Вчера, на 62-годишна возраст, почина д-р Симона Мартиноска, редовен професор на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид и роднокраен автор.
„Со длабока тага и неизмерна почит се простуваме од нашата драга професорка и колешка, проф. д-р Симона Мартиноска.
Факултетот за туризам и угостителство – Охрид изгуби почитуван професор, посветен научник и, пред сè, прекрасен човек, кој остави неизбришлива трага во нашата академска заедница.
Со своето знаење, професионалност и долгогодишна посветеност на образованието и науката, професорката Мартиноска даде драгоцен придонес во развојот на нашиот Факултет и во образованието на бројни генерации студенти.
Но, покрај нејзините професионални достигнувања, ќе ја паметиме и по човечноста, колегијалноста и добрината со кои ги збогатуваше нашите заеднички години“, се вели во објавата на ФТУ, споделена на социјалните мрежи.

Д-р Симона Мартиноска беше соработник и на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.
На 13 јуни минатата година, во Прличевата одаја, ја промовиравме нејзината збирка раскази „Ткаенина на животот“.
Во таа пригода д-р Мартиноска рече:
„Кога започнав да пишувам, не знаев што ќе напишам, како тоа ќе изгледа, ниту дали воопшто ќе има некоја завршна форма или содржина. Само знаев дека сакам нешто да ставам на хартија што одамна го носам во себе. И така започнав, без намера или замисла за некакво споделување или објавување. А најмалку со умисла дека сум некаков писател, ниту тогаш, ниту сега… Потоа се охрабрив да им дадам нешто да прочитаат моите најблиски. Не можев да се изначудам кога побараа да прочитаат уште. Тоа ме поттикна нешто да излезе и надвор од мојот дом. Па така, изненадувањето беше уште поголемо кога и овде сретнав заинтересираност за ’уште‘. Напишаното е ткаенина создававана меѓу сенките на вчера и денес, на што се надоврзуваат испреплетени светови, реални и надреални, а сето тоа го оформува мојот став кон денешната моја стварност“, рече авторката д-р Мартиноска.

Меѓу кориците на „Ткаенина на животот“ се сместени 52 раскази, поделени во два дела. Преку исклучително вештата нарација, Бојаџиева – Мартиноска го внесува читателот во „нејзините чевли“, овозможувајќи му, речиси несвесно, да патува заедно со неа низ нејзините топли приказни и да се врати во едно друго, поубаво време.
Вториот дел од книгата содржи раскази што авторката ги „собрала“ на патот од пубертетот до зрелите години. Тоа се навидум едноставни теми од секојдневието, а всушност длабоки и филозофски приказни. Станува збор за слушнати, раскажани, прераскажани или доживеани искуства.

Во јуни годинава, д-р Мартиноска беше застапена со свој расказ и во новото издание на Годишниот поетско-прозен алманах на роднокрајните автори. Присуствуваше и на неговата промоција, заедно со своите колеги писатели од Охрид.
НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид изразува искрено сочувство до семејството на д-р Мартиноска, со уверување дека нејзините раскази ќе продолжат да живеат на полиците на Библиотеката и да сведочат за нејзиниот талент за пишување.
Погребот на проф. д-р Симона Мартиноска ќе се одржи денес, 7 ноември, во 14:30 часот, на Градските гробишта во Охрид.
НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид











