14 август, 2024 г.
Во атарот на манастирот Света Петка во Велгошти, вчеравечер се одржа традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“, посветена на овој значаен литературен деец.
Во рамки на свечената програма беше доделена наградата за најдобар расказ на авторката Дијана Петрова за расказот „Јоанес Даубманус“.
Во името на Општина Охрид пред присутните се обрати Ана Крстеска, заменик градоначалник.
-Живко Чинго беше мајстор на зборот, уметник кој успеа да ја прикаже душата на Македонија низ своите раскази и романи. Неговите дела се споменик на нашата книжевност, вечни сведоци на времето и животот. Преку неговата неповторлива проза, Чинго создаде светови кои дишат и кои треперат, рече Крстеска.
Годинешен беседник за ликот, делото и живото на Живко Чинго беше еминентниот македонски поет, литературен критичар, преведувач и новинар, Бранко Цветкоски.
Меѓу делегациите кои синоќа положија свежо цвеќе пред бистата на Чинго беше и нашата од НУ Библиотека „Григор Прличев“: Владимир Куциноски, Весна Симоноска и Никола Ристовски.
Манифестацијата беше збогатена со културно уметничката програма, а публиката имаше можност да го проследи настапот на квартетот „Струни“ во кој членуваат талентираните музучари Олгица Шундиќ, Сандра Крстевска, Иван Петровски и Љупка Каевиќ. Свој настап во рамки на свеченоста имаа и членовите на КУД „Филиграни“ од Велгошти.
Извор: www.ohrid.gov.mk
НУ Библиотека