7.6. 2020 г.
Македонскиот правопис е донесен на 7 јуни 1945 со решение на Министерството за просвета потпишано од тогашниот министер Никола Минчев. На 5 мај 1945, со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена и азбуката на македонскиот јазик.
Со тоа се заокружува еден од темелите на македонската државност, удрени со решението на АСНОМ од 2 август 1944, донесено во манастирот Прохор Пчински, со кое македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава.
Јазикот е жива материја, во која се рефлектира секоја нова појава од севкупното човеково живеење, а правописот на секој јазик е збир на правила за писмено претставување на самиот јазик.
„Првото поголемо осовременување на македонскиот правопис, практично, е направено со Правописот од 1969 година по кој следуваше подновениот од 1998 година, составен од истите автори без Тошев, кој почина во 1976 година,“ стои во предговорот на последното издание на Правописот на македонскиот јазик.
Последните изданија на Правописот на македонскиот литературен јазик беа објавени во декември 2015 година и март 2017 година, со што се осовремени неговата последна верзија направена речиси две децении претходно, почитувајќи ги претходните изданија на неговите први составувачи, Блаже Конески и Крум Тошев во 1945 година, како и подоцнежните кои следуваа: Божидар Видоески, Тодор Димитровски, Кирил Конески, Крум Тошев и Радмила Угринова-Скаловска.
Во издавањето на последното издание на Правописот учествуваа Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и издавачката куќа “Култура“.
Второто издание претставува колективен труд, во чија работа учествуваа вкупно 48 автори, специјалисти во своите области водени од редакцијата во состав: д-р Живко Цветковски (претседател), д-р Снежана Веновска-Антевска, д-р Симона Груевска-Маџоска, д-р Елка Јачева-Улчар и д-р Симон Саздов.
Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ е издавач на бесплатната електронска верзија на македонскиот Правопис која може да се најде на адресата www.pravopis.mk.