26 август, 2020 г.
Деновиве НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид го збогати книжниот фонд со неколку изданија кои на библиотеката ѝ ги подари сестрата на проф. д-р Митра Шароска, Ружа Ѓурчиноска а се дело на покојната професорка од Економскиот факултет во Скопје.
Постхумно и во сеќавање на д-р Шаровска имаме 8 нејзини дела.
Првото е во корелација со нејзината животна определба економијата и носи наслов: „ Стопанскиот развој и надградбата“ .
Во предговорот на „Поговорките даваат поуки за стопанството“ покојната д-р Шаровска, вели: Кога луѓето би се придржувале на поуките од поговрките , тие би биле поуспешни во нивната работа“… Во книгата покрај поговорки од списанието „Економска политика “ од Белград се застапени и македонски народни поговорки. Поголемиот дел од нив ги собрала прочуената естрадна уметничка и наставник Костадинка Палазова и сестрата на д-р Шароска, Ружа Ѓурчиноска обете од Гостивар.
Во две книги под наслов: „Раскажана библија 1 и 2 “ а во посебна книга „Раскажан коран“ се осврнува на религијата и нејзината улога во општеството и борбата меѓу верувањата во еден Бог и еден Алах. Четирите книги се издадени во 2015 година.
Со религијата на православните христијани се занимава и книгата „ Сто дваесет и шест прашања од детето Питер“ од д-р Шароска, објавена пред 14 години. Д-р Шароска надвор од својата стручност објавува книга под наслов: „Наша цел производите на зависност – не“ која се занимава со болестите на зависност. Во случајот пушењето и пиењето алкохол и на свој посебен начин се осврнува на овој општествен проблем.
Шароска во своето творештво задира и во јазичните прашања сврзани со мајчиниот јазик. Во „Оваа книга е чистилиште од нападите на македонскиот литературен јазик “ д-р Шароска се занимава со зборовите напаѓачи на нашиот- македонски литературен јазик и бара нивно брзо отстранување од јавната употреба во медиумите и во јавната комуникација.
Митра Шароска е родена 1931 година во Гостивар . Економски техникум и Економски факултет завршила во Скопје . Универзитетската кариера ја започнала во 1956 година кога станала асистент а потоа доцент, во 1970 година избрана е за вонреден професор и во 1976 за редовен професор на Економскиот факултет во Скопје. Во 1982/83 година, таа е првата жена декан на Економскиот факултет. На студентите им предваше Политичка економија а на постдипломските студии на насоката Методи на економската анализа, Алокација на ресурсите. Проф. д-р Митра Шароска почина во 2017 година во Скопје.
Нејзините трудови и анализи од областа на економијата во тоа време котираа високо и често беа објавувани во стручни списанија, на собири од економската сфера, но и во медиумите.
Проф. д-р Шаровска зад себе има богата општествено – политичка активност. Нејзиниот политички живот започнува во 1965 година кога била избрана за пратеник во Собранието на СРМ била член на Извршниот совет како и пратеник во Соборот на народите во Сојузното собрание на СФРЈ.