28 март, 2025 г.
Денес во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше промовирана збирката раскази „Пред црковните порти“ од Смиле Наумоски – Брсјак. Промотри беа проф. д-р Кристина Николовска и м-р Милчо Јованоски а извадоци од расказите читаше Александра Алексијевска.
Промоцијата ја отвори в.д директорката на Библиотеката , Христина Трпеска:
-Среќни сме и почестени пред се’ со Вашето присуство и секако со присуството на нашиот познат охридски и македонски писател и поет Смиле Наумовски – Брсјак кој преку своето плодно творештво е познат и надвор од Македонија
Да потсетиме на 25 март точно пред 165 години, во далечната 1860 година на традиционалниот конкурс за поема, што се одржа во Атина, нашиот патрон македонскиот поет и преродбеник Григор Прличев добил „Ловоров венец“ за поемата “Сердарот”.
По тој повод заедно со Општина Охрид денес ја организираме промоција на збирката раскази „Пред црковните порти“ од Смиле Наумоски – Брсјак.
Меѓу кориците на оваа книга на Брсјак, треперат дваесет приказни на границата меѓу доброто и злото, сонот и реалноста, стварноста и илузијата, можното и неможното, реалното и посакуваното.
Промоторот проф. д-р Кристина Николовска, кажа: – Наумовски развива раскажувачки универзум , достојно чекорејќи по патеката на грандиозните великани на македонската раскажувачка и творечка реч, рамо до рамо со зборот . со мислата му густа, речта му виртуозна кои го водат , а нас не’ водат “пред портите на храмот“ Божји.
м-р Милчо Јованоски се осврна на расказот „Леонардина“ кој е дел од збирката и рече: – „Леонардина“ е една вонвременска парадигма на Адам и Ева на моќта и немоќта на човекот да се бори против сопствената природа, пол, тело, желби и страст.
Наумоски мошне вешто својот лик го гради и го „шета“ низ вековите и годините, децениите , очигледно сакајќи да ни каже дека Леонардина живеела, живее и ќе живее и овде и таму и тогаш и сега и некогаш далеку во иднината.
Расказот „Леонардина“ откако ќе го прочитате сигурно нема да ви ги одгатне сите пориви, нема да ви ги разреши сите прашалници кои ќе ви се родат во главата, но сигурен сум ќе ви отвори нови визури за бесконечноста на Универзумот и човекот во него.
Авторот Смиле Наумоски – Брсјак рече: – Книгата раскази „Пред црковните порти“ блесна со растајнувањето на една невидлива болест преку потресна, внатрешна историја на болката.
Победата над ѕверот во себе, како врвна победа над сите можни болести, потресно нѐ потсетува и освестува дека не сетено сме станале несвесни зависници.
И тоа, замислете: зависници од хаосот! Потчинети на своите зависности и поразени од самите себеси…
Корица е дело на мојот за жал покоен пријател д-р Драган Спасески-Охридски. „Распетие на љубовта“, 1998. Масло на платно, рече Наумовски – Брсјак , заблагодарувајќи им се на присутните.
НУ Библиотека