8 февруари, 2021. г.
Вчера се навршија 120 години од раѓањето на холандскиот писател А. ден Долард кој во текот на речиси целиот свој живот бил емоционално врзан за Македонија. Автор е на книги и статии во кои ја промовирал Македонија, со посебен нагласок на Охрид којшто е опишан во неговата книга „Свадбата на седумте Цигани“.
Книгата се вбројува меѓу најпознатите дела на авторот, кој со неговите дела се смета за најголем промотор на Охрид и Охридското Езеро во Холанидија. Првото објавување на македонски јазик книгата го доживеала дури во 2006 година. Книгата е издадена во Охрид од страна на „ВИС ПОЈ“. Преводот е на Виолета Лопстра – Стојаноска и насловот е „Свадба во Охрид“.
Книгата првпат е издадена во 1939 година, по што доживува други многубројни изданија на холандски јазик а преведена е и на други европски јазици. Таа е единствената книга од А. ден Долард што е објавена на македонски јазик.
Дејството на романот е концентрирано во Охрид и околу Охридското Езеро, каде авторот престојувал често и долго, при што инспирацијата ја црпел од непосредното контактирање со месното население и живеејќи го нивниот начин на живот.
Уште со првото објавување книгата го привлекла вниманието на холандската читателска публика, која веќе имала голем интерес кон делата на авторот. Кај читателите се јавил интерес и кон местата кои се спомнуваат во книгата, а со тоа таа побудила интерес за посета на Македонија. Како последица се јавуваат бројните посетители од Холандија кои со децении се меѓу најбројните туристи во Македонија
А. ден Долард во Македонија нашол инспирација и за други книги:
- „Дивјаците на Европа“ (De wilden van Europa, 1932) – патопис
- „За слобода и смрт“ (Van vrijheid en dood, 1933) – патопис
- „Четири месеци кај комитите, повластени убијци“ (Quatre mois chez les comitadjis, meurtriers patentés, 1934) – репортажа
- „Ориент Екеспрес“ (Oriënt-Express, 1934) – роман посветен на борбата за слободна Македонија
- „Заедно е двапати сам“ (Samen is twee keer alleen, 1976) – роман
На 29 мај 2006 година, во Охрид е откриен споменик во чест на А. ден Долард. Споменикот е дизајниран од македонскиот архитект Владимир Таиќ, според идејата на шефот на Холандско-македонската стопанска комора во Македонија, Питер Џон Босе. На откривањето на споменикот во Охрид присуствуваа потомците на А. ден Долард.
Мишо Јузмески од Охрид во сопствениот КИЦ „Култура 365“ има катче посветено на писателот Долард и му се навраќа по разни поводи и организира литературни средби во негова чест а пишува огледи и публиикации.
НУ Библиотека