24 септември, 2021 г.
Деновиве од печат се појави романот „Љубовта е ѕвезден сјај“ од Љубица Петреска – Чифлигароска, а во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.
Ковид пандемијата ги ограничи сите наши движења , па и настаните од културата се проретчија или се одржуваат со далеку помал број посетители и строги протоколи.
Наместо промоција во живо во нашата Прличева одаја денеска, на денот на 62 роденден на авторката, таа и официјално заминува во пензија и ја напушта дружбата со учениците и професијата – одделенски наставник објавуваме и споделуваме интервју со неа.
Љубица Петреска – Чифлигароска во него зборува за детството, определбата да стане учителка, доаѓањето од Скопје во Лескоец и Охрид и секако за сите свои уметнички љубови: пеењето, сликањето и пишувањето.
Со Чифлигароска разговараше Милчо Јованоски.
Љубица, сега кога условно завршувате едно поглавје од животот и влегувате во третото доба кое како што велат: Убаво е ако се осмисли и може да биде и најпродуктивно, дозволете да Ве вратам на оската Белица – Скопје – Охрид. Периоди во кои вие бевте подеднакво ангажирана и блиска со уметноста и пишувањето. Каде ги пронаоѓате тие Ваши корени во дружбата воопшто со книжевноста?
– Ќе почнам со Белица, Кичево, каде што сум родена и од каде ми се моите корени. Се родив во познатото семејство на Јордан и Бевцена Лозаноски кои имале шест деца. Меѓу нив бил и мојот татко Миладин Петрески. Тој се оженил со мојата мајка Синка Ристеска Петреска. Од нивната љубов сме се родиле две деца јас Љубица и мојот брат Љубе. Јас сум родена 1959 година во родната таткова куќа како што ми кажале на самото огниште во нашиот семен дом.Во село немам живеено многу долго на нецели мои три години сме се преселиле во Скопје од декември 1962 год. Таму, татко ми работел со булдожер во претпријатието Бетон. Но секоја година во летниот период редовно одевме на одмор по петнаесет дена во село. Тогаш им помагавме на нашите баби и дедовци во полските работи. За мене деновите поминати во село претставуваа секој за себе нова приказна. Затоа денеска во моите дела се среќаваат песни и раскази поврзани за Белица. Белица ми се чини дека е длабоко врежана во секоја моја клетка од моето тело. Секое спомнување и одење во Белица за мене е продолжување на мојот живот. Таму се полнам со позитивна енергија и ги оживувам моите спомени, а потоа лесно ги пренесувам на белиот лист хартија како песна или текст. Голем број од моите спомени се претставени и на моите платна – слики на кои се гледаат делови од мојот роден крај кој ме инспирира да почнам да ги изработувам не само сликите туку и куклите во народна носија. Тука започнува мојата поврзаност и живеење во Скопје. Таму, завршив основно, средно гимназија и завршив ПА Св. Климент Охридски“ одделенска настава во 1981 година. Додека одев во средно училиште почнав да членувам во литературната дружина во четврта година. Таа година со моите сокласници од литературната дружина настапивме на многу конкурси каде и освоив многу награди. Потоа продолжив со пишувањето поезија и дел од неа ја објавував во весникот СТУДЕНТСКИ ЗБОР, преку кој ме запознаа и професорите од педагошката академија.
По завршувањето на академијата веднаш се вработив 1981г. во ОУ„ Кирил и Методиј“ на замена пет месеци. Тоа беше мојата прва средба со првите ученици кои беа во четврто одделение. Дружбата ни беше прекрасна во тој краток период со многу убави спомени. Додека работев ми беше многу мило бидејќи тука го сретнав и мојот учител Димче Златески кој за мене беше идол на наставник што ме воведе во првите ученички денови. Тука се чувствував како да ме штитат крилата на мојот татко, бидејќи мојот учител го чувствував како мој втор родител. Со првата наша средба после долги години јас се почувствував како тогаш да заодев прво одделение. Пред да бидам примена во наставата го замолив да одржам во неговиот клас часови за да види дали може од мене да биде квалитетен наставник или да си барам друга работа каде би можела да го продолжам мојот работен век. Тој веднаш се сложи и ме внесе во неговиот клас каде на учениците ме претстави како нова наставничка. Часовите течеа толку природно како јас да сум ги учела децата дотогаш. Кога заврши смената мојот учител со радост и весела насмевка на лицето ми рече:
- Љубице верувај ми дека си родена за учителка и јас се гордеам што беше моја ученичка. Знам дека пред себе ќе имаш успешни генерации.
Неговата искрено искажана мисла јас ја сфатив толку сериозно што таа продолжи да ме води низ целиот мој работен век до пред скоро време. Во 1982 година мојот живот го доби моето трето место на живеење во Лескоец во Охрид. Тука се омажив и го формиравме нашето семејство со мојот сопруг Димитри и заедно си добивме две прекрасни деца кои се наша гордост.
Животот Ве донесе во Охрид поточно во Лескоец професионално се вложивте како одделенски наставник во ООУ „Кочо Рацин“. Колку генерации деца ја осетија Вашата педагошка но и мајчинска љубов?
По пауза од девет месеци се вработив во ОУ „Христо Узунов“ – Охрид како резервен наставник. Се најдов во нова средина непозната за мене но секако добро бев прифатена од моите колешки. Тука се сретнав и со мои две колешки со кои заедно студиравме во Скопје и така лесно го пребродив периодот на прилагодување во новата средина. Во тој период од 7 февруари, 1983 до први март заменував наставници кои беа отсутни или имаа потреба од слободен ден и редовно ја држев отворена библиотеката опслужувајќи ги сите ученици. Потоа ме испратија во ОУ„ Коле Неделковски“ во Велгошти на замена до јуни месец, бидејќи имаа потреба од замена додека колегата беше на боледување. Во септември 1983 година се вратив во матичното училиште како наставник во прво одделение на генерацијата 1983 /1984г. во училиштето во село Долно Лакочереј. Во периодот од јануари 1986 нашето училиште се осамостои се оддели од ОУ „Христо Узунов“ и го доби името ОУ„ Кочо Рацин“. Така продолживме како самостојно училиште да работиме. Јас во Долно Лакочереј работев до 23 февруари 1996 год. и ме префрлија во централното ОУ „Кочо Рацин“ каде ја продолжив мојата кариера до денеска.
Мојата педагошка но и мајчинска љубов додека работев ја осетија десет генерации ученици. Многу од нив денеска се доктори, адвокати, економисти, инспектори по криминалистика и многу други корисни професии. Од секоја генерација се наоѓаат слики во мојот дом во албумите- споменарите кои заедно ги изработувавме,така и денес можам да ги видам и да се потсетам како изгледаа кога дојдоа во прво одделение на нашата прва средба. Нашите комуникации продолжуваат и денеска преку електронските медиуми, не можеме лесно да се заборавиме.Јас продолжувам да го следам секој нивни чекор низ нивниот живот.
Имавте време и простор и таму вие да откривате таленти и да ги насочувате а чинам и сама да се охрабрите Вашите собрани раскази, стихови… да ги објавувате. Кога и како се осмеливте и колку е богато вашето книжевно творештво?
– Мојот прв почеток со сликањето беше во основното образование и продолжив да се надградувам во средното училиште. На секоја ликовна изложба во нашата гимназија Никола Карев редовно учествував со моите цртежи. Со сликањето се бавам и денес. Досега имав триесет самостојни изложби од 1987 година до 2012 година. Исто така, имав и групни изложби преку педесет во организација на Женски Центар „Бисера“ – Охрид. Сета таа активност беше до пред пет години, но моето творење продолжува и понатаму. Сите мои нои изработки можат да се видат на електронските медиум, најчесто на Facebook. Мојата љубов кон сликарството ја пренесов и на многу мои ученици кои се закитија со голем број награди додека ги учев. Во трета година моето школување го продолжив во гимназијата во Драчево каде се сретнав со моите другари од основно образование и нашата дружба ме поттикна да се зачленам во литературната секција. И денеска дел од тие песни ги имам напишано на машина за пишување, кои останаа како доказ за моето творење на поезија. Учествував на многу литературни конкурси меѓу средните училишта каде добивав голем број награди. Често пати учествував на поетски литературни читања во организација на Ж.Ц. Бисера од Охрид по повод Денот на мајката, Денот на таткото, Денот на просветителите Кирил и Методиј и Денот на Езерото. Во 2004 год учествува на поетското читање во Поградец во Албанија по повод одбележување на “ Денот на Езерото”. Во 2009 год. излегува од печат првото поетско дело, стихозбирката –“Маѓија на душата”, која е посветена на моето прво внуче Филип. Активно продолжив со учество и на многу други поетски литературни читања по кои се појави второто прозно дело “Копнежи сред соѕвездијата” во 2017 год. Во повеќе дела се појавувам како коавтор со свои прозни творби.
Учествував и во прозни и поетски дела кои се создадени од повеќе автори: “Прозни молитви” – 2011, “Од љубов со љубов за Македонија” -2011, “Одблесоци на Велгошти и Манастирот Света Петка” -2013, роман “Копнежи сред соѕвездијата” во 2017 год. Со моето активно поетско творење почнав кога тргнав на работа бидејќи често ми требаа драмски текстови за некои приредби и јас почнав активно да творам.
Пред нас е романот: „Љубовта е ѕвезден сјај“ кој поради Ковид пандемијата не може да се заокружи според Вашата замисла со промоција и широка средба со пријателите и идните читатели. Но, еве Вака преку ова интервју за веб порталот на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид би сакал да ни откриете дел од содржината на романот и колку време ви требаше тој да ја добие конечната форма?
-Мојот најнов роман „Љубовта е ѕвезден сјај“ веќе подолго време, околу две години се склопуваше дел по дел во моите мисли. Еден ден разгледувајќи го мојот албум со слики се потсетив на моите другари од детството. Се сетив за една моја соученичка но не ја откривам нејзината идентификација – која учеше во нашата генерација во основно, а живееше во Мајчин дом во Скопје. Тоа е домот за деца без родители. Се сетив како на еден час по македонски јазик додека наставничката побара да пишувавме состав за нашите родители таа напиша само неколку реченици.
–„Јас сум сама, немам родители.Тие пребегале во времето на војната во Егејска Македонија кога грчките војници ги протерувале Македонците од нивните домови во Егејска Македонија. Двајцата млади се засакале и се зеле. Сум се родила јас и кога сум имала две години се случила несреќата. Моите родители загинале во сообраќајна несреќа и јас сум сираче. Јас не знам што е мајкина прегратка или таткова кога мене ми е најтешко. Нема кој да ги избрише моите солзи и мојата тага“.
Нејзините зборови ми се врежаа длабоко во мојата глава и после толку многу години испливаа на површината на свеста и полека се вратија сеќавањата на девојчето кое заврши средно медицинско училиште и требаше да стане медицинска сестра во некоја болница, за да им помага на луѓето кои имаа потреба од неа. Но како секогаш судбината што си поигрува со луѓето таа наместо медицинска сестра работеше како келнерка во еден ресторан. Потоа и стана негувателка на ќерката на газдата на ресторанот и на крајот својата среќа ја најде во Германија како и многу млади денеска што бегаат од нашава држава за подобар живот. Книгава е напишана по вистинска случка до моментот на заминувањето на мојата пријателка во Германија. Потоа содржината го добива својот тек со пронаоѓање на својата среќа и во работата и во љубовта.
Книгата ја има во нашата библиотека и ќе биде достапна за читателите. Може ли да се најде во продажба и како заинтересираните ќе можат да стигнат до неа?
Секој заинтересиран читател книгава може да ја најде лично кај мене со јавување на телефон: 070249255 или во порака на е-маил: ljubicacifligaroska@hotmail.com , или на порталите facebook- ljubicacifligaroska и instagram со ljubica.cifligaroska На овие мои страници сите читатели можат да се запознаат и со моите други активности- рачни изработки и моите уметнички дела.
Обично авторите често во своите дела вметнуваат лични или искуства на нивни блиски или пак на лицата и настани за кои прочитале или слушнале преку медиумите и само ги надоградиле. До каде оди вашата фантазија? Дали сте реален или имагинарен раскажувач?
Во мојот прв роман “Копнежи сред соѕвездијата” точно се однесуваше на случки од мојот живот од детството, па се’ до мојата младост. Во овој втор роман „Љубовта е ѕвезден сјај“ започнав со една реална случка пак поврзана со моето детство и средношколскиот живот само гледан од друг агол, согледувањата на мојата колешка кои сепак јас ги донадградив откако таа замина за Германија и нејзината средба со младиот доктор кој исто така има македонско потекло. Во романот содржината е јасна само имињата се измислени. Секој читател кога ќе ја прочита книгата ќе сфати колку е битна хуманоста на луѓето што треба секој да ја поседува во себе.
Ве познаваме како личност во чија душа живее уметноста: пишувате, пеете, цртате. Колку оваа локална и поширока македонска средина Ви дала и ви отворила простор за вашите таленти. Ги препознала, наградила?
-Можам да кажам дека само Бог ме надарил со сите свои дарби: да пишувам, пеам, сликам и со мојата креативна рачна изработка. Во еден разговор со непознати луѓе кога разговаравме ми рекоа – Каква личност што и да побараме се кај тебе ќе најдеме.
Првите мои појавувања почнаа во РТС со моите снимки на изворните песни кои ги снимав со народниот оркестар. Заедно имавме десет годишна соработка, а потоа и самите знаете дека Македонската телевизија работеше само со мал круг на интерпретатори кои живееја во Скопје и така јас се оддалечив од песната. Искрено сум имала поткрепа од регионалните медиуми ТВМ и ТВ Морис почесто сум била нивни гостин со промовирање на мои книги или изложби со уметнички слики. Дури еднаш бев повикана и во ТВ Сител како нивни гостин во емисија водена од Силвија Јованоска каде ме претставија заедно со мои ученици со кои претставувавме нова ликовна техника. Додека постоеше Радио Охрид повеќе пати бев гостин.
Најмногу награди и признанија имам од мојата професионална работа. Учествував со многу мои ученици на многу ликовни конкурси во државав и надвор од неа и за секое учество од 1976 па до сега имавме освојувано преку 500 Дипломи, Благодарници и Сертификати, како и три награди од Битола за најдобра колекција –Гран При на Детската ликовна изложба Фолклорот наша трајна инспирација. Дури имавме добиено и четири сребрени медали од Каиро за изработка на кукли во народна носија од отпадни материјали.
Инаку награди од локалната средина немам добиено, дури и кога пред неколку години поднесов докази за освоени награди во општина Охрид и се борев за Климентова награда, се прашував дали е таму се регуларно, но дознав дека документите не беа ни разгледани. Па си донесов заклучок дека ако на некого не му е Охрид родното место или не ти е звучно презимето, јас за нив бев само Љубица Чифлигароска која работи како просветен работник и ништо друго.
Кога интервјуво ќе биде пласирано до медиумите – на 24 септември Вие ќе го славите 62 роденден и официјално ќе кажете збогум на училиштето.
-Точно така е на 24 септември јас ќе го прославам мојот 62-ри роденден и ќе се збогувам со катедрата и учениците, ќе заминам во пензија со гордо крената глава бидејќи им бев од корист на многу генерации. Но можам да кажам дека голем број на ученици кои поминаа во мојот работен наставен процес вечно ќе се сеќаваат на нашата дружба и заедничките среќни спомени. Исто така и тие ќе останат засекогаш дел од мојот живот бидејќи додека тие растеа јас со нив стареев.
Имате ли план како ќе го минувате слободното време и како ќе ја компензирате и со кого ќе ја споделувате љубовта и енергијата кон децата и откривањето на нови сознанија?
-Секако мојот план е и понатака да останам активна како на творечкото поле како создавање на нови дела како проза, поезија и драмски текстови за најмалите, а може и за големите. Сликарството ме исполнува и се надевам дека здравјето добро ќе ме служи да насликам уште многу дела со кои ќе можам да се појавувам во јавноста. На сите мои ученици им посакувам да бидат успешни во нивните одбрани професии ни помалку ни повеќе барем колку што бев успешна и јас.
НУ Библиотека