21 април,2021 г.
Во пресрет на 23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и Здружението за промоција на култура, спорт и образование „Младински културно образовен центар Соната “ – Охрид, потпишаа Меморандум за соработка.
Целта е преку воспоставување и спроведување заеднички Проект: „Да читаме, раскажуваме и да откриваме нови светови“ да се популаризираат книги, автори и читањето меѓу младите, но и меѓу сите вљубеници во литературата, велат потписниците на Меморандумот вд. директорката на Библиотеката Гордана Змејковска и претседателот на Здружението „Соната“ Даниел Наумовски.
Проектот ќе се спроведува во текот на една година. Активностите ќе се одвиваат онлајн на Интернет и преку социјалните мрежи. Замислата е еднаш месечно да има онлајн средба на која ќе се разговара на теми од литературата, со нагласок на македонските автори и книги во годината во која се одбележува 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
Координатор на проектот од „Соната“ е Сара Коваческа а од НУ Библиотека м-р Милчо Јованоски. Тие двајца заеднички ќе ја осмислуваат програмата за секој месец одделно. Во Проектот ќе бидат вклучени и други членови на здружението и библиотекари од НУ Библиотека – Охрид.
Онлајн средбите ќе се одвиваат под мотото „За вкусовите се расправа“. Првата е закажана за утре – четврток од 19 часот и разбирливо ќе биде посветена на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
Настанот ќе се одвива преку апликацијата Зум и е отворен за сите заинтересирани.
Лозинката за директен влез во настанот е:
https://us04web.zoom.us/j/72777539103?pwd=Y0IzUWlDVXljMk9KdWtvbkJ3SHNjdz09