15 април, 2025 г.
По повoд 45 годишнината од смртта на познатиот македонски писател Ванчо Николески, претставник на првата повоена генерација македонски творци за деца и млади вчера НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид гостуваше во ООУ „Ванчо Николески“ во Лескоец .
Библиотекарите Бети Лазеска – Симоноска и Милчо Јованоски заедно со в.д директорката на библиотеката Христина Трпеска два часа другаруваа со учениците од шесто одделение и нивната наставничка по македонски јазик Емилија Блажеска.
Директорката Трпеска одблиску ги запозна учениците со поставеноста и историјатот на Градската библиотека како што и денеска ја викаат нашите сограѓани која е дел од крвотокот на Охрид. Таа е култно место за сите генерации, рече Трпеска и додаде:
– На нејзините полици „живеат“ илјадници дела, автори и животни вистини и имагинарни ликови кои чекаат некој да ги земе и да ги прочита. Книгата се чини ја надживеа и брзата технолошка ера. Мирисот на книгата не може да се замени со модерната технологија на која може и да се чита ама чувството не е и исто ко она кога ќе се влезе во храмот на книгата и уште повеќе кога со задоволство ќе читате и ќе ги прелистувате страниците, рече Трпеска и ги покани учениците да ја посетат Библиотеката.
Библиотекарот Бети Лазеска – Симоноска ги потсети учениците на богатата биографија на Николески, кој не случајно е и патрон на ова училиште со оглед на тоа што еден период работел и како учител во училиштето во село Косел. Таа рече: – Ванчо Николески е роден во селото Црвена Вода, Охридско на 10 јуни 1912 година. Основно училиште завршил во родното село, гимназија во Охрид, а учителска школа во Скопје. По завршувањето на учителска школа, тој учителствувал во многу села низ Македонија.
По ослободувањето на Македонија, Николески работел како новинар и уредник на весникот „Титов пионер“ и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола и Радио Охрид Од 1950 година бил член на Друштвото на писателите на Македонија.
За своето книжевно творештво, Николески бил добитник на повеќе книжевни награди, меѓу кои и наградите: „11 Октомври“ „Климент Охридски“ и „Младо поколение“.
Неговите дела се преведени на сите југословенски јазици, а тој самиот се занимавал со преведување од српски и од руски јазик. Во негова чест, Друштвото на писателите на Македонија ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади.
Николески спаѓа во основоположниците на македонската книжевност за деца и нејзин најистакнат претставник во периодот непосредно по Втората светска војна. Своите први поетски творби ги објавил во детскиот весник „Титов пионер“. Негови најпознати дела се:
„Македонче“ (прва збирка песни за деца на македонски јазик, 1946)
„Мице“ (поема, 1947)
„Школско ѕвонче“ (песни, 1947)
„Прва радост“ (песни, 1947)
„Бабино вретенце“ (песни, 1948)
„Крај огниште“ (песни, 1948)
„Дедови приказни“ (песни, 1950)
„Шарено торбиче“ (песни, 1950)
„Татковина“ (песни, 1950)
„Мое село“ (песни, 1950)
„Чуден свет“ (песни, 1952)
„Чудотворен кавал“ (раскази, 1952)
„Мојот ден“ (сликовница, 1952)
„Стани, Коле“ (песни, 1952)
„Братска дружба“ (приказни и бајки, 1953)
„Четиринаесет илјади ослепени“ (историска поема за времето на Цар Самоил, 1954)
„Приказни и бајки за деца“ (1955)
„Чудни случки“ (раскази, 1958)
„Цвета смета“ (сликовница, 1960)
„Волшебното самарче“ (роман, 1962)
„Приказни од моето село“ (раскази, 1964)
„Гоце Делчев“ (роман, 1964)
„Чуден дедо“ (песни, 1964)
„Под виорното знаме“ (роман, 1967)
„Приказни од волшебната куќичка“ (раскази, 1970)
„Малиот ловец“ (раскази, 1970)
„Станко спанко“ (песни, 1972)
„Ѕвездени вечери“ (песни, 1973)
„Рачко плачко“ (песни, 1973)
„Крвави години“ (хроника-роман)
„Жива книга“ (раскази, 1978)
Починал во Охрид на 15 април 1980 година на 67 годишна возраст.
Библиотекарот, м-р Милчо Јованоски на учениците им прераскажа неколку анегдоти сврзани со животот на писателот Николески, кој најголем дел од животот го помина во Охрид. Тој одблиску ги запозна со фондот книги кои се дело на Николески а ги поседува Библиотеката и истовремено им предложи на нашата веб страница да го побараат и да го слушнат аудио записот од романот „Гоце Делчев“ на Николески , реализиран во продукција на охридската Библиотека уште во 2016 година.
Учениците имаа можност да ја слушнат 13 глава од романот под наслов „Чудниот трговец“ со нарација на нашата колешка Сузана Стојкоска.
Можеме да се пофалиме рече Јованоски дека двата дела кои само пред нецели четири години се поставени на каналот YOU TUBE на Библиотеката се слушнати близу 20 000 пати.
На средба со директорот на училиштето Сашо Климоски и педагогот Весна Терзиоска беше договорена идна почеста и уште поплодна соработка меѓу двете институции.
НУ Библиотека