23 октомври, 2024 г.
НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид утре – четврток организира јубилејна книжевна средба со поетот, есеист, критичар, преведувач и публицист Бранко Цветкоски, по повод 70 години живот и 50 години творештво.
Беседници ќе бидат неговите колеги – поетите: Санде Стојчевски и Славе Ѓорѓо Димоски а модератор и актер ќе биде Роберт Вељановски.
Средбата ќе се одржи во големата сала на Општина Охрид во 12.00 часот, а е поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.
Бранко Цветкоски роден е во Слатино, Охридско, 21 јуни 1954 година.
Завршил Филолошки факултет на универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје. Работел како новинар во весникот „Нова Македонија”, бил главен уредник на Книгоиздателството „Култура“, секретар на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на манифестацијата „Рацинови средби”, директор на Македонскиот народен театар, уредник и главен уредник на списанието „Стремеж“, еден од основачите на Балканската книжевна фондација „Балканика“, основач, директор и главен уредник на издавачката куќа „Макавеј“ и списанието „Книжевно житие“, уредник – продуцент во Македонската информативна агенција (МИА), член на уредувачкиот одбор на едицијата „Македонска книжевност во 135 тома“ и на едицијата „Превод на литературни дела што добиле Нобелова награда“, како и директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Живее во Скопје.
Цветкоски е член на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија, почесен член на Сојузот на бугарските писатели, член на Словенската литературна и уметничка академија со седиште во Варна (Бугарија) и нејзин координатор за Македонија, член е на Академијата на убавите уметности – Вевчани. Учествувал на книжевни фестивали, книжевни средби и на собири на интелектуалци низ Европа.
НУ Библиотека