6 мај, 2025 г.
Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште. Со оваа мудра и вонвременска мисла на истакнатиот македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, филолог и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, великанот Блаже Конески, вчера во НУ Библиотека „Григор Прличев“ започна свеченоста во чест на Денот на македонскиот јазик.
На овој ден во 1945 година, азбуката на македонскиот јазик е усвоена како официјално писмо, а денес, нашиот, македонски јазик е признаен и потврден. На тој јазик комуницираме во своја, независна и слободна држава, но на тој јазик комуницираме и со нашите пријатели ширум светот. Гордо и достоинствено.
Христина Трпеска в.д директор на Библиотеката официјално го отвори настанот, со следните зборови:
– Создавајќи ја македонската држава, АСНОМ особено го истакна и постоењето на македонскиот јазик како клучен елемент на постоењето на македонската нација.
Народноослободителната борба (1941 ‒ 1944) на македонскиот народ на широк фронт ја прифати „брзината“ за разработка на македонскиот литературен јазик, поттикната од Крсте Мисирков во времето по првиот Илинден (1903 г.), а АСНОМ ја озакони во една реченица: „Во македонската држава како службен јазик се заведуе народниот македонски јазик“. Така, имено гласи едно од решенијата донесено пред нешто повеќе од 80 години, на Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 г. во манастирот Прохор Пчински.
Со овој чин, неповторлив во историјата, низ сите свои решенија, АСНОМ ја осветли македонската културна преродба, го продолжи патот на македонските Илинденци што ја основаа Крушевската Република, ги озакони историските права на македонскиот народ заложени уште од Свети Климентово и цар Самуилово време, меѓу нив, особено нагласено, и правото на свој народен македонски литературен јазик во сите сфери на јавната употреба, рече Трпеска.
Потоа премиерно беше прикажан документарниот филм „80 години македонска современа азбука – кирилица“ Овој аматерски документарен филм е дело на група ученици од 7, 8 и 9 одделение од ООУ „Братство – Единство“ од Охрид
Целосно е осмислен од наставничките по македонски јазик Љубинка Михајловска, Маја Гугоска – Дулеска и Сара Серафимоска, а видео, аудио и монтажа направи ученикот Ервин Рустем од 9 одделение, кој го направи филмот како вистински професионалец, а не како дете кое има само 15 години.
Во филмот гласовите ги позајмија ученици и ученички на кои македонскиот јазик им е особено важен. Поздравната реч е на ученичката Ана Томоска од 7 одделение која пред само една недела освои најмногу поени на Регионалниот натпревар по македонски јазик и ќе продолжи да ја докажува својата љубов кон македонскиот јазик и на Државниот натпревар. Тука се и Давид, Мартина Димитар, Адриана, Бену, Кристина … А убавата празнична атмосфера ја обои со музика малечката Бисера Радеска од четврто одделение. Нејзина одделенска наставничка е Елизабета – Бети Здравеска.
Во Библиотеката се слушна и познатата песна „Битола мој роден крај“ отсвирена на блок флејти од ученици од ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец и Косел. Нив на виолина ги придружува наставникот по музика Тони Ѓоргиески.
Вчера на Денот на македонскиот јазик м-р Милчо Јованоски, библиотекар на присутните им го претстави реткиот фонд од македонска книжевност создадена веднаш по НОБ од 1945 до 1950 година.
Во 2023 година, рече Јованоски со финансиска помош од 300 000 денари од страна на Министерството за култура го реализиравме проектот од областа на библиотечната дејност за адаптација на простор и создавање на услови за Депо за редок библиотечен материјал со примена на високи стандарди за негово чување.
Резултат од тој проект беше и издавањето на Каталог во кој објавуваме конкретни факти за нашиот богат трезор од ретки книги од кои најстарата ПРОХОР-ПЧИЊСКО ИЗБОРНО ЕВАНГЕЛИЕ која е наша сопственост датира од последната четвртина на 16 век. Таа книга беше на стручна конзервација и реставрација и се чува во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Се надеваме дека наскоро нашата библиотека ќе создаде услови за нејзино адекватно чување, овде кај нас.
Во реткиот фонд во Охрид има 812 книги кои се од периодот 1872 до 1945 година, напишани во оригинал или преведени на српски, хрватски, руски, бугарски од англиски, француски и италијански автори.Од нив во последниве 7 години стручно се заштитени близу 100 книги.
Во 2019 година во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ беше промовиран каталогот на стари и ретки книги од група вработени во библиотеката: м-р Мариче Боздоганова, Каталогот содржи вкупно 127 наслови на скенирани монографски публикации издадени во периодот од 1872 до 1945 година.
Но, овој вториот каталог оди подалеку и подлабоко анализи рајќи ги авторите и содржините на веќе заштитените книги.
И за разлика од првиот каталог во новиот за првпат светлината на денот јавно во пишан документ во овој каталог по едно опсежно истражување е претставен реткиот македонски фонд од 1944 до 1950 година.
Со датум од 1944 година во нашата Библиотека имаме еден примерок од Манифестот на АСНОМ донесен на 2 август 1944 г. Документ за Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија сведочи за земјата како дел на една нова, демократска и федеративна Југославија, во која македонскиот народ станува сојузник на големите сили победителки, рече Јованоски.
НУ Библиотека