Сеќавања: 15 години од смртта на охридскиот писател Зоран Ковачески

Сеќавања: 15 години од смртта на охридскиот писател Зоран Ковачески

Posted by Milco Jovanoski in Околу нас 21 Jan 2021

21 јануари, 2021 г.

Како дел oд Програмата за одбележување на настани од областа на културата и годишниот календар, Општина Охрид денеска му оддава почит на големиот охридски и македонски писател Зоран Ковачески.

Зоран Ковачески (1943-2006) детството и младоста ги минува во Охрид, каде што завршува основно и средно образование. Правен факултет завршува во Белград. Извесно време престојува во Скопје, а потоа се враќа во Охрид и тука останува до крајот на својот живот. Автор е на збирките раскази „Охридски приказни“, „Аристотел од Ресен“, „Пејач“, „Кога не пеат петли“ и на романите „Семејна фреска“, „Летачи на метли“, „Одмазда“, „Историја на светото дело“. Романот „Семејна фреска“ е преведен на српски јазик, а одделни раскази на англиски, француски, турски, германски и други јазици. Добитник е на повеќе литературни награди и признанија.

„Расказите на Зоран Ковачески од критиката често се именувани како „градски“ односно „охридски раскази“, а него го сметаат за раскажувач за Охрид….Ковачески трага по тој и таков рај, фрлен на маргините на една целосно заборавена космичка провинција: неговиот топос, што тој го именува, сосема акцидентално како Охрид….Ковачески е раскажувач на паланечкиот дух, а не на паланката, затоа што веќе се кажа, паланечкото е состојба на духот, а не место. Иако бесмилосно ги критикува слепилото и незнаењето, простотијата и душевната беда на својот паланечки џган, тој, како што се виде, во вториот круг на неговите имаголошки набљудувања, ни ја покажува и паланечката свест на Европа и светот……“, пишува меѓудугото познатиот писател, есеист, критичар и книжевен теоретичар Венко Андоновски во предговорот на книгата „Охридски раскази“.

По повод 15 години од смртта на Зоран Ковачески, го објавуваме расказот „Чинар“ кој е дел од неговиот значаен творечки опус.

ЧИНАР

Убиецот го доведоа во градот. Чета гавази одеа по него, а тој напред, врзан, бос и искинат. На десниот образ, од веѓа до брада, се црвенееше трага од камшик.

Челото му беше испотено, косата растурена. Се запреа под чинар. Денот топол, пладне е и ноздрите се полни со жешка прашина. Некои од гавазите отидоа вода да бараат, другите поседнаа по калдрмата. Нему му наредија да стои исправен.

Мажите доаѓаа од сите улици. Веста бргу се расчу низ градот.

Бор е, се чу, удрен од гром и поцрнет.

Во душата ѓавол.

На душа имал дваесет дечиња.

Крв пиел.

Убил везир султанов и сега Стамбол го носат.

Како Стамбол, кога овде ќорсокак и џадето натаму не оди?

Прво да им го покажат на луѓето, да ја заплашат народијата, го шетаат низ цела дуња, пред сите очи, а накрај ќе го погубат.

Војникот што го држи врзан, рече, овде ќе го беселе. Рече, овој чинар е прочуен низ цела дуња по својата погодност.

Султанот им наредил, ќе го однесете во фиљан град, таму има едно дрво илјадагодишник и тука ќе го оставите три дни да виси за гавраните.

-Луѓе, – наеднаш викна врзаниот, а тие молкнаа изненадени од гласот, рапав и испокинат – ваш сум, зарем не ме познавате?

Тие го загледаа од сите страни. Онаков, каков што го гледаа, им влеваше страв. И насоне бегале од помислата аскер да ги врзе и да ги обеси. Беше надвор од нив, од секојдневието

иживотот мирновременски, надвор од разбирањето на векот и неговата дозволена граница. Како вампир, можеби што личи на нив и некогаш бил меѓу нив, но сега е сосема друго. Да си скраја и далеку од него.

-Овдека сум роден, овдека сум раствн. Јас сум…

Не сакаа да го познаат. Гавазите се враќаа, носејќи матарки наводенати. Му подадоа една на тој што го држеше врзан убиецот, а овој целата му ја потури на глава. Капата му лежеше фрлена во прашината.. Војникот не го знаеше јазикот на затвореникот и не разбираше што зборува. Во градот каде му беше касарната, еден ден го донесоа и му наредија, ќе го водиш. Не знаеше ни зошто е затворен, ни што сторил.. Му рекоа, една глава е ветена за господа.

Еднаш, дури пушеа пред спање во една населба во која се чинеше дека им повеќе кучишта од луѓе, за миг кај војникот се јави поголем интерес од затвореникот, одошто бараше професионалната обврска.. Темница. Денот штотуку исчезнал, ноќта се мешаше со недозгаснатите светлиии, а чувствата се лелаа подлегнати во кадифе. Во таква вечер, во живеалиште за кое дотогаш не си чул и за кое си сигурен дека никогаш веќе нема да

го видиш, кај него се будеше незапирлива желба да се зближи со луѓето. Самотијата му беше неиздржлива , внатрешен страв од вишниот, што расте од секунда во секунда, го тераше некому да му ја искаже маката и да здреме во туѓата душа. Некаков фронт, неузнаена војска се сплотува пред бој.

Затвореникот лежеше на плеќи, со ширум отворени очи.

Што ли размислува, – се прашаше војникот – има ли мајка, деца , жена? Мора да

емногу мачно да лежиш вака навечер, кога штурците свират од житата, далеку од се што е блиско и да знаеш дека никогаш не ќе се вратиш.

Топлина, дотогаш непознатата љубов за ближниот, блика во него.Војникот подаде рака и го погали по чело. Почувствува, челото на затвореникот беше набрано и потно.Низ темнината повеќе насети отколку што виде, човекот се стресе. Можеби го уплаши физичкото присуство на она што го сонувал. Потоа полека ја сврти главата и умилно го погледна. Очите, тврди и јагленосани, вечерта беа полни солзи.

Сонцето паѓаше кон запад. Некои од гавазите беа заспани во пукнатината на чинарот. Офицерот се врати. Веќе и самиот престанал да се вознемирува поради неуредноста на војниците. Ваму, кадешто одеа, беа споредни џадиња;касарни и војници немаше. Редот и хигиената, неопходни за една војска во цивилизацијата, овде ја загубиле смислата.

Генералот му нареди: „ Овега, ќе го вардиш како око во главара.Ќе одиш по овој пат и мораш до есен да втасаш до морето“.

Во секое место кадешто врват и запираат, се собира народ.

Така, дури одмора и бесцелно гледа како проаѓа времето, се прашува на што ли им личат. Дали им се радуваат, можеби ги мразат или сожалуваат? Замислува како би изгледал кога наеднаш би запрел во вакво место и би решил тука да остане.

Да се ожени, куќа да изгради и да тлее далеку од сите џадињаи колежи. Дали некогаш, кога ќе се намери ваков карван, потсетник на огнот што ја пали душата, дали ќе посака пак да биде што бил?

Тој можеби не е создаден за војсководец. Кога убива во него има сожаление. Неговиот пријател Инчбер му раскажуваше дека еднаш на ваков поход во една пустелија, кога почуствувал дека во него нешто се крши и кога почнало да се буди сомневање во себе и сила што го влечела да остане, наредил да се запали населбата и на секое дрво да се обеси по еден граѓанин. Тој му се восхитува на Инчбера и признава дека далеку ќе дотера.

Затвореникот молчи. Веќе одамна престанал да живее. Овој пат, ова мачење со летото, е само од до смртта. Првите денови, додека се уште има сила, демне прилика да избега. Сега веќе на ништо не се надева. Престанал и да мрази. Овој град мошне го потсеќава на неговиот. Тој, всушност, немал свој град, своја куќа и семејство. Се подал уште од младоста на некаква страст и побуна. Градот, со еден плоштад и една главна куќи изградени една над една на еден рид, го сонувал само во моментите кога би скапнат

исе сомневал во смислата на тоа што го правел. Сега, кога е јасен крајот на неговото дело, би дал се што може да заспие и кога ќе се разбуди, да се најде слободен и заживеан во овој град. Очите нежно му го пијат небото што синее меѓу гранките, потоа се запираат на куќите што го надживеале градителот и на стрелките на големиот саат што ги запрел некој несреќник убеден дека го запира времето.

Жените, во куќите , месиле татлии и други благи работи и сите, една зад друга, ги носат пред затвореникот. Мажите, отстрана, немо гледаат. Војниците мислат, таков е адетот, такви се каноните на овдешната вера. Во овој момент, кога тој занавек ќе отпатува, граѓаните сваќаат колку им бил близок.

Во нивниот живот мачеништвото е неразделно со херојството и сите што остануваат настрана од несреќата , паѓаат на колена пред маченикот почит му покажуваат. Така било отсекогаш, од време и век. Чувствуваат должност, барем овој заден час што ќе го помине човекот со нив, да му ја разблажат болката со најблагите работи што ги имаат и што се служат само на свадби, празници и крштавања.

Војниците сето тоа го товарат на ајваните и кинисуваат. Во нивниот од, нивните изветвени облеки и прашината што не можат да ја измијат водите попатни, има закана пред непознатиот непријател и признавање на немоќта пред она што се остава. Секој од нив со сета мака се сили да не мисли, зашто мислата прострена по такви хоризонти раѓа само болести. По нив, додека и последниот коњ не го помине мостот на Далјан, камбаните не престануваат да ѕвонат, ниту пак луѓето се помрднуваат, собрани на испраќање, кај чинарот.

Извор: www.ohrid.gov.mk