10 септември, 2022 г.
Вчера во Охрид на 89 годишна возраст почина познатиот охридски просветен работник и писател Коста Фортомароски.
Коста Фортомароски роден е во Охрид во 1933 година во стара охридска фамилија. Основно училиште завршил во Скопје каде работел татко му, но кога почнува војната 1941 година се враќа во Охрид и го продолжува школувањето . Настапуваат тешки години. Рано го губи татко му. По завршувањето на основното училиште учи во Учителската школа во Битола,а потоа на Виша педагошка школа-македонски јазик во Скопје. По завршувањето на вишата школа се вработува како референт за култура при општина Охрид. Потоа се префрлува во просвета и вонредно го завршува Филозофскиот факултет во Скопје . Се вработува во основното училиште Братство- Единство од каде и се пензионира.
Богатата охридска култура, природните убавини и љубовта кон пишаниот збор биле инспирација за неговото пишување. Почнал со козерии објавени во ,, Просветен работник”, потоа пишувал цртици и раскази. Учествувал на литературни конкурси кои го поттикнувале да продолжи со пишување.
На конкурсот на Радио Охрид за најдобар расказ во 1977 година добил I награда за расказот ,,Билјана” кој е печатен во весникот „Езерски глас” и во првиот број на списанието за литература ,,Спизалит”.
Неговите раскази биле објавувани во Нова Македонија. Во 1988 година добил III награда на конкурсот на подлистокот „ЛИК”.
Автор е на следните дела: романот ,,Прличев горд самјак” (Радио-Охрид1992) и на збирката раскази ,,Бомба во рајот”(Маседонија Прима,1995). Во 2004 г. во издание на „Летра“ се појавува неговиот роман „Жена“. Потоа во 2005 “Пролетта на Живко Чинго”; 2010 “Благословена земја Климентова”; 2015 “Езеро, рибари и боемот” сите во издание на Ирис-Струга.
На 6 декември, 2019 година НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид писателот Коста Фортомароски го прогласи за почесен член на Библиотеката.
Посмртните останки на Коста Фортомароски утре од 13.00 до 13. 30 часот ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Охрид.
НУ Библиотека