21 јуни,2021 г.
Вечерва од 20.30 часот на платото пред споменикот на големиот преродбеник Григор Прличев во близина на НУ Библиотека што го носи неговото име ќе се одржи промоција на првата книга од м-р Златко Попоски од Охрид, насловена „Откровение Захариево“.
Авторот Попоски во својата книга преку главниот измислен лик Захарије, укажува на вистините што Бог ги открива на луѓето за себе, за светот, за човекот, за смислата на своето постоење и за спасението. Преку патешествијата и беседите на Захарије, Попоски на читателот сака да му ги пренесе многуте мудри начела и догми од најголемите светски религии: христијанската, еврејската и муслиманската. Преку цитатите од светите книги: Библија, Талмуд и Куран, читателот ќе увиди колку сме, како граѓани на светот, блиски едни со други.
Златко Попоски е роден на 21 јуни 1980 година во Струмица од каде дошол во Охрид и тука го завршил основното и средно образование. Високото образование го завршува на Архитектонскиот факултет во 2005 година, а магистрирал 2008 год.
Промотор на книгата ќе биде Академик д-р Миле Миќуновиќ, а извадоци од неа ќе чита Мила Коруноска.