24 мај, 2021 г.
Денот на свети Кирил и Методиј првпат кај нас бил одбележан во 1860 година, во црквата „Св. Богородица“ во Скопје.
Во 11 век црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Датумот е избран бидејќи го означува датумот кога почнала Моравската мисија.
Иако св. Кирил и Методиј се признаени и се слават како сесловенските просветители и учители, а нивниот ден – 24 Мај (денот кога почнала Моравската мисија) е македонски државен празник, нивното дело, создавањето на првата словенска азбука – глаголицата, претставува извориштето, основата од која понатаму тргнале по својата развојна линија да се формираат денешните современи словенски јазици, како и на македонскиот јазик.
Да се потсетиме за да не се заборави:
Со доаѓањето на Словените во Македонија, тие со себе ги донеле и своите пагански верувања и својот јазик. За писмено изразување употребувале црти и рески. Сепак со доаѓањето во Македонија и на јужниот Балкан се сретнале со напредна култура и развиена писменост. Словените од староседелското население го примиле писмото кое било во употреба на тие простори и го користеле во писменото изразување. Но со постојните букви на грчкото унцијално писмо или со римското латинично писмо, не можеле да ги пишуваат сите карактеристични словенски гласови кои ги изговарале. Поради тоа, се појавила потреба да се создадат нови знаци – букви, со кои ќе се пишуваат словенските зборови, те. писмено ќе се забележува јазикот на Словените. Создавањето на азбука за Словените било дипломатски чекор на Византија, а со азбуката византиската придобивка била двојна. Прво – полесно се ширело Христијанството кај Словените и второ, Византија придобивајќи ги балканските словени на своја страна си обезбедувала подобра позиција против Бугарската држава која напаѓала на територијата на Византија на Балканот.
Познати се нивните мисии кај Сарацените,Брегалничката мисија, Хазарите и Аланите и последната и најпознатата нивна мисија во Велика Моравија и таа во Панонија
Задачата за создавање на словенско писмо, од византискиот двор ја добил Кирил (Константин Филозоф), кој имал целосна поддршка и помош од неговиот брат Методиј.
Константин и Методиј се браќа родени и пораснати во Солун. Потекнуваат од угледно солунско семејство. Нивни родители биле Лав и Марија.
Методиј е роден во 826 год. Се школувал во специјални училишта за стекнување на воени вештини и за извршување на високи државни функции. Поради стекнатото знаење и способностите кои ги поседувал, Методиј на 20 годишна возраст, од визнтискиот двор добил чин Војвода. Тој како војвода во 845 година бил испратен да биде управник на Словенското кнежевство во Македонија, кое се простирало во Струмичко – брегалничкиот регион. Задача на Методиј била да ја осигура поддршката на месното население во борбата против бугарските напади на таа територија.
Константин, познат под монашкото име Кирил, бил роден во 827 год. Се школувал во солунските училишта во кои оделе само децата од поимотните семејства. Како најдобар ученик, рано се школувал на Цариградскиот универзитет (Магнаурската школа). Таму изучувал повеќе науки и повеќе јазици. По завршувањето на студиите Константин станал професор по филозофија во универзитетот во кој и самиот учел претходно. Како вреден и образован стекнал голема доверба на византискиот двор.
Во 863 год. моравскиот кнез Ростислав побарал од Византискиот император Михаил III да му испрати мисионери за заштита од влијанието на германското свештенство и германските мисионери. Византискиот император на мисија во Велика Моравија ги испратил Константин и Методиј. Специјално за престојната мисија, браќата создале посебна азбука според јазикот кој го зборувале Словените, составена од 38 букви, Оваа азбука наречена е ГЛАГОЛИЦА. Превеле дел од Библијата на словенски јазик и неколку богослужбени книги на словенски и заминале во Велика Моравија.
Нивната дејност наишла на силен отпор кај германските свештеници кои жестоко се бореле против воведувањето на словенскиот јазик во богослужбата и против глагоското писмо.
Веста за мисионерите во Моравија стигнала и до Папата Никола И, па двајцата браќа тргнале кон Рим, на средба со Папата.
За делото и големината на браќата Константин и Методиј, дознал и кнезот Коцел од Панонија, кој ги повикал браќата да им помогнат на панонските Словени против германизацијата. Константин и Методија останале во Панонија 6 месеци и во тој период го ширеле христијанството и писменоста кај тамошното население. Од таму преку Венеција, отпатувале во Рим.
Во Рим браќата биле примени од Папата Адријан II затоа што Никола I штотуку починал. Нему му ги предале моштите од папата Климент I. Поради мудроста и пожртвуваноста на Константин и Методиј, поради нивната мисија за ширење на Христијанството и поради честа која му ја направиле на починатиот папа Климент I, Адријан II, го ракоположил Константин за свештеник, а неговите ученици за презвитери и ѓакони. На Константин му било дозволено да изведе богослужба на словенски јазик, црковните книги кои биле преведени на словенски јазик и писмо биле оставени на поклонение во еден од римските храмови, а преводот на Библијата бил осветен од Папата кој дозволил во Велика Моравија и Панонија да се богослужбува на словенски јазик.
Во Рим, Константин тешко се разболил. Се замонашил во февруари 869 година и по педесетина дена починал. Непосредно пред смртта го примил монашкото име Кирил. Неговото тело со високи верски почести било положено во црквата „Св. Климент“ во Рим каде што се наоѓа до денешни дни.
Методиј, со од папата добиениот архиепископски чин се вратил во Велика Моравија за да продолжи со мисијата. Заедно со своите ученици, дејноста ја вршел со големи тешкотии поради силниот притисок од германското духовенство, се до смртта во 885 год.
НУ Библиотека