21 февруари, 2021 г.
Јазикот е богатство, оружје и еден културен белег на секоја заедница. Во светот постојат околу шест илјади јазици (воодушевувачки нели), а на половина од нив им се заканува исчезнување во многу делови од светот. Мајчиниот јазик кој го знаеме и говориме уште од мали нозе е идентитетски поврзан со нас и нашето постоење, тоа е јазикот на кој ни зборуваат родителите, тоа е оној на кој ги учиме првите зборови и лесно го разбираме.
Јазикот е средство со кое ние дознаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот собеседник. Во него има одделни гласовни знакови или зборови за сите мисли, чувства и желби на еден човек, затоа јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови сите народни мисли, чувства и желби со коишто има живеено и живее еден народ и коишто се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго.
Во светот денеска се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, кој УНЕСКО го прогласи на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година. Во 2000 година 21 февруари е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам.
Анализите на УНЕСКО покажуваат дека може да исчезнат околу 2.500 јазици од речиси 6.000 што се зборуваат во светот. Во изминатите 90 години исчезнале околу 200 јазици, а 199 ги зборуваат помалку од десет луѓе. Последен што исчезнал е „ајак“, јазик што го зборувала жена која починала во 2008 на Алјаска.
Треба да го негуваме и чуваме ова културно наследство!
По повод денешниот ден споделуваме неколку цитати во чест на јазикот.
„Јазикот е нашата татковина“. – Блаже Конески
„Дај му повеќе одмор на јазикот отколку на рацете“. – Л. Толстој
„Ако со човек зборуваш на јазик кој тој го разбира, тоа заминува во неговата глава. Ако со човек зборуваш на неговиот јазик, тоа заминува во неговото срце“. – Н. Мандела
„Но, ако мислата може да го расипе јазикот, и јазикот може да ја расипе мислата“. – Џорџ Орвел
„Политичкиот јазик е осмислен така да прави лагите да звучат вистинито и убиството достојно за почит, и да му се даде цврстина на ветрот во магла“. – Џорџ Орвел
„Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“. – Петре М. Андреевски
„Вистинско богатство е јазикот што глувите можат да го чујат, а слепите да го видат“. – Марк Твен