно-информациски систем. Во КОБИСС членуваат повеќе библиотеки од Македонија, но и од Балканот, како Србија, Словенија, Црна Гора, Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина.
Според податоците во КОБИСС системот членуваат 77 библиотеки.
Во охридската библиотека почнувајќи со примена на КОБИСС платформата пред се ги запознавме нашите редовни, но и идни корисници на услуги за новиот начин на работа за зајмување книги, условите, рокот за враќање на позајмениот примерок и сл. Со пополнување на изјава во која ги пишува сите услови за зајмување на граѓа корисниците стануваат членови во библиотеката.
По зачленувањето на тие кои оставиле електронска пошта на истата им стигнува информација преку која се известени дека станале членови на библиотеката. Понатака преку сервисот Мојот КОБИСС читателите можат да имаат пристап до библиотеката, можат да бараат одреден вид граѓа по нивна желба, имаат можност за резервација на саканата литература, да го продолжат рокот за зајмената граѓа и т.н.
Истите можат да позајмат максимум 3 (три) примероци на книги, да ги задржат кај себе најмногу до 10 (десет) работни денови, а при земањето на книгите се плаќа амортизација за истите во износ од 5 (пет) денари по примерок.
За рокот за враќање на позајмената граѓа на читателите ги информираме усно, но на тие кои оставиле електронска пошта (е-маил) системот автоматски им испраќа пораки, преку кои ги известува за рокот за враќање на позајмениот материјал, им испраќа опомени за неплатени побарувања и сл.
Има такви читатели на кои испраќањето пораки преку кои се информирани за рокот за враќање на библиотечниот материјал или за неплатени побарувања им доаѓаат како еден вид потсетник, но има и такви на кои им се допаѓа многу испраќањето е-пораки.
Сепак, според досегашното истражување се покажало дека на поголемиот процент на читатели не им смета информирањето преку електронска пошта.
Предности на КОБИСС
Во поглед на враќањето на позајмениот материјал мора да се констатира дека позајмените книги во поголем процент од случаите се враќаат навреме.
Тоа не беше случај претходно кога многу книги останаа кај читателите, односно истите не ги вратиле поради разни причини; ја загубиле книгата, некој им ја украл на плажа, или едноставно не им е грижа. Со тоа Библиотеката е оштетена и е во минус за одреден број на книги.
Штетата е уште поголема ако станува збор за книга која е во еден примерок, барана белетристика, лектирно издание и т.н.
Слабости на КОБИСС
Од досегашното искуство може да се донесе заклучок дека како една од слабостите на КОБИСС мрежата е плаќањето амортизација за секој примерок поединечно кој кај нас изнесува 5 (пет) денари. Имено, има читатели кои не сакаат да платат при секое зајмување или при повторно зајмување на истата граѓа, бидејќи на пример не успеале истата да ја прочитаат, или станува збор за стручна литература која корисниците сакаат да ја задржат кај себе подолго време без да платат повторна амортизација за истата.
Следна слабост претставува ограничениот рок за враќање на позајмениот примерок. Бидејќи постои рок за враќање на позајмената граѓа од 10 (десет) работни дена, на корисниците им стигнува електронска информација преку која се известени дека позајмената книга треба да ја вратат во одреден рок.
Слабост постои и кај пребарувањето на граѓата во КОБИСС. Имено, системот бара многу точно и прецизно напишани податоци за автор на бараното дело или наслов.
Конкретен пример постои кај писателката Диане Цхамберлаин. Во преводот кај нас понекогаш стои Дајен Чемберлен, а понекогаш Дајен Чемберлејн. Значи има разлика за една буква. Кога сакаме да пребараме на пример кои книги ги имаме ние во нашата библиотека од истата писателка не излегуваат сите, заради грешката во една буква.
Лично сметам дека тоа понекогаш претставува сериозна слабост во пребарувањето на КОБИСС мрежата, односно заради само една буква може да се донесе погрешен заклучок.
За компарација кај “Гугл” пребарувачот доколку имаме ненамерна грешка истиот ни дава резултати од поширок опсег, а кај КОБИСС може да значи и дека ја немаме граѓата само заради грешка во една буква.
Кај слабостите може да го вметнеме и податокот дека нема историја на прочитани книги. Кога одреден член ќе ја врати граѓата понатака не постои податок за бројот и книгите кои истиот ги прочитал.
Можности на КОБИСС
Како можност може да се вметне показателот за конкретна граѓа, што подразбира евиденција за секоја книга дали и кај кој корисник е издадена истата според нејзиниот инвентарен број, знаејќи притоа дека секоја книга има т.н. свој “ матичен”, односно свој инвентарен број. Со тоа е олеснета и резервацијата на посакуваната книга.
Во случаи кога некој сака да пребарува со што располага една библиотека, или во случаи кога матичната библиотека ја нема бараната публикација, постои можност преку едноставен пристап секој поединец на лесен начин да пребарува која библиотека ја има саканата граѓа во земјава и преку библиотечна размена да стигне до посакуваната публикација. Тука се разбира им излегуваме во пресрет на читателите секогаш преку библиотечната размена.
Пребарувањето е исклучително лесно; потребно е да се избере посакуваната библиотека за пребарување, потоа се пишува авторот доколку ни е познат, па насловот на делото исто така доколку ни е познат, клучни зборови и сл.
Во случај кога не го знаеме точниот наслов на делото може да се пребарува според писателот; значи во полето кај автор го пишуваме авторот, а полето наслов го оставаме празно ако не е познато. Пребарувањето ќе ни ги покаже сите дела на авторот, вклучувајќи го и бројот на примероци.
Истото се однесува и во случај кога не го знаеме или не сме сигурни за авторот на делото; полето автор го оставаме празно, а во полето наслов го пишуваме насловот на делото. Пребарувањето ќе ни покаже кој е авторот на бараното дело и во колку примероци е истото во бараната библиотека.
Опасности на КОБИСС
Постои опасност од губење на членови во библиотеката. Опасноста се состои претежно од ограничениот рок за враќање на позајмената граѓа.
На некои читатели не им е доволен рокот од 10 (десет) работни денови за да ја прочитаат позајмената книга, па мораат да ја зајмат повторно што подразбира плаќање повторна амортизација за истата, или во краен случај се откажуваат од членството во библиотека.
Исто така, постојат случаи кога постои опасност корисниците да се откажат од членството во библиотека заради високиот износ на парични средства кој треба да го платат заради ненавремено враќање на позајмениот библиотечен материјал, односно задоцнини.
Обично кај повозрасната читателска популација кои немаат електронска пошта се случува да задоцнат со враќање на позајмениот материјал, а тоа подразбира плаќање на задоцнина, која системот автоматски ја пресметува, а кај нас изнесува пет денари на ден по примерок.
Преку СВОТ – анализа табеларно се прикажани предностите, слабостите, можностите како и опасностите од автоматизираното КОБИСС позајмување.
Слика бр.1. Табеларен приказ за СВОТ – анализа
СВОТ-анализата е алатка за планирање и се користи за проценка на предностите, слабостите, можностите и опасностите
Обично, СВОТ – анализата се користи во маркетингот, каде од внатрешните и надворешните чинители зависи бизнисот, но во овој случај ќе ја искористиме СВОТ – анализата за да ги воочиме предностите, слабостите, можностите и опасностите со кои се соочуваме при секојдневното работење во КОБИСС мрежата.
Целта е елиминација и усовршување на сите слабости и опасности.
Заклучок
Од досегашните искуства и од погоре кажаното, може да се констатира дека автоматизираното КОБИСС зајмување во Националната Установа Библиотека “Григор Прличев” – Охрид функционира добро, со секојдневно зачленување на нови читатели, секојдневно зајмување публикации во одделот за деца и возрасни, продолжување на рокот за враќање на позајмениот материјал и слично и покрај здравствената криза со ковид-19.
Она во што се јавува проблем е просторот, односно немањето доволно простор за сместување на сите книги, весници, списанија на полица, и тоа што библиотеката е од затворен тип. Тоа значи дека читателот нема слободен пристап до книгите на полица, туку е обврзан да мора библиотекарот да му ги донесе бараните публикации.
На полица пак, публикациите се сместени според УДК – Универзална Децимална Класификација и според презимето на авторот.
Тука се разбира, многу е важен односот меѓу библиотекарот и читателот, неговото познавање на книжевностите, писателите и нивните дела. При услови на затворен тип на библиотека јасно се гледа улогата на библиотекарот како професија, кој има задача да ги задоволи потребите, барањата, желбите и интересите на читателот, кој се уште не може сам да пребарува на полица, да го задржи како читател и да го привлече повторно да дојде.
НУ Библиотека