10 април, 2025 г.
-Со оваа книга авторот Костески навлегува длабоко во суштината на писмените знаци, етимиологијата на зборовите, слоговите и буквите. На тој начин ни открива нови светови во сферата на книжевноста, македонската писменост и култура , поврзани со Светото писмо, рече на чинот на отворањето на промоцијата Христина Трпеска, в.д. директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“.
Денеска имаме ретка прилика да промовираме една необична книга, која веројатно за многумина ќе биде прифатена како енигма, како пукање во празно, а за оние кои ќе успеат да навлезат во нејзината содржина, ќе пронајдат многу интересни содржини, при што, ова издание ќе биде сфатено како мал чекор кон едно големо откритие во областа на лингвистиката. Самиот наслов на делото „Аз,буки,веди – тајната на Словото“ покажува дека се работи за дело од областа на пишаниот збор, но со придружни атрибути од повеќе области во нашата (словенската) книжевна историја. Имам особена чест да ви го претставам делото под наслов „Аз,буку,веди – Тајната на Словото“ од авторот Григор Костески, чие име и презиме во анаграмот на покојни Тоде Илиески значи Горски гротески. Не случајно го спомнав анаграмот „гротески“ – кратки прказни кои содржат фантастични прикази на појави или личности, зашто и авторот на оваа книга, навлегува во (сега засега) само за него познат свет во толкувањето на пишаниот збор. Но тоа нема да остане така. Авторот се надева дека поширок круг на читатели и љубители на книгата, ќе ја сфатат неговата мисија и содржината на оваа мало книџе и ќе се приклучат кон натамошната надградба на неговите тези и ќе ја прифатат методологијата на работа на авторот.
Григор Костески, по вторпат се јавува пред читачката публика со свое дело, по објавувањето на неговата прва збирка на песни „Горски гротески“ пред неколку години. Тој, на патот на своето натамошно образование, не се определил за книжевност, за нешто мисловно и истражувачко, туку, напротив, , за нешто конкретно и видливо во просторот, а тоа е архитектурата. Фати да се занимава со сликарство, со резбарство, создаде дела кои засега лежат во подрум, далеку од јавноста, ама сепак, неговиот внатрешен духовен немир го принуди да се ориентира кон откривањето на нови светови и нови вистини, никаде не кажани и невидени, сврзани за пишаниот збор – за Словото. Штом јас творам, значи живеам, постојам (а, велат не нема) – пишува авторот во својот предговор кон оваа книга.
Духот ме поткрепи, вели тој: Ајде да работиме – полето е преубо. И, на тој начин, тргнува во офанзива сам, да го открие непознатото и да го предаде на новите генерации како културно благо. А, (рака на срце) и беше предизвикан од новите, би се рекло, тектонски движења во негувањето на нашиот македонски јазик, кога политиката ги вмеша прстите и дозволи други да го негираат македонскиот јазик и да го ништат нашиот идентитет, култура и многувековна традиција. Иронијата да е поголема, авторот, кога се одлучи да ја обзнани идејата да ја напише оваа книга, се обратил до Институтот за македонски јазик и побарал совет и консултација за неговата намера, бил игнориран, не наишол на прием и не наишол на соговорник со кого ќе ја сподели неговата идеја. Сепак, авторот не се разочара од таквата постапка и продолжува со својата натамошна активност на овој план, да ги разбие таквите стериотипи и недоверба кон новите сознанија.
Книшкава е мала – само 48 страници. Но, тоа не значи дека така и ќе остане. Идејата на авторот е таа да биде прифатена од сите како домашно четиво, да се усовршува и надградува со нови поими и содржини кои, на своевиден начин ќе го прикажат богатството на нашиот јазик.
Што е суштината на оваа книга? Сé се врти околу Словото. Словото беше почеток и ништо не е изгубено. Првата реченица од евангелието на Јован вели:Во почетокот беше Словото. И Словото беше во Бога и Бог беше словото!
Според Библијата, зборот божји е зародиш на постанокот и движењето на историјата. И стариот и новиот завет се отвораат преку божјиот збор кој ја раскинува тишината. Така и зборот меѓу луѓето станал суд: Те држам за зборот!
Основата на оваа книга е откривањето на значењето на зборовите според слоговите. Во почетокот е даден еден вид речник, водич или слоговник, кој помага да ја откриеме суштината или значењето на одреден збор. И покрај тоа што и јас сум еден од соработниците, ова дело да ја види светлината на денот, за мене остана нејасна методологијата и принципот на работа на авторот, во откривањето на значењето на одредени поими. Тоа веројатно ќе го чуеме денеска, откако ќе го проследиме излагањето на авторот Григор Костески. Овде, во основа, се работи за дело од областа на лингвистиката – пишаниот збор, меѓутоа, тука е вклучена и семантика, и енигматика, и асоцијација, и метафизика, и религија. Рековме дека ова е само почеток на една нова методологија на откривање на постанокот и значењето на зборовите. Авторот ја бара вашата помош, во рамките на вашата интелектуална и образовна способност, да се приклучите во откривањето на нови толкувања на зборовите и содржините, така што, (како што вели авторот) треба да очекуваме, второто издание на оваа книга да надмине повеќе од 300 страници.
И на крајот да заклучам дека се роди нов Тентов (бог да го прости) кој на нему својствен начин ја толкува етимологијата на зборовите, авторот кој со нетрпение ја очекува вашата реакција, со надеж дека ќе му се приклучите во неговата мисија и оваа книшка да го доживее своето второ издание со побогата содржина. Книгата, како што забележавте, нема рецензент, а рецензент може да биде секој од вас, доколку се вклучите во мисијата што ја покрева авторот Григор Костесни со оваа книга под наслов „Аз, буки, веди – Тајната на Словото“, рече промоторот м-р Димитар Смилески.
Во кусото образложение пред присутната публика во Прличевата одаја авторот Костески рече:
-Многупати помислив да се откажам, но секој збор ме радуваше како мозаик, од подалеку се гледа поубаво. Брзав да се пофалам, барав поддршка ама и радоста да ја поделам. Сите беа скептични. Да, не е готово. Словото бара потемелна работа, соработници. Сам се борев со себе дека не сум доволно стручен , но еве успеав. Книгата е пред вас, рече Костески.
НУ Библиотека