Дел од творештвото на д-р Шароска достапно за читателите во нашата Библиотека

Дел од творештвото на д-р Шароска достапно за читателите во нашата Библиотека

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 26 Aug 2020

26 август, 2020 г.

Деновиве НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид го збогати книжниот фонд со неколку изданија кои на библиотеката ѝ  ги подари сестрата на проф. д-р Митра Шароска, Ружа Ѓурчиноска а се дело на покојната професорка од Економскиот факултет во Скопје.

Постхумно и во сеќавање на д-р Шаровска имаме 8 нејзини дела.

Првото е во корелација со нејзината животна определба економијата и носи наслов: „ Стопанскиот развој и надградбата“ .

Во предговорот на  „Поговорките даваат поуки за стопанството“ покојната д-р Шаровска, вели: Кога луѓето би се придржувале на поуките од поговрките , тие би биле поуспешни во нивната работа“… Во книгата покрај поговорки од списанието „Економска политика “ од Белград се застапени и македонски народни поговорки. Поголемиот дел од нив ги собрала прочуената естрадна уметничка и наставник Костадинка Палазова и сестрата на д-р Шароска, Ружа Ѓурчиноска обете од Гостивар.

Во две книги под наслов: „Раскажана библија 1 и 2 “ а во посебна книга  „Раскажан коран“ се осврнува на религијата и нејзината улога во општеството и борбата меѓу верувањата во еден Бог и еден Алах. Четирите книги се издадени во 2015 година.

Со религијата на православните христијани се занимава и книгата „ Сто дваесет и шест прашања од детето Питер“ од  д-р Шароска, објавена пред 14 години. Д-р Шароска надвор од својата стручност објавува книга под наслов: „Наша цел производите на зависност – не“ која се занимава со болестите на зависност. Во случајот пушењето и пиењето алкохол и на свој посебен начин се осврнува на овој општествен проблем.

Шароска во своето творештво задира и во  јазичните прашања сврзани со мајчиниот јазик.  Во „Оваа книга е чистилиште од нападите на македонскиот литературен јазик “ д-р Шароска се занимава со зборовите напаѓачи на нашиот- македонски  литературен јазик и бара нивно брзо отстранување од јавната употреба во медиумите и во јавната комуникација.

Митра Шароска е родена 1931 година  во Гостивар . Економски техникум и Економски факултет завршила во Скопје . Универзитетската кариера ја започнала во 1956 година  кога станала асистент а потоа доцент, во 1970 година избрана е  за вонреден професор и во 1976  за редовен професор на Економскиот факултет во Скопје. Во 1982/83 година,  таа е првата жена декан на Економскиот факултет. На студентите им предваше Политичка економија а на постдипломските студии на насоката Методи на економската анализа, Алокација на ресурсите. Проф. д-р Митра Шароска почина во 2017 година во Скопје.

Нејзините трудови и анализи од областа на економијата во тоа време котираа високо и често беа објавувани во стручни списанија, на собири од економската сфера, но и во медиумите.

Проф. д-р Шаровска зад себе има богата општествено – политичка активност. Нејзиниот политички живот започнува во 1965 година кога била избрана за пратеник во Собранието на СРМ била член на Извршниот  совет како и пратеник во Соборот на народите во Сојузното собрание на СФРЈ.