26 мај, 2025 г.
Во среда на 28 мај ООУ „Христо Узунов“ од Охрид НУ Библиотека „Григор Прличев“ заедно ќе ја промовираат првата стихозбирка од Марија Тодороска под наслов „Соѕвездие во мислите на Марија“.
Марија Тодороска е ученичка во деветто одделение во ООУ „Христо Узунов“.Таа е нежна и чувствителна девојка и тоа е она што е одлика и на првите, но и на подоцнежните нејзини стихови.
-Стихозбирката е составена од 18 песни за деца и возрасни со различни мотиви и еден краток предговор. Младата авторка мотивите ги црпи од секојдневието, од луѓето со кои е окружена, природата, градот… Се работи за детска поезија, без претерана стилска тежина, но повеќе содржинска (смисловна), велат одделенската наставничка Катерина Златева и наставничката по македонски јазик Христина Стојаноска. Тие двете го препознале и заедно со семејството го граделе талентот на Марија до мигот на издавањето на стихозбирката.
На промоцијата свои обраќања ќе имаат и в.д директорката на библиотеката Христина Трпеска и директорката на училиштето „Христо Узунов“ Марина Ѓоргоска.
Марија и нејзини соученици ќе читаат песни од стихозбирката а учениците Драгана Блажеска на гитара и Димитри Алоски на кларинет ќе изведат две композиции.
Настанот ќе се одржи во среда 28 мај, во 12 часот во Прличевата одаја на библиотеката и е отворен за сите љубители на поезијата и творештвото на младите.
НУ Библиотека